ДУИ: Ќе гласаме против предвремени избори - време е да се реши името

 

Не е време за избори, туку време е да се реши името. Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи во интервју за Утрински весник вели дека сега не е време за предвремени избори и доколку ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се решат во Собранието да поддржат таква одлука, ДУИ ќе гласа против.

„Ние како партија не сме за предвремени парламентарни избори од две причини. Прво, евентуалниот изборен процес ќе не' дефокусира од ангажманот за името, а ние сметаме дека е сега моментот за негово решавање и тоа треба да биде приоритет. Другата причина е што не очекуваме промена во изборните резултати. Затоа нема логика да има избори. Пред да се случи мартовскиот договор, кога опозицијата инсистираше на предвремени избори, ние како ДУИ излеговме со став дека може во 2014 година, заедно со претседателските да има и предвремени парламентарни избори. Но сега, нема потреба да има предвремени избори ниту во 2014. ДУИ нема мнозинство во парламентот за да спречи ваква одлука. Ако ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ изгласаат предвремени избори, ДУИ нема да поддржи таква одлука. Сега не е време за избори, време е да се реши името“ - вели Османи за Утрински.

Во врска со критиките кои на адреса на ДУИ ги упати премиерот Груевски во последните неколку настапи во јавноста, Османи вели дека тоа не е ништо ново.

„Тоа е прашање на одлука на еден политичар како во јавноста ќе го претстави тоа со што се соочува. И кај нас во ДУИ има многу моменти на незадоволство од тоа како функционира Владата. Меѓутоа Ахмети тоа не го прави преку медиумите, туку седнува на маса и ги решава сите проблеми. Тоа не е ништо ново - од 2008 година имало повеќе моменти на несогласување. Но, прашање на избор на лидерите е како ќе се соочат со тие проблеми. Принципот на Ахмети е за сите прашања да се разговара и да се најде решение“ - вели портпаролот на ДУИ за Утрински весник.

Османи додава дека Ахмети не е првиот кој го соопштил предлогот на Нимиц, бидејќи истиот се провлекувал во грчките весници. Според него, тоа што настанот на кој говорел Ахмети бил во Бугарија е чиста случајност. 
Тој додава дека во изминативе години целиот ангажман околу спорот за името го правеле зад очите на јавноста, но бидејќи увиделе дека тоа не дава резултати, се решиле да почнат јавно да зборуваат на оваа тема, со цел да поттикнат дебата.

„Затоа што овие пет години сметавме дека ако јавно зборуваме за прашањето за името, а знаејќи дека тоа е емоционално и сензитивно прашање за Македонците, може да има контраефект. Дел од македонската популација има одредени предрасуди кон ДУИ, заради историјатот, бекграундот, намерите на ДУИ... Мислевме дека ако ние излеземе и тоа јавно го кажеме може ќе создадеме отпор кај дел од граѓаните, со што нема позитивно да придонесеме во процесот. Затоа, целиот ангажман го правевме надвор од очите на јавноста, а во соработка со нашите коалициски партнери, меѓународната заедница... Се' до оној момент кога проценивме дека тоа не дава резултати и дека таа активност не ја постигнува целта. И тогаш решивме дека мора да излеземе и јавно да им се обраќаме на граѓаните, на институциите, на граѓаните во регионот“ - вели Османи во интервјуто за Утрински

најчитано сега