Игор Аврамовски Александров: Заедно да тргнеме кон градење на епархијата и враќање на довербата
Шест месеци откако Синодот на МПЦ-ОА и претставницте на црковните општини од Австралија, кои не ја признаваат јуриздикцијата на надлежниот администратор, Владиката Петар, постигнаа договор, кој требаше да води кон конечно надминување на црковниот проблем на австралискиот комитет, работите тешко напредуваат. Иако се најавуваше посета на Австралија од страна на назначениот координатор, дебарско-кичевскиот митрополит, г. Тимотеј, таа се уште не е остварена. Судскиот спор за најпроблематичната црква, Света Петка се уште трае, а тоа ќе знали дополнителни илјадници долари на штета на македонците во Австралија.
Претседателот на здружението на македонски заедници од Австралија, Игор Аврамовски Алкесандров во интервју за Прес24, вели дека кај македонските владици во Синодот се уште постои неодлучност поради притисоци од Владиката Петар.
-После нашите преговори со Синодската комисија, Синодот не издржа на притисоците и уцените на владиката Петар и неговите политички врски. Одлучи да го остави Петар да дејствува како Администратор на Епархија за Австралија и Нов Зеланд, што му овозможува да продолжи со тужбите против МПЦО Св. Петка од Рокдејл. Затоа продолжува апелацискиот процес во кој и двете страни поднесоа жалби против досегашните одлуки на Врховниот суд на австралиската федерална држава Нов Јужен Велз. Лудо се прокоцкуваат уште стотици илјади, а до крајот можеби уште милиони долари народни пари, за економски да се доуништи една од најпосетените и најактивните Македонски православни црковни општини во светот, вели Александров во интервјуто за Прес 24. Тој потенцира дека со Владиката .Тимотеј нема никаков проблем, но зошто тој не доаѓа во Австралија се уште незнае.
- Г. Тимотеј досега успешно балансира меѓу дневната волја на Синодот, изнудена под притисок на Петар, и автономните позиции на дванаесетте општини, со четиринаесет храмови, за кои Синодот го делегира г. Тимотеј како администратор. Неговиот личен успех е што, со досегашната смиреност и разумност, во такви околности успева да ги смири долгогодишните тензии, односно да не дозволи да се зголемуваат. Тоа е предуслов за натамошни чекори кон трајно решение за клучните правни прашања, вели за Прес 24, Александров.
Расичнетите свештеници од страна на владиката Петар се еден од проблемите за кои се бара решение. Александров нуди варијанта на помирување со Синодот, токму за ова прашање.
-Ако Синодот нема докази за вистински гревови на ‘спорните’ свештеници, освен непослушноста кон Петар, тогаш во духот на помирувањето треба да ги уважи тие свештеници и сите заедно да тргнеме кон градење на Епархијата и враќање на вербата во Синодот која сериозно се наруши со 16-годишната скандалозна хајка на Петар. Ако Синодот може во името на мирот и на обединувањето да прибира неверни свештеници и монаси кои му се придружија на Јован Вранишковски во расколничкото оспорување на националната независност на МПЦ, тогаш зошто да не може да ги уважи оние свештеници кои смело и совесно го задржаа нашиот народ во македонските народни храмови, додека Петар со своите постапки ги протеруваше тие верници во туѓи, како ‘одметници’?, прашува Игор Аврамовски Александров во интервјууто за Прес24.
ПРЕС24: Поминаа повеќе од шест месеци, откако Синодот на МПЦ ја презеде јуриздикцијата врз дел од црковните општини во Австралија, но во оваа половина година состојбите како да остануваат статус кво. Што се случува во меѓувреме? Има ли сигнали дека црковниот проблем во Австралија може да се надмине?
АЛЕКСАНДРОВ: Синодот најави јурисдикција врз 14 од 15те храмови кои побараа сите заедно да влезат под негова духовна надлежност. Изоставен е најкритичниот храм, МПЦО Св. Петка од Рокдејл. Покрај тоа, не е завршен процесот на дефинирање на јурисдикцијата врз останатите храмови.
Поимот “канонска јурисдикција” во случајот на МПЦ има повеќе нерасчистени правни димензии околу кои владиката Петар Каревски и неговиот поп Митко Митрев ја тужат црковната општина Св. Петка од Рокдејл, Сиднеј, веќе 16 години. Заради тие нерасчистени правни прашања околу дефиницијата на канонската јурисдикција се потрошени милиони долари по адвокатски трошоци, а се уште не се знае каков ќе биде крајот. Св. Петка се наоѓа во таква положба токму затоа што при нејзиното основање, основачите направиле генерална декларација за канонска надлежност на Архиереј од Македонија, без јасно да се дефинираат границите на таа јурисдикција, наспроти правата на црковната општина демократски и транспарентно да управува со својот имот и својата економија.
Под други владици, пред да пристигне Петар во 1996, тоа не било толку голем проблем, затоа што неговите претходници не претерале во злоупотреба на својата јурисдикција. Но искуството со Петар ги научи и оние општини кои при основањето не направиле наивни, недефинирани декларации за јурисдикција како што тоа го направиле основачите на МПЦО Св. Петка, никогаш да не помислат да ја повторат грешката на Св. Петка, за да не им се случи утре друг Петар Каревски или Јован Вранишковски.
Нашата основна цел при минатогодишните преговори со Синодската комисија беше Синодот да ја прекине тужбата против МПЦО Св. Петка со повлекување на Петар од надлежност врз таа општина. Канонската јурисдикција требаше да ја дефинираме преку дијалог и договор со Синодот за Епархиски устав, црковни правилници и регистрирање на Епархијата како правно лице во Австралија. Така, одредбите кои би ги договориле ќе бидат поткрепени со јасен, добро развиен систем на австралиски закони, кој важи за сите непрофитни организации кои се регистрирани како посебни правни лица. Со тоа би се стеснил просторот за недоречености и противречности како оние кои ги овозможија дводецениските и мултимилионски тужби на еден апсолутистички владика, кој, за жал, е официјално делегиран од Синодот.
После нашите преговори со Синодската комисија, Синодот не издржа на притисоците и уцените на владиката Петар и неговите политички врски. Одлучи да го остави Петар да дејствува како Администратор на Епархија за Австралија и Нов Зеланд, што му овозможува да продолжи со тужбите против МПЦО Св. Петка од Рокдејл. Затоа продолжува апелацискиот процес во кој и двете страни поднесоа жалби против досегашните одлуки на Врховниот суд на австралиската федерална држава Нов Јужен Велз. Лудо се прокоцкуваат уште стотици илјади, а до крајот можеби уште милиони долари народни пари, за економски да се доуништи една од најпосетените и најактивните Македонски православни црковни општини во светот.
На крајот на Мај оваа година, заврши рочиштето пред Апелацискиот суд на Нов Јужен Велз, но се уште не е донесена пресудата. Не очекуваме да биде целосно позитивна ниту за тужителите, ниту за тужените. Секако ќе биде негативна за МПЦ и за Македонците во Австралија како целина. Ќе завршиме со милиони долари потрошени по адвокатски трошоци за точки кои најдобро можеа да се решат на маса, во договор со Синодот. Во првостепениот процес, тројца различни судии редовно потенцираа дека ова е спор кој треба да се реши со договор меѓу двете страни, а ако мора судот да пресуди, крајната одлука ќе има негативни последици за сите. Но Петар не е човек со кој може да се постигне разумно компромисно решение. Синодот пак, иако никогаш официјално не му одобрил на Петар да ја тужи МПЦО Св. Петка, за жал, сеуште не се посветил на конструктивен компромис, како алтернатива на деструктивните судски процеси. Разбирам дека пристапот на Архиепископот и мнозинството владици е предводен од добронамерна желба да не ги заострат премногу односите со Петар и неговите приврзаници. Но сигурен сум дека на крајот мнозинството владици ќе се срамат од она што дозволиле да се случи со МПЦО Св. Петка, а можеле да го спречат.
Во однос на останатите храмови, Синодот остава Петар да држи 9 храмови под законска сопственост на приватни лица, што се коси со Член 172 од уставот на МПЦ. За време на нашите преговори со Синодската комисија, имаше 4 храмови кои се заедничка законска сопственост на Петар Каревски, попот Тоне Гулев и поп Јовица Симоновски. Сега има 5, со купувањето на имот во Бризбан кој е наменет за паралелка на старата црква, Св, Богородица, која е под надлежност на г. Тимотеј. Уште 3 храмови се законска сопственост на приватни мирски лица, приврзаници на Петар. 1 храм е законска сопственост на попот Душко Спирковски и две мирски лица, како регистрирани старатели. Сето тоа Синодот сеуште го трпи. Му ја уважува и неговата Епархија за Австралија и Нов Зеланд, која не е регистрирана како правно лице во Австралија, што значи дека делува спротивно на условите поставени со Член 172 од Уставот на МПЦ. Синодот со тоа овозможува продолжување на законската можност храмовите кои се под контрола на Петар да бидат ставени под јурисдикција на друга религија.
Од наша страна, ние и на средбата со Синодската комисија, и со резолуции усвоени на 24ти Март 2013, баравме членовите на Синодската комисија, вклучувајќи го Архиепископот г.г. Стефан и администраторот за Австралија, г. Тимотеј, да ја посетат Австралија за директни преговори со сите општини, при што би се постигнал конечен договор за сите точки кои досега беа предмет на правни спорови. Во тој договор би требало да биде вклучено усвојување на меѓусебно прифатлив Епархиски устав, со кој би се регистрала Македонска православна епархија за Австралија како посебно правно лице, со слична правна постапка како онаа според која беше регистрирана и Српската епархија, по неодамнешното обединување на двете спротивставени српски епархии во Австралија. На таа покана се уште немаме дефинитивен одговор од Синодот.
ПРЕС24: Владиката Тимотеј беше задолжен за координација и администрирање со Црковните општини кои не ја признаваат власта на Митрополитот Петар. Иако Тимотеј најави посета на Австралија, досега тоа не се случи. Која е причината?
АЛЕКСАНДРОВ: Владиката Тимотеј го почитуваме како личност и духовен водач. Се трудиме колку што можеме со него да одржуваме добра соработка. За жал, неговите уставни ингеренции се засега премногу нејасни. Тој е назначен како администратор на храмови без Епархија. Во Уставот на МПЦ не постои таква функција или механизам за регулирање на такви односи меѓу владика и црковни општини. Според Уставот, Митрополит е владика кој е надлежен за одредена Епархија. Администратор е привремен вршител на должноста на Митрополит во упразнета Епархија. Ингеренциите на Митрополитот, како и обврските на општините кон Митрополитот и кон Епархијата, како и составот на Епархиското собрание со кое претседава Митрополитот, па начинот на избор на Епархиски управен одбор, со кој претседава Митрополитот, се прашања кои се дефинираат со Епархиски устав, усвоен од страна на општините кои членуваат во таа Епархија. Епархискиот устав е актот кој ги определува ингеренциите на надлежниот Митрополит. Епархискиот устав ја дефинира Епархијата врз која Митрополитот има автономни ингеренции. Синодот сеуште не одлучил дали да ја подели австралиската Епархија на две или да го смени Петар и да се регистрира само една Епархија со сите храмови. Затоа и г. Тимотеј е администратор без Епархија и без епархиски устав кој правно ќе ги регулира неговите ингеренции
При такви неизвесности и ограничувања, г. Тимотеј досега успешно балансира меѓу дневната волја на Синодот, изнудена под притисок на Петар, и автономните позиции на дванаесетте општини, со четиринаесет храмови, за кои Синодот го делегира г. Тимотеј како администратор. Неговиот личен успех е што, со досегашната смиреност и разумност, во такви околности успева да ги смири долгогодишните тензии, односно да не дозволи да се зголемуваат. Тоа е предуслов за натамошни чекори кон трајно решение за клучните правни прашања.
Нашата желба г. Тимотеј да ја посети Австралија, било сам, било со придружба од Дебарско-кичевската Епархија, било со проширена Синодска делегација, е неколку пати потврдена на писмено. Зошто досега не е остварена е прашање кое треба да му го поставите на г. Тимотеј, или можеби на Архиепископот.
ПРЕС24:Овде во црковните кругови се коментира дека недоаѓањето на Тимотеј во Австралија е резултат на нов судир и недоразбирање со Вас?
АЛЕКСАНДРОВ: Недоразбирања постојано се појавуваат кога двајца или повеќемина треба нешто да работат заедно, но досега не сме имале судир со г. Тимотеј кој попречува надминување на недоразбирањата. Не гледам како било кои недоразбирања можат да бидат оправдување за неостварување на посетата. Секакви недоразбирања полесно ќе се надминат ако г. Тимотеј на маса разговара со делегати на сите засегнати општини, за на секого да му е појасно што другиот мисли и кои се можностите за зближување на ставовите.
ПРЕС24: Наводно, како што велат некои во МПЦ, Тимотеј сфатил дека проблемот не е во Петар, туку во луѓето кои управуваат со црквите во Австралија?
АЛЕКСАНДРОВ: Прв пат слушам за такво нешто и не можам да поверувам во тоа или да го коментирам додека не го слушнам или прочитам од самиот г. Тимотеј. Можно е таквите муабети да произлегуваат од приврзаници на Петар, кои сакаат да ја оправдаат неговата катастрофална политика.
ПРЕС24: Комуницирате ли со Митрополитит Тимотеј.
АЛЕКСАНДРОВ: Комуницираме по потреба, но се трудиме да не му бидеме преголем терет, знаејќи ги неговите обврски во Дебарско-кичевската Епархија. Поголем дел од комуникациите со него се преку наши свештеници. Истовремено, ние комуницираме и со канцеларијата на Архиепископот, со цел да помогнеме за потребите на МПЦ во Македонија. Во таа насока, досега дониравме $21,000 за компјутери и други потреби на Богословијата на МПЦ. Македонската православна заедница од Австралија, која е една од 12те општини под духовна надлежност на г. Тимотеј, моментално договара проект за изработка, во Македонија, на богата ореова дрворезба за иконостасот во стариот соборен храм, Св Димитрија, до старата Скопска чаршија. Намерата ни е да придонесеме да се врати јавното внимание кон тој храм, кој се наоѓа во дел на Скопје кој многумина го гледаат како да е изгубен или запоставен. За таков проект неминовно е да се консултираме и да добиеме благослов од Архиепископот, бидејќи храмот е во неговата Епархија. Проектот ќе бара значителен влог од нашата заедница како дарител, во износ од 100,000 до 150,000 Евра, па затоа внимателно ги прочистуваме нацрт-договорот и спецификациите на резбата, во консултација со канцеларијата на Архиепископот. Очекуваме договорот да го потпишеме во Македонија, кон крајот на годинава, откако завршниот предлог-проект ќе го благослови Архиепископот.
ПРЕС24: Што се случи со расчинетите свештеници, кои служат во вашите цркви, а за кои постои одлука на Владиката Петар дека се под суспензија?
АЛЕКСАНДРОВ: Спорно е дали оние свештеници за кои Петар тврди дека се расчинети се валидно расчинети. За повеќето од таквите “расчинувања” знаеме со сигурност дека најсериозните петреви обвиненија се лажни конструкции.
Сите таканаречени расчинувања Петар ги прогласи во одмазда кон свештеници кои се осмелија совесно да му служат на народот во храмови од кои Петар ги повлече неговите свештеници, како уцена, за да не принуди да му дадеме пари и имоти кои инаку не му следуваат. Ако Синодот веќе прифаќа дека ние не сме должни да му ги даваме парите и имотите кои тој ги барал, тогаш која е логиката да ги уважуваме одмаздничките постапки на Петар кон нашето одбивање на таквите барања?
Ако некој заслужил да биде расчинет, тоа е оној владика и оние свештеници кои ги дезертирале своите храмови за да изнудат пари и имоти, а не оние свештеници кои останале верни на Бога и продолжиле да ги собираат македонските православни верници во македонските народни храмови, наместо да дозволат тие верници да се пренасочат во храмовите на асимилаторите на македонскиот народ.
Ние шестнаесет години водевме беспримерна војна во одбрана на неправдите на Петар, при што претрпевме големи жртви, во форма на човечки сили, напори, нерви, малтретирања, меѓучовечко нетрпение, јавни атентати врз личноста на водачите на нашето движење, физички насилства, судски проси, огромни материјални загуби. Дојдовме до степен да мора да формираме и самоуправна Македонска православна црква во дијаспората, како неопходно средство за одбрана од неправдите. Со Синодот преговаравме со цел да се надмине расколот, но само со ставање крај на неправдите. Ако некој мисли дека ние сме во состојба сега да правиме морална капитулација, тогаш е во заблуда. А токму морална капитулација би било откажувањето од наши свештеници само затоа што Петар злонамерно, одмазднички, со лажни обвиненија, ги прогласил за расчинети, како што нас не прогласувал за анатемисани, самоекскомуницирани, безбожни, антицрковни и антидржавни ‘компанисти’ и ‘гангстери’, а како што знае да оцрнува и владици и Архепископи на МПЦ.
Еден од ‘спорните’ свештеници веќе е вратен во Македонија. Неговата парохија, во градот Голд Кост, е останата без свештеник затоа што нема доволно приходи за стандардната свештеничка плата, а се уште не е оформена Епархија која би можела да ја компензира. Друг наш свештеник, кој до неодамна служеше во храмот Св Никола, Сиднеј, веќе не е во служба кај нас, но не затоа што ние сметаме дека е валидно расчинет, туку од други, практични причини. На негово место е дојден нов свештеник, назначен од г. Тимотеј, со наша согласност. И во храмот Успение на Пресвета Богородица во Мелбурн, ‘спорниот’ свештеник сам го напушти работното место, на кое сега е дојден нов свештеник назначен од г. Тимотеј.
Други двајца ‘спорни’ свештеници, под притисоци од петревите сеачи на страв, омраза и лаги, сами им ги препуштија своите храмови на други свештеници, а денес служат во Руската православна црква. Се уште чекаме некој од Синодот да ни објасни како е можно најголемата православна црква во светот, од која МПЦ денес бара признание, да ги прифати тие македонски православни свештеници како свои, ако им се валидно одземени свештеничките чинови? Зарем не е доволно што заради недостојното однесување на Петар изгубивме многумина парохијани, па сега треба да им правиме дополнителна услуга на непријателите на МПЦ, протерувајќи го и македонското свештенство во други православни цркви?
Во наши храмови, останати се уште само четворица ‘спорни’ свештеници, кои г. Тимотеј не смее да ги стави под своја директна надлежност заради одлуки на Синодот донесени под притисок на Петар. Но, Синодот не ја оспорува валидноста на венчавките, крштевките и други треби и служби одржани од тие свештеници. Синодот е свесен дека тие свештеници имаат по десетина до дваесет пати повеќе парохијани од што имаат свештениците на Петар, во паралелните храмови во непосредна близина. Зарем Синодот сака нов раскол помеѓу парохијани на нашите храмови, за да се задоволи осветољубивоста на Петар?
Ние на неколку наврати побаравме од Синодот, ако навистина смета дека “спорните” свештеници се валидно расчинети, да ни достави копии од сите обвиненија, докази, транскрипти и пресуди според кои тие свештеници се наводно расчинети, за да може пред нашите членови и парохијани да утврдиме дали има вистинска основа за оспорување на нивните чинови, освен непослушноста кон Петар. Тоа се уште не сме го добиле. Предложивме и формирање на непристрасен трибунал, со согласност меѓу Синодот и надлежните општини, кој веродостојно би ја утврдил валидноста на наводните расчинувања. Ни на тој предлог не сме добиле одговор.
Ако Синодот нема докази за вистински гревови на ‘спорните’ свештеници, освен непослушноста кон Петар, тогаш во духот на помирувањето треба да ги уважи тие свештеници и сите заедно да тргнеме кон градење на Епархијата и враќање на вербата во Синодот која сериозно се наруши со 16-годишната скандалозна хајка на Петар. Ако Синодот може во името на мирот и на обединувањето да прибира неверни свештеници и монаси кои му се придружија на Јован Вранишковски во расколничкото оспорување на националната независност на МПЦ, тогаш зошто да не може да ги уважи оние свештеници кои смело и совесно го задржаа нашиот народ во македонските народни храмови, додека Петар со своите постапки ги протеруваше тие верници во туѓи, како ‘одметници’?