Милошоски: Преодната Влада има историска улога во независна Македонија

Пратеникот Антонио Молошоски вечерва во расправата по експозето на премиерот на преодната Влада нагласи дека таа се избира во многу важен период за Македонија, период определен со товарот на политичката криза што некој ја создаде пред околу една година.  

Како што потенцира Милошоски, изборот на преодна Влада воедно значи политички подадена рака кон опозицијата, како и кон сите што се сомневаат, од кои било причини, во легитимитетот на Собранието. 

- Главните задачи на преодната Влада ќе бидат стабилизацација  на таа политичка криза и раководење со институциите, воспоставување институционална рамнотежа за да можеме да стигнеме до оној важен момент - следните избори, каде што граѓаните ќе ја донесат својата одлука, посочи Милошоски.

Преодната Влада, додаде, има историска улога во независна Македонија, зашто се избира првпат, а својата кредибилност треба да ја покаже со своето дејствување - работа во интерес на сите граѓани, работа со сите институции и она што го истакна мандатарот Димитриев, поддршка на ДИК да најде добра можност за спроведување на следните парламентарни избори.

- За жал, првпат имаме и еден парадокс, политичката партија што бараше формирање преодна влада, вечерва не е присутна во Собранието. Но, тоа говори за кредибилноста на тие што имаа такви политички барања, рече Милошоски.

Тој оцени дека стабилното работење на преодната Влада и создавањето добри услови за избори може да создаде и многу добра шанса за, како што рече, нашата одамна заслужена и очекувана препорака за почеток за преговорите со ЕУ.

Милошоски во расправата порача дека ако досегашните министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика не ги потпишат заклетвите, иако се должни, тогаш, Димитриев од вечерва нема да биде само премиер, туку ќе биде и министер за внатрешни работи, како и министер за труд и социјална политика.

- Оваа преодна Влада со поддршката на Собранието и очекувањата на граѓаните ќе успее на соодветен начин да ја надмине и да ја преброди политичката криза која треба да заврши со мирни, чесни, достоинствени и демократски избори кои ќе бидат израз на волјата на народот, подвлече Милошоски. 

 
 
18.01.2016 - 23:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега