Алкохолот и брзото возење се фатални: Возете одговорно за празниците!

 

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на Македонија (РСБСП) во пресрет на претстојните празници апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и одговорни и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

Генералниот секретар на РСБСП Ристо Манчев на денешната прес-конференција особено апелираше до младите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата за ограничување на брзината и да не се управува со моторно возило под дејство на алкохол.

- Статистичките податоци покажуваат дека токму алкохолот и брзото возење се доминантна причина за предизвикување сообраќајни несреќи со фатални последици во кои учесници се токму младите лица. Да не дозволиме момент на невнимание, непромисленост, деконцентрација или еуфорија да предизвика последици со кои ќе се каеме целиот живот, рече Манчев.

РСПБСП, продолжи Манчев, препорачува доколку не постојат вистински потреби да не се користи сопствено возило на новогодишната ноќ, бидејќи на тој начин ќе се избегне сообраќајниот метеж, ќе се заштеди време, енергија и нерви.

- За оние кои што одлучиле да патуваат на подолга дестинација препорачуваме задолжително да користат зимска опрема, да ја проверат техничката исправност на возилото и особено да бидат внимателни пред мостови, на влез и излез на тунел, на надвозници и подвозници, на остри кривини и останати места, бидејќи постои висока веројатност за појава на голомразица што може да го загрози безбедното одвивање на сообраќајот. Оние што патуваат на планина или клисура да внимаваат на можна појава на одрони на патиштата, истакна Манчев.

 
 
29.12.2015 - 13:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега