Сијарто: Mора да се почитува волјата на македонскиот народ дадена на избори

– Министерот за надворешни работи на Унгарија и еден од највлијателните членови на Советот на Европската унија, Петер Сијарто, утринава во Брисел упати јасна порака за политичките случувања во Македонија лоцирајќи ја одговорноста во редовите на опозицијата, јави дописникот на МИА од Брисел. По утринскиот работен појадок што Сијарто и неговиот австриски колега Себастијан Курц го организираа за евроинтегративниот процес на Македонија, покрај останатите шефови на дипломатиите на ЕУ-земјите, беа присутни и македонскиот вицепремиер Фатмир Бесими и министерот за надворешни работи Никола Попоски.

По завршувањето на состанокот, Сијарто во име на ЕУ побара да се почитува волјата на македонскиот народ кој гласал за сегашната Влада, а тој посочи и дека “тоа што македонската опозиција не сака раби избори, доволно говори за сегашната ситуација”.

– Утринава имавме појадок на пријатели на Македонија со цел да ја покажеме нашата посветеност на сегашната македонска Влада во поглед на евроинтеграцијата на земјата и притоа би сакал да истакнам неколку кратки факти. Првиот е дека интерес на земјите-членки на ЕУ е Македонија да биде успешна во интеграцискиот процес во ЕУ. Втор факт е дека сегашната Влада на Македонија има направено многу со цел да биде успешна во евроинтегративниот процес. Трето, Македонија неодамна одигра многу позитивна улога кога станува збор за мигрантската криза. Всушност, Македонија одигра попозитивна улога од некои други земји-членки на ЕУ, кога станува збор за зголемениот проток на миграција кон централниот дел на Европа, посочи Сијарто на почетокот.

Унгарскио шеф на дипломатијата беше посебно конкретен кога станува збор за политичката криза во земјата.

– Четврт факт е дека мораме да ја почитуваме волјата на македонскиот народ. А, македонскиот народ гласаше за оваа Влада на четири избори по ред. Сегашната Влада не освои власт и позиција на лотарија, туку на парламентарни избори. Сите ние, не само членките на ЕУ, туку и европските институции мора да го почитуваме овој факт дека оваа Влада ја освои власта на парламентарни избори, дециден е Сијарто.

Како последна точка во неговиот прв настап на прес-конференцијата по состанокот, министерот за надворешни работи на Унгарија го издвои и однесувањето на македонската опозиција во земјата и нивното опструирање на договорот од Пржино.

– Мојата последна поента е дека ситуацијата е многу чудна во Македонија, бидејќи опозициската партија не сака рани избори што е можно побрзо. Мислам дека тоа многу кажува за сегашната ситуација, посочи Петер Сијарто.

Унгарскиот министер беше искрен и за тоа како ЕУ може вистински да помогне да се реши ситуацијата во македонската држава:

– Мое мислење или мој став е дека ЕУ треба да ја поддржува сегашната администрација да го надмине овој вид на кризна ситуација. До опозицијата е да одлучи дали сака да учествува во работата на Парламентот или не. Според нашето мерење, силата на демократијата не може да се мери на тоа дали опозицијата сака да учествува во работата на Парламентот или не и мислам дека тоа многу, многу кажува дека главната опозициска партија се обидува да го одложи датумот за предвремени парламентарни избори од време до време. Тоа многу кажува, дециден е Сијарто.

Неговиот австриски колега Себастијан Курц, исто така го поддржа мислењето и ставот на унгарскиот министер. – Ние сите се согласивме дека ни треба целосна имплементаицја на политичкиот договор што беше посредуван од Јоханес Хан во минатите недели и опозицијата мора да го поддржува исполнувањето на договорот. Сакам да ја искористам можноста да и се заблагодарам на Македонија за многу позитивната улгоа што ја игра во бегалската криза. Тоа многу и помага на земја како Австрија, Германија или Шведска. Сите се согласивме на состнаоко дека треба да ја искористиме 2016 година за да добиеме вистински прогрес на интегративниот пат кон ЕУ на Македонија, истакна Курц.

Македонскиот шеф на дипломатијата Никола Попоски им се заблагодари на унгарскиот и на австрискиот министер за надворешни работи за организирање на овој настан и порача дека “Македонија доби седум позитивни препораки да започне со пристапните преговори и ниту еден од нив не и дозволил на земјата да се посвети на овој процес”.

– Веруваме дека е време да се донесе до највисоко ниво кредибилитетот на европската интеграција и ова дефинитивно ќе биде важно за политичките процеси во земјата. Од таа страна, ЕУ инвестираше многу енергија во тоа да се има политички договор што ќе ни дозволи да имаме парламент со целосен обем, да продолжиме со реформите, вклучително и членовите на најголемата опозициска партија не само во парламентот, туку и во критичните владини позиции и да се обезбеди транзициски период за подготвка на избори. Изборите, според овој договор треба да се одржат на 24 април и ние веруваме во успешно спроведување на изборите, што ќе може да ја засили позицијата на европска страна и дефинитивно да започнеме со пристапниот процес во 2016 година. Тоа ќе биде од корист на двете, на европските данокоплаќачи и на македонските граѓани, бидејќи Македонија покажа капацитет да биде кредибилен партнер, истакна Попоски.

Шефот на македонската дипломатија, исто така додаде дека миграциската криза е друго сериозно прашање на кое Макеоднија покажала капацитет и кредибилитет да се справи со големио предизвик. Според Попоски, над 800 илјади лица минале низ македонска територија кон Европа и дека ако се сака да се справи со ова, дефинитивно е потребен европски одговор.

– Покажавме капацитет да ја контролираме нашата граница. Го намаливме до минимум нивото на нелегални преминувања, имаме физичка бариера за опструирање на начинот за нелегален премин и шверцување на луѓе. Исто така, дозволивме тие да бидат примани на точки за прием, каде може да бидат регистрирани и потоа, според легислативата и нивните права ги процесуираме понатаму или ги враќаме во нивната земја на потекло. Ова е нешто што го покажавме последните месеци што можеме да сториме, оти беше многу важно да добиеме помош од некои земји-членки на ЕУ во поглед на испраѓање на полицајци, опрема и тренинг. Крајна линија е дека што можевме, ние сторивме и покажавме дека може да се стори, па сега е само прашање на утврдување дали Европа сака да се справи со ова прашање на безбеден и хуман начин. Ние веруваме дека ако го сакаме тоа, тогаш можеме да го постигнеме, посочи Попоски.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бесими, пак рече дека на денешниот појадок со земјите-членки на ЕУ е разговарано во однос на македонската европерспектива, имплементацијата на политичкиот договор и итните реформски приоритети и подготовка за предвремените парламентарни избори.

– Важно е што присутните од земјите-членки на Унијата кажаа дека е значајно имплементацијата на политичкиот договор и Македонија да има фер и дмеократски избори, како и да продолжи со реформската агенда. Во наредниот период е важно што ќе се разгледаат можностите за отворање на преговорите за членство во ЕУ, истакна Бесими.

Покрај шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ и македонските министри Бесими и Попоски, на денешниот рбаотен појадок во хотелот “Софител” во Брисел, присуствуваше и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан. Подоцна, тој изјави дека очекува од македонските политички партии да се држат до договорот од Пржино и да договорат датум за организирање на предвремените парламентарни избори во земјата

 
 
18.01.2016 - 17:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега