За разрешувањето на членот на ДИК Дума Собранието ќе расправа по празниците

 

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница донесе Предлог-одлука за разрешување на Виолета Дума, член на Државната изборна комисија. За оваа одлука треба да се гласа на пленарна седница по божикните празници, а за да биде донесена потребно е двотретинско мнозинство.

На седницата на Комисијата за Предлог-одлуката не гласаа пратениците од СДСМ и коалицијата, а воздржани беа пратениците од ДУИ. Дума, неодамна беше повторно избрана за член на ДИК, на предлог на СДСМ. 

Претседателот на Комисијата Зоран Илиоски образложи дека предлогот за разрешување на Дума е поради тоа што таа исполнува услови за пензија. 

- Во членот 28 став 1 алинеа 4 од Изборниот законик е утврдено дека функцијата на членовите на Државната изборна комисија, им престанува пред истекот на мандатот поради исполнување услови за старосна пензија утврдени со закон. Во Законот за пензиско и инвалидско осигурување член 18 е утврдено дека осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот за маж, односно 62 години живот за жена и најмалку 15 години пензиски стаж, рече Илиоски додавајќи дека предлага нејзино разрешување бидејќи таа ги исполнува условите за старосна пензија.

Посочи, исто така дека Собранието има донесено автентично толкување во врска со пензионирањето, за што исто така и било укажано и на Дума.  

Илиоски посочи дека пред изборот на Дума повторно за член на ДИК на предлог на СДСМ и ним и на претставниците на меѓународната заедница им било предочено дека таа согласно материјалните закони исполнува услови за пензија. И покрај тоа, појасни тој, СДСМ останала на ставот Дума да биде нивен партиски предлог за член на ДИК.  

Пратениците од опозицијата имаа различно толкување на законите во однос на пензионирањето на Дума, сметаат дека таа може да го продолжи мандатот и посочија дека до Собранието и до ДИК доставила барање за продолжување на работниот однос до 31 август, согласно Законот.

Предлог- одлуката се очекува да се најде на дневен ред на Собраниската седница закажана на 11 јануари 2016.

 
 
30.12.2015 - 17:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега