Тања Каракамишева: Организираната хајка против мене нема да ме замолчи
Универзитетската професорка, Тања Каракамишева-Јовановска не смета дека погрешила што ја напишала колумната за иселувањето ан младите, која предизвика лавина реакции во Јавноста. Напротив, оценува дека обидот да испровоцира деба за оваа тема бил успешен.
-Не ни очекував, ниту пак искрено сакав да биде поинаку. Знаете и самите под каква лупа со години наназад сум ставена поради моите ставови кои очигледно им сметаат на одредени политичко-платенички кругови. Па што ако им сметаат? Нека им сметаат и понатаму. Потребата да ме замолчат преку уцени, директни закани и лични дискредитации не е нова. Таа трае подолго време, и не очекувам дека ќе престане. Но, моите ставови се уште ги има, и уште посилно ќе ги има. Притисоците и заканите што ми ги испраќаат да замолчам се упатени на погрешна адреса, вели Каракамишева-Јовановска во интервју за Прес24.
Таа смета дека работа на еден универзитетски професор е да ги кажува состојбите како што се, а не да калкулира со своите ставови дали неколу ќе му се допаднат или не.
-Вистинскиот професор не калкулира, не прави пресметка дали авторитетот ќе му се загрози од центри кои се платени за таа работа, а уште помалку прави финансиска пресметка колку ќе му се зголеми салдото на трансакциската сметка после напишаната колумна. Но, малкумина тргнуваат од оваа позиција. Веројатно и затоа е чудно кога некој професор ќе почне тема што не му е нарачана од партиски центар. Оваа стара и веќе позната матрица ќе мора да се менува. И од негде мора да почне оваа промена, вели професоркатра во интервјуто за Прес24.
Каракамишева- Јовановска вели дека трендот со иселување на младите не е карактеристика само на Македонија и дека за овој проблем е потребно барање решение, а не ситно политичко профитерство од страна на опозицијата
-Соочувањето со овој проблем веројатно кулминираше во деведесеттите години, кога без работа останаа над 200.000 граѓани заради криминалниот процес на приватизација направен во државата, што како последица затвори над 600 претпријатија, секако со амин од тогашната власт, но и со поддршка на професорите и интелектуалците кои сега се најгласни “бранители на слободата и на демократијата”. Проблемот со иселувањето е реална закана да го разјаде македонското ткиво, да ја испразни земјата, поради што насушно бара внимание, бара простор за негово итно актуелизирање, а не ставање под тепих. Темата не смее да се третира како табу. Уште помалку за неа смееме да зборуваме во ракавици и со однапред пресметан интерес дали и колку ќе се ќари од неа. Темата не смее да ја оставиме да биде навигирана единствено и само кога политичката и партиската каса ќе го наложи тоа, вели универзитетската професорка, Тања Каракамишева- Јовановска во интервју за Прес24.
ПРЕС24: Професорке, предизвикавте огромна реакција со Вашата колумна во која внимание посветувате на процесот на одлив на младите од Република Македонија. Прво, сакам да Ве прашам како ги оценувате коментарите во јавноста, кои беа поприлично негативни?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Несомнено, среќна сум што оваа тема, а посебно мојата колумна предизвика толкаво внимание во јавноста, бидејќи станува збор за горлив, но едновремено и клучен проблем на нашата држава. Проблем со кој Македонија се соочува од осамостојувањето, но и годините пред осамостојувањето.
Соочувањето со овој проблем веројатно кулминираше во деведесеттите години, кога без работа останаа над 200.000 граѓани заради криминалниот процес на приватизација направен во државата, што како последица затвори над 600 претпријатија, секако со амин од тогашната власт, но и со поддршка на професорите и интелектуалците кои сега се најгласни “бранители на слободата и на демократијата”. Проблемот со иселувањето е реална закана да го разјаде македонското ткиво, да ја испразни земјата, поради што насушно бара внимание, бара простор за негово итно актуелизирање, а не ставање под тепих. Темата не смее да се третира како табу. Уште помалку за неа смееме да зборуваме во ракавици и со однапред пресметан интерес дали и колку ќе се ќари од неа. Темата не смее да ја оставиме да биде навигирана единствено и само кога политичката и партиската каса ќе го наложи тоа. Таа заслужува да биде општествено поприсутна, заслужува граѓански прашања и подпрашања, заслужува одговори кои се вистинските причини за иселувањето на луѓето, кои се нивните мотиви, бидејќи само на тој начин ќе можеме да дојдеме до вистинските насоки за моделирање квалитетни проактивни државни политики како да се ублажи, ако веќе не може целосно да се спречи овој процес, и како да се постигне клучната цел на овие политики, враќање на нашите сограѓани во државата. Овој проблем не може и не смее да се гледа и анализира во досегашната едноставна, ама нереална црно-бела варијанта. Економските причини не се единствените што го чинат “колоритот” на феноменот. Ако мислиме дека тоа е единствената причина за иселувањето на луѓето, не би рекла само на младите, тогаш имаме сериозен проблем во објективното согледување на проблемот што не е разумна опција за државата на подолг рок. Отворањето на проблемот преку директна провокација има за цел отворање на мислата, објективно согледување на различниот спектар причини кои ќе ја демистифицираат и разголат стереотипната опозициска приказна дека економските причини се единствените причини за иселувањето на луѓето од државата.
Различните реакции што ги предизвика колумната докажуваат дека опозициската вистина сервирана заради собирање на голи политички поени не е доволно релевантен параметар за осознавање на суштината на проблемот. Економските причини се еден од многуте параметри, но никако не и единствен како што се години се пласира во јавноста.
Да се вратам на вашето прашање околу реакциите кои ги предизвика колумната. Дозволете веднаш да кажам, не ни очекував, ниту пак искрено сакав да биде поинаку. Знаете и самите под каква лупа со години наназад сум ставена поради моите ставови кои очигледно им сметаат на одредени политичко-платенички кругови. Па што ако им сметаат? Нека им сметаат и понатаму. Потребата да ме замолчат преку уцени, директни закани и лични дискредитации не е нова. Таа трае подолго време, и не очекувам дека ќе престане. Но, моите ставови се уште ги има, и уште посилно ќе ги има. Притисоците и заканите што ми ги испраќаат да замолчам се упатени на погрешна адреса. Не го најдоа вистинскиот човек за успешна примена на таквите инструменти и методи.
Од друга страна, зарем целта на секој јавно искажан збор не е да предизвика реакција? Зарем повеќе треба да преферираме интелектуалци што молчат и се кријат во тешки времиња како луѓе-глувци, или уште полошо, да ги негуваме интелектуалците што само зборуваат, а всушност, ништо не кажуваат? Реакцијата покажува една работа, дека потребата да се отвори темата допрела до луѓето. Вие, во вашето прашање ги посочивте само негативните коментари. Веројатно заради тоа што не ви е познат фактот дека за ден и половина, колку што колумната беше достапна на сајтот на весникот ги сруши рекордите на читаност и на допаѓање од страна на над 2,300 лица. На над 2.300 лица им се допадна колумната што значи дадена е директна согласност со напишаното.
Од друга страна, Македонија, онака како што во неа е поставена медиумската законска регулатива, но и најспорното прашање, опфатот на учесниците кои влијаат врз формирањето на јавното мислење во земјата, влегува во групата држави кои на „коментаторите“ им нуди вистински рај. Рај за навреди и плукања без никаква одговорност. Јас немам фејсбук профил и тие информации ги добивам дозирано, но зарем не ви е чудно што одредени медиуми цитираат фејсбук статуси, а го забораваат основното правило во новинарството, да се праша и втората страна? Од целата таа лавина пишувања, само двајца новинари се јавија кај мене да прашаат за реакција, која и ја добија.
ПРЕС24: Со оглед на тоа дека опозицијата изминативе година две постојано ги следи вашите изјави и некако постојано сте на нивна критика, претпоставувам дека знаевте оти оваа колумна може да предизвика вакви реакции, а сепак тоа го напишавте и го објавивте. Зошто преземате ваков ризик да бидете предмет на опозициска деградација, Ве прашувам затоа што Вие сте сепак универзитетски професор?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Токму затоа што сум универзитетски професор! Вистинскиот професор не калкулира, не прави пресметка дали авторитетот ќе му се загрози од центри кои се платени за таа работа, а уште помалку прави финансиска пресметка колку ќе му се зголеми салдото на трансакциската сметка после напишаната колумна. Но, малкумина тргнуваат од оваа позиција. Веројатно и затоа е чудно кога некој професор ќе почне тема што не му е нарачана од партиски центар. Оваа стара и веќе позната матрица ќе мора да се менува. И од негде мора да почне оваа промена. Професорите и интелектуалците се должни да отвораат теми, да мислат и да споделуваат ставови, а не да се гледаат на нишан како на бојно поле и уште поопасно да тактизираат заради други, најчесто материјални причини. Интелектуалците се најповикани, но и обврзани да ги споделуваат своите размислувања, своите ставови и информации со јавноста. Да не е така, тогаш која е целта на нивното интелектуално и професионално постоење? Јас моите ставови ги кажувам јавно, не се кријам зад статусите на социјалните мрежи и немам потреба од малоумни квалификации за да мојот збор биде слушнат.
Во однос на опозициската критика, или како што рековте, деградација, зарем мислите дека оваа опозиција некогаш во изминативе десетина години покажала талент за нешто друго освен за деградација на сите оние кои размислуваат поинаку од нив? Нивниот талент за спинување информации, за деградирање, омаловажување е раскошен, но што правиме со вистинските потреби на граѓаните и со интересите на државата? Според мене, национален интерес е да се вратат нашите сограѓани во државата. Државниот интерес е пресудниот фактор кој ме мотивира да пишувам, да создавам, да помагам. Така било во минатото, така ќе биде и во иднина. Моите ставови поврзани со клучните прашања од национален интерес без разлика дали биле поврзани со организирањето на државата, или со други теми, и се добро познати на јавноста, почнувајќи од референдумот за независна Македонија, изборите организирани во 90-те години, преку територијалната поделба на државата, Охридскиот договор, па се до последниов Договорот од Пржино, гласањето на дијаспората, итн. Веројатно забележувате дека, во целата оваа хајка, токму тие кои од петни жили се трудеа да го ускратат правото на глас на дијаспората сега се главни “заштитници” на нашите иселеници. За среќа, овој народ е мудар и објективен, и знае да ги процени работите на многу поправилен начин од оној што некои центри сакаат да му го сервираат.
ПРЕС24: Во таа Ваша колумна зборувате за тој репрезентативен примерок, кој и Вие велите дека не е најрелевантен за да се оценат или лоцираат главните причини за ислеувањето на младите и кога вака на прва ќе се прочитаат тие реченици, тешко е за очекување дека читателите ќе останат рамнодушни, особено кога тоа го пишува универзитетски професор. Јас сакам да Ве прашам која беше вашата цел, да иницирате провокација, или да отворите дебата за ова прашање?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Провокацијата по правило води кон дебата. Но, за жал, дебатата во наши услови, подразбира истурање омраза, сатанизирање, и како што неодамна напишав, реинкарнирање на шпанската инквизиција. Навистина жалам што тој “репрезентативен примерок“ беше најдрско злоупотребен од неколкумина со цел ќарување на поен плус во своето јато. Интересно е што тие, најгласните во мојов случај, никогаш не реагирале на пример, на репрезентативните примероци на нарачаните партиски анкети кога го мерат рејтингот на СДСМ. Ама, затоа пак, од друга страна, истите тие се силни во држење лекции по статистика, лекции по научно истражување, или најлесното, ќе ви каже некоја академска балерина која е на залезот од својата академска кариера дека тоа што го пишувате се глупости! И сега, како на тие и такви да им објасните дека колумна објавена во дневен весник и научен труд објавен во научно списание не е едно исто? По нивниве “научни логицирања” веројатно очекуваат “Дневник” да внесе нови правила на објавување и да остави простор за фус ноти под секоја колумна, обврска за цитирање на користената литература, со можност прецизно објавување на имињата на луѓето што се дел од, нели според нив, “научното истражување” за да биде задоволена потребата на дежурните критичари. Колумна напишана во дневен весник нема за цел да биде научен труд, а уште помалку истата има за цел да биде објавена во научно списание.
ПРЕС24: Ве прашувам затоа што оваа тема е многу сензитивна. Во јавноста се има разни шпекулации, се манипулира со една бројка на Обединети нации од 600.000, но никој не потенцира дека тоа е статистика од 1990 до денеска. Ако се знае дека најголемиот одлив беше сепак во првите пет шест години од деведестите, тука јасно се гледа таа манипулација. Иселување има и сега и тоа не е спорно, особено по визната либерализациај 2009. Но, она што во Македонија е проблем е тоа што како држава нема јасна скица, преглед ниту на профил, ниту на причини, ниту пак прецизна бројка за иселените лица од државата?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Реков на почетокот, станува збор за горлив проблем. Проблем кој не е само наш. Со истиот се соочуваат многу држави како Бугарија, Србија, Хрватска, Полска, Чешка, Италија и многу други. Референците како “полскиот водоинсталатер“ (Polish plumber) се уште се дел од секојдневниот сленг во Британија. Длабоко сум убедена дека Република Македонија има капацитет и знаење да се справи со моменталната какафонија што директно го тангира ова прашање. Државата мора да ги лоцира сите, ама буквално сите причини, паралелно со утврдувањето прецизни бројки за одливот на македонските граѓани од државата. За овие прашања не смееме да дозволиме да се дебатира само преку фејсбук или преку социјалните мрежи. Токму согледувајќи ја оваа насушна потреба што несомнено е клучен национален интерес за државата ја направив и оваа провокација која брзо ќе се преточи во иницијатива за отпочнување сериозен научен проект за детектирање на сите прашања, но и за добивање вистински одговори поврзани со процесот на иселувањето на нашите луѓе во странство. Нашата држава го заслужува тоа, и мојата заложба во таа насока ќе биде силна.
ПРЕС24: Во острите реакции против Вас се вклучија и Ваши колеги, професори. Тука пред се мислам на она писмо испратено од Македонци интелектуалци од светот, но и на текстот на професорката Ванковска?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Писмото од младите академци, како што милуваат да се нарекуваат, го прочитав, но да бидам искрена, не разбрав што точно лоцираат како проблем. Се чини дека студентиве не прават разлика меѓу поимите иселување од државата, од една, и студиски престој во странство, од друга страна. Не ми е сосема јасно каде тие се најдоа во приказната и како дојдоа до заклучок дека се повикана страна која треба да се брани од ставовите изнесени во колумната.
Но, целава оваа политичка изрежирана хајка имаше за цел, меѓудругото, и да удри таму каде што спинерите знаат дека сум најсилна-кај студентите. Тие знаат колку вредам на тој терен и поради тоа отровот го излеаа токму таму. Но, за среќа, моите студенти ја знаат вистината, знаат колку препораки за нивно стручно усовршување сум им потпишала, колку совети сум им дала да одат надвор, да учат, да собираат знаење, да прибираат искуства, но на крај сепак да одлучат да се вратат во Македонија за да придонесат во нејзиниот развој, и подобрување на секој план.
А во однос на г-ѓата Ванковска, ќе ми дозволите да не се занимавам со нејзините лични фрустрации во ова интервју. Сепак, таа е во години кога афектот лесно доаѓа, па не би ме зачудило ако до сега веќе го сменила ставот.
ПРЕС24: Ајде малку за речникот на критичарите во Македонија. Во едно демократско општество критиката е демократска придобивка, но критиката со лична дисквалификација, повик на линч, во вашиот случај имаше и такви со повик за протерување од Македонија... сето тоа во Македонија како да станува секојдневие. Не ве прашувам како лично го доживувате, но сакам да Ве прашам дали мислите дека има начин да се „заузда“ таквиот говор на омраза?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Единствен можен начин за надминување на говорот на омраза е преку дебата и дијалог. Но, за тоа треба двајца, а во денешната виртуелна реалност кога социјалните мрежи стануваат алфа и омега во комуницирањето меѓу луѓето, и кога авторите на фејсбук содржините не подлежат на никаква законска казна, работите со “зауздувањето” на говорот на омраза, како што велите, не одат на арно. Ако на овој факт се надоврзе и “поплавата” од лажни профили зад кои вистински стојат двајца-тројца партиски платеници задолжени за плукање и ширење на говорната шуга, тогаш решението за стопирање на ова говорно лудило ја гледам единствено во законската регулатива која мора да биде построга и да стави ред во хаосот. Во спротивно плукачкиот рај ќе стане пеколот на Данте кој ќе ги изгори сите вредности на нормалното, човечкото цивилизирано комуницирање. Онака како што стојат работите денес, се се сведува на деструктивен монолог пред тастатура. Тој монолог и чувството дека си многу важен ако напишеш нешто на фејсбук ја закопува потребата од дебата, од дијалог, од размена на различни ставови. Се губи потребата да се чуе ставот на другиот. Посебно не во услови кога секој пишан збор станува предмет на опскурни дискусии кои многу брзо се трансформираат во деструктивен натпревар кој ќе смисли и испрати поголема навреда кон другиот. И да, на крај ќе дојде до тоа да ве пратат сургун. Спонзорите и нарачателите се махери за правење драми и драмолетки. Ама и махери да си ги откријат своите слаби страни заради очигледните пропусти во своето образование. Несвесно покажаа колку се боси во знаењето и колку немаат поим од правото и од човековите права.
ПРЕС24: Особено интересно е што ваквиот тип на омраза, на дисквилификација кон Вас доаѓа од опозициските активисти, кои постојано се жалат дека се предмет на дисквалификација од страна на власта. Не е ли ова малку парадоксално?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Да, навистина е парадоксално, посебно што дел од нив доаѓаат од граѓанскиот сектор кој по природата на нештата треба да биде демократски коректив на власта и на опозицијата. И како поинаку да се објасни ова однесување освен како тенденциозно и платеничко кога борците за слобода на говор и борците за слобода на мисла сатанизираат секаква друга мисла поинаква од нивната. Она што е жално кај дел од граѓанските здруженија е што многу често се фатени на дело дека не си ја знаат основната цел на своето постоење во системот, а замислете од нив се очекува да испорачуваат квалитетна граѓанска едукација. Тие сакаат да ги заменат партиите во политиката, и често пати стануваат поголеми партиски бранители дури и од самите партии. Изместената позиција и улога на граѓанскиот сектор нема да ги подобри работите во системот, туку напротив ќе ги влоши. Ваквите пермутирани “борци за слобода“, всушност, и не доведоа до ова дереџе на влевање постојан страв, но и потреба да се мрази различниот.
ПРЕС24: Дали мислите дека овој последне напад кон Вас, но и претходните во серија се случајни или можеби диригирани од некои центри?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Зарем мислите дека одговорот на ова прашање не му е јасен буквално на секој граѓанин?
ПРЕС24: Сите овие реакции веројатно се резултат и на големата наелектризирана состојба во државата поради политичката нетрпеливост меѓу власта и опозицијата. Постои ли можност за спласнување, некој вид канализирање на таа негативна енергија кај граѓаните, или пак најавите во кој правец ќе се расплетува политичката состојба можат да предизвикаат нова, пожестока поларизираност на општеството?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Убедена сум дека претстојните избори што ќе се одржат на 24. април ќе стават точка на оваа наелектризираност во државата. Конечно народот ќе ја земе правдата во свои раце и јасно ќе пресуди. Ќе ги казни сите деструктивци, сите манипулатори, сите платеници, сите сценаристи кои ја поткопаа основата на нашата држава. Ќе им стави печат и сув жиг “вашето време истече”. Енергијата на деструктивците и рушителите ќе исчезне во моментот кога народот со огромна, до сега невидена поддршка, ќе им даде доверба на градителите, на работливите, на визионерите, а ќе ги смести во аналите на историјата оние што никогаш не успеале да бидат тоа затоа што немаат способности за такви потфати. Крајно време е овој народ да добие оддишка и да се ослободи од демонските сили што носат национална несреќа. Индивидуалната вистина не е и национална вистина. На 24 април ќе победи националната вистина.
М.Н.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа