Костадиновски: За СДСМ и Николовски се несфатливи успешните проекти
За вашата матрица се неразбирливи успешните проекти и затоа постојано плукате по нив. Но, наближува датумот за изборите кога граѓаните и земјоделците ќе ви покажат каде ви е местото, му порача денеска заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски на дополнителниот заменик Љупчо Николовски.
Осврнувајќи се на прес-конференцијата на Николовски кој обвини за наводни делења пари од тендерските постапки за реконструкција на браната Пишица и за изградба на пристапниот пат до браната Речани на Оризарска река на одредени медиуми, Костадиновски напомена дека Николовски објави документи, но не кажа дека со двата тендера, преку системот за јавно наддавање, во фер и транспарентна постапка, се заштедени 3,35 милиони евра.
– Со заштедата од овие две тендерски постапки се склучени договори кои ќе бидат голем бенефит за жителите на Кочани, Зрновци, Чешиново, Облешево,…, посочи заменик министерот.
Владата, додаде Костадиновски, е свесна дека СДСМ во отсуство на идеи, конкретни решенија ќе продолжи со обидите да внесува вознемиреност и правна несигурност кај јавноста, но проектите продолжуваат со несмалено темпо, јавно и транспарентно.
Како што објасни Костадиновски, во постапката за реконструкцијата на браната Пишица почетната цена била 69 милиони денари, но со јавното наддавање се намалила на 48 милиони што е заштеда од 20 милиони денари исто колку што е проектираната сума за модернизација на земјоделските стопанства преку набавка на механизација. Во случајот, пак, со изградбата на пристапниот пат до браната Речани, заштедени се дополнителни три милиони евра.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа