Рускиот баритон Дмитри Хворостовски го отвори „Охридско лето“

 

Со неповторливиот настап на рускиот баритон Дмитри Хворостовски, заедно со Оркестарот и Хорот на Македонската опера и балет, под диригентска палка на Константин Орбелиан, вечерва во Античкиот театар во Охрид започна 53-то издание на „Охридско лето“.

Пред преполнетиот театар, фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов.

Иванов ги поздрави присутните во Охрид, како што рече, во амбиент каде се испреплетуваат минатото и сегашноста, овозможувајќи барем за миг да се почувствува безвременоста.

- Велат, уметноста е одраз на човековата душа. И додека човекот го користи огледалото за да го види сопствениот физички одраз, ја користи уметноста за да ѕирне во душата. Фестивалот „Охридско лето“ е токму она големо културно и духовно огледало што ни помага да проникнеме во длабоката уметничка душа на Македонија, Европа и светот. Ни помага да уживаме во ариите на Верди, Бизе и Глинка, во мислите на Молиер, Шекспир и Достоевски. Ни овозможува да се збогатиме со старите, докажани, но и врвни современи музичко-сценски и драмски остварувања, рече Иванов.

Тој потсети дека фестивалот угостил десетина илјади учесници од повеќе од 50 земји, поврдувајќи го своето реноме како фестивал на отвореност, поврзување и споделување.

- Отвореност на Република Македонија кон уметничкото, различното и несекојдневното. Поврзување на Македонија и светот, на врвните уметници и верната публика. Споделување на љубовта кон музиката, драмата и танцот, рече претседателот Иванов, нагласувајќи дека му претставува вистинска чест што како претседател на Република Македонија е покровител на фестивалот кој е најзначаен израз, афирматор и промотор на македонската посветеност кон универзалните вредности.

Музиката, рече Иванов, е универзалниот јазик на уметноста и таа зборува и онаму каде што и зборот потфрлува.

Фестивалскиот оган беше запален со интонирањето на химната на фестивалот.  

Охрид од вечерва се до 20 август ќе живее со уметноста. Од вечерва ќе блеснат сцените на Античкиот театар, „Св. Софија“, нејзиното предворје, Центарот за култура „Григор Прличев“, но и предворјата на хотелот „Палас“ и на ОУ „Климент Охридски“. Тоа ќе бидат местата каде ќе се случуваат извонредно атрактивни културни настани, во кои можност да уживаат ќе имаат сите љубители во уметноста, на она што претставува врв во уметноста во светски рамки.

Програмата нуди неповторливи настапи на светски познати имиња и ансамбли од музичката и драмската уметност. Програма за сите вкусови и генерации, сето тоа вклопено во неповторлив природен и духовен амбиент каков што е Охрид.

ФОТО: Макфакс

најчитано сега