Тони Науновски: Македонија е во состојба на политичко лудило

Македонија се наоѓа во состојба на политичко лудило. Договороот од Пржино, целосно ги урниса институциите и ја суспендира државата. Вака, политичкиот аналитичар и универзитетски професор, Тони Науновски во интервју за Прес24, ја анализира актуелната политичак состојаба во Македонија.

-Таканаречениот договор од Пржино, навистина ја спржи Македонија –   ете, по некаква иронија на нашата клета Македонска судбина, овде микро-географијата ја симболизира политичката онтологија. Македонија денес е практично држава без Устав, затоа што севкупниот договор од пржино е антиуставен. Од начинот на кој беше потпишан, под нелегитимен странски притисок во функција на странски геополитички интереси, до конкретните решенија кои се апсурдни, вели Науновски во интервјуто.

Тој смета дека изборите во април ќе бидат јасен сигнал за поразот на деструктивната и политиката на опзоцијата, но за целосно стабилизирање на државата, смета дека е потребно систематско расчистување со структурите кои ја "бомбардираа" Македонија.

-Ударот врз државата беше силен, без сомневање, меѓутоа, јасно е веќе дека и овојпат, дури и полесно од претходни примери, ќе биде совладан со трпеливата и тивка самосвест на Македонците. По крајот на кризата кој веќе се наѕира со парламентарните избори што ќе се одржат во Април следната година, ќе биде неопходно систематско истражување на ова трауматично искуство што го доживеавме, на целосната фактографија, на сите причини, мотиви и цели кои биле замислени со овој проект „бомби“, за никогаш повеќе да не се повтори ваков или сличен настан односно вакво предизвикување на криза во функционирањето на Македонското општество и држава, вели Науновски во интервјуто за Прес24.

Според него, она што сега се случува на медиумскиот простор и изјавите на лидерот на СДСМ дека медиумите му се најголеми непријатели, само ја потврдува диктаторската позиција што опозцијата ја има како форма на функционирање во себе.

-Дури и Гебелес и Жданов биле поголеми демократи од актуелното раководство на СДСМ. Оваа трагикомедија со вакви изјави и барања навистина не ја заслужуваме како народ со горда историја на толеранција, демократија, колективна добрина, трпение, мирољубивост. Да се бара денес во 21 век цензура, затворање на медиуми, при што целта е да се замолкне критичката јавност и да се воспостави тоталитаризам, е навистина парадоксално. Уште повеќе, оние кои ова го барат доминираат во јавно-медиумскиот дискурс преку т.н. соросоидна пропаганда.

ПРЕС 24: Во каква сосотојба се наоѓа во моментов Македонија? Има ли политиколошка дефиница за ова недефинирано функционирање на државата од политички аспект?

НАУНОВСКИ: Македонија се наоѓа во состојба на политичко лудило, за што нема и воопшто не може да има дефиниција затоа што е светско-историски преседан, алогичен миг во универзумот. Таканаречениот договор од Пржино, навистина ја спржи Македонија –   ете, по некаква иронија на нашата клета Македонска судбина, овде микро-географијата ја симболизира политичката онтологија. Македонија денес е практично држава без Устав, затоа што севкупниот договор од пржино е антиуставен. Од начинот на кој беше потпишан, под нелегитимен странски притисок во функција на странски геополитички интереси, до конкретните решенија кои се апсурдни.

ПРЕС 24: Како ги оценувате овие парцијални решенија за одредени закони кои ги дефинираат четирите партии, а кои веќе на првата практична примена покажуваат дека не само што не ги решаваат, туку ги прдолабочуваат политичките јазови. На пример ветотот за задолжувањето, одлуките во МВР, труд и социјала... веројатно ќе следуваат и други?

НАУНОВСКИ: Одамна веќе предупредив на сите опасности од двовластието во институциите на системот, посебно во МВР. Замислете пак да не нападне банда терористи како што тоа се случи во Куманово, што е сосема можно за жал, а министерот и заменикот министер од политички причини или личен анимозитет донесат различни одлуки за акција, или меѓусебно си ги поништуваат наредбите. Ланецот на командување ќе биде или прекинат или воопшто нема да се спроведе акција, а додека тие се караат меѓусебе терористите можат да го освојат и центарот на Скопје, на пример. Одговорноста тогаш каде ќе може да се лоцира, објективно?  Во апсурдниот договор од Пржино, кој се надевам дека наскоро Уставниот суд ќе го поништи, бидејќи има иницијатива за тоа од г-н Тодор Петров од СМК.

ПРЕС 24: Во моментов медиумите се предмет на договорања. И наместо законски решенија кои треба да обезбедат поголема либерализација, се нудат опции кои се карактеристични за некои тоталитарни системи?

НАУНОВСКИ: Ако е вистина дека СДСМ ги третира медиумите (било кои) како политички  непријател, дури и Гебелес и Жданов биле поголеми демократи од актуелното раководство на СДСМ. Оваа трагикомедија со вакви изјави и барања навистина не ја заслужуваме како народ со горда историја на толеранција, демократија, колективна добрина, трпение, мирољубивост. Да се бара денес во 21 век цензура, затворање на медиуми, при што целта е да се замолкне критичката јавност и да се воспостави тоталитаризам, е навистина парадоксално. Уште повеќе, оние кои ова го барат доминираат во јавно-медиумскиот дискурс преку т.н. соросоидна пропаганда.

ПРЕС 24: Навистина ли е македонскиот менталитет толку лош, како што вели Ванхјоте, па непостои таква демократска форма во која тој менталитет би се вклопил?

НАУНОВСКИ: Ние Македонците излегуваме надвор од сите досегашни историски интерпретативни модели на колективната свест. Како ние Македонците да сме чудо, буквално невидено досега во севкупната историја на планетата Земја, толку уникатни што дури и во светско-историската наука еден ден ќе бидеме практичен пример според кои ќе се демонстрираат специфични колективни идентитети кои се иманентно автодеструктивни. Фасцинантни во негативна смисла се повторувањата на грешките, еднаш направени, пред само 14 години, да избереме голем пример, што просто е незамисливо како тоа воопшто може да се случува – во контекст на релативизација на суверенитетот на државата со договорот од пржино, како историска фарса на кулминацијата на автодеструкцијата наречена охридски рамковен договор.

Душата на еден народ, како што велеше Гистав ле Бон, е збир на морални и интелектуални црти на кои е втемелена цивилизацијата на еден народ која го определува правецот на еволуција. Душата на тој народ наоѓа објективен израз во тоталитетот на цивилизацијата според кој истиот конкретен народ се разликува од останатите. Моралните и интелектуалните карактеристики, со чие здружување се формира душата на еден народ, претставуваат синтеза на неговото севкупно минато, на наследството на сите негови претци, мотиви на неговото однесување. И веќе и самиот обид за споредба според зададените параметри покажува колку ние денес се оддалечивме од вековниот стремеж и клучен колективен мотив на нашите претци, кои како што знаеме самосвесно се бореле и умирале за идејата да имаат, да имаме држава. Како да се мисли денес, како феноменолошки да се допре до колективната а потоа и индивидуалната свест на еден јунак Македонски, како Питу Гули, на пример?! Како да се објасни неговото одлучно заминување во битка од која знаел дека нема да се врати, битка за Македонија, наспроти фактот дека денес, нашите политичари одат во Брисел да разговараат за суштински проблеми на денешна Македонија, суверена држава, и потпишуваат толку очигледно антидржавни договори? Како е можно сите ние да го дозволиме тоа, да ја губиме основата на нашата земја, државноста, заради некакви пакосни и опортунистички партиски или лични, сеедно, цели и планови?

ПРЕС 24: И покрај тоа што имаше многу оспорувања, сепак специјалното јавно обвинителство сега е реалност, но еве повторно елементи на нефункционалност. Заев се уште не ги предава прислушуваните материјали кои ги поседува. Тврди дека државата немала соодветни услови за чување?

НАУНОВСКИ: Природната политичка реалност е континуиран процес што не трпи испади, а т.н бомби се токму тоа. Бескрајно сложена и зависна од многу поврзани фактори, реалноста не се менува во суштината ниту брзо, ниту надвор од пошироката внатрешна логика на системот. Најважните, бавни  процеси и трендови имаат некоја закономерност која се спротивставува на некакви си „бомби“ со кои моќни антимакедонски дувла сакаат да ја изменат тотално нашата реалност, нормалност, рационалност, државност. Позади појавното, феномените, над моментните испади од иманентната логика на развојот на државниот и национален дух, се наоѓа битие-то на Македонија, кое еве ги победува и „бомбите“. На крајот, по финалното отстранување на оваа несреќна епизода во животот на Македонија, тие ќе останат забележани во нашата вечна историја само како уште еден ексцес, лош миг на синтеза на антимакедонските цели содржани во најразличните центри на моќ, сите од свои себични причини и страни здружени и насочени во нивната заедничка најбитна цел – да ги нема Македонскиот народ и држава.

Последниот обид да се наруши општата рационалност во државата, со нелегално прислушувани (без судски налог) приватни разговори никако не може да се вклопи дури и во обопштен, максимално проширен контекст на ефемерни нарушувања на природниот развој и ексцеси што имаат сепак некаква подлабока логика и објаснувања, како некои претходно во македонската историја. Затоа тие и не можат да успеат во нивната замислена цел и планирани ефекти, бидејќи се соочуваат со вградениот отпор и инстинкт на повеќето Македонци, сензибилитет и мудрост, изострени среде хаосот во кои живеат, и сега и низ долгата и мачна историја. Просто се препознава оддалеку дека премногу сомнителни мотиви и цели има зад сите тие „бомби“, ликови со сомнителен духовен национален бекграунд и налудничави јавни изјави, и наносите на колективната свест во секој од нас спонтано и природно реагираат во заштита на подлабоката рационалност. Се разбира, последиците од „бомбите“ се уште ќе бидат, уште долго време, ставани во најразлични пертурбации на индивидуалниот светоглед на секој Македонец, но на крајот, сосема извесно, ќе бидат стивнати и сместени во редица конкретни, рационални и објективни објаснувања. Ударот врз државата беше силен, без сомневање, меѓутоа, јасно е веќе дека и овојпат, дури и полесно од претходни примери, ќе биде совладан со трпеливата и тивка самосвест на Македонците. Она парче хартија наречено некаков си „договор од пржино“ во оваа смисла е само остаток, материјален одраз на уште еден, во посуштинска смисла несериозен обид да се изместат од своето природно лежиште националните и државни интереси на Македонија и Македонскиот народ.

ПРЕС 24: Целта на овој договор од Пржини е нови избори во април кои ќе траба да ја финишираат оваа политичка крира. Но, барем според досегашните најави или нема да има избори, или пак тие повторно ќе бидат оспорувани. Какви се вашите проценки, дали по 24 април, Македонија ќе има политичка стабилизиација, или дестабилизација на подолг рок?

НАУНОВСКИ: Сето тоа со „бомбите“ нема подлабока основа и наратив, нема сериозна аргументација, нема неопходна природна енергија околу сето тоа, а конечно и вистинитост. Ние сфативме дека е само уште еден, дури и несериозен обид за освојување на власт, опортунистички партиски дејства што инволвираат средства и методи кои не се дозволени во политиката, денес, во 21 век. По крајот на кризата кој веќе се наѕира со парламентарните избори што ќе се одржат во Април следната година, ќе биде неопходно систематско истражување на ова трауматично искуство што го доживеавме, на целосната фактографија, на сите причини, мотиви и цели кои биле замислени со овој проект „бомби“, за никогаш повеќе да не се повтори ваков или сличен настан односно вакво предизвикување на криза во функционирањето на Македонското општество и држава. 

Толку очигледно, сета оваа траорна приказна со т.н. бомби ќе заврши со ресетирање на идеологијата на СДСМ и нивното партиско раководство (веќе се споменуваат и конкретни имиња на нов претседател на СДСМ), и со систематско подобрување на групата закони кои се однесуваат на изборниот процес, што е единствената придобивка за демократскиот систем на РМ по овие неколку месеци.

Ние како народ и држава наместо континуирано да напредуваме во систематско зацврстување на суверенитетот, по четиринаесет години (по 2001 г.) за многу кратко време директно се вративме до статусот на неформален протекторат. Тоа е најголемата негативна последица која мора, денес во „посткризниот период“ брзо да ја надминеме. Загрижувачкото отворено навлегување во дневно-политичките проблеми на нашата држава, во стриктно внатрешните политики кои секоја држава ги има, од страна на разни претставници на т.н. меѓународна заедница и странски амбасадори кои по дефиниција делуваат во интерес на нивните држави, долго време ќе влијае негативно врз сликата што странците (ќе) ја имаат за РМ.

Лекцијата за секој релевантен политички фактор, конечно и за секој граѓанин на РМ, е дека благодетта денес, во 21 век, да имаш своја држава, мора да се заслужи и чува на секој можен начин. Македонскиот Устав и закони овозможуваат многу механизми за интерно, институционално разрешување на сите политички проблеми, според моделите на современите најразвиени демократски држави. Секоја дестабилизација на демократскиот капацитет на системот на институции значи директно делување против највисокото право на Македонскиот народ/нација да има своја држава, како континуитет на многувековната борба на нашите претци да имаат свое парче земја, земја која можат да ја наречат – своја. Ние, денешните Македонци, не смееме да им го направиме тој најголем, онтолошки грев, врз нашите потомци – да го изгубиме крваво стекнатиот и заслужен државен суверенитет, и да се сведеме на ниво на меѓународен протекторат или нешто уште полошо.

Ќе преживееме како народ и држава до Април 2016, кога на демократски избори конечно ќе бидат поразени крвниците на Македонскиот народ и Македонската држава.

ПРЕС 24: Вие сте голем противник на рамковниот договор, но деновиве ќе се прави една аналзиа на неговото спроведување. Во која функција е таа?

НАУНОВСКИ: Единствено во функција на потврда на фактот дека тој мора набрзо, уште денес, да се поништи односно делегализира. И со тоа конечно да заврши сета таа несреќна приказна наречена охридски рамковен договор, кој денес, за жал, е дури и дел од актуелниот Устав на РМ, а во историски рамки е еден од најдеструктивните политички „договори“ кој се случил, заедно со оној од пржино, секако. Не постои дури ниту сличен договор на овој, односно ваков „рамковен“ Устав во историјата но и современата реалност во светски, а посебно не во рамките на Балканот. Тој договор е уникат, преседан, не постои такво нешто никаде во светот, разгледајте ги Уставите на други држави и ќе се уверите и сами во тоа.

Мојата долгогодишна критика на овој договор, главно е втемелена на две групи на факти. Прво, фактот дека РМ не смее да се оддалечи од современите и општо важечки модели на Устав и закони – што со рамковниот го направи; и второ, фактот дека тој е сам по себе, посебно во практична смисла, антидемократски, дискриминаторски за волјата на мнозинството (што е прв принцип на демократијата, секако, со задржување на сите механизми за заштита на загарантираните права на малцинствата соодветно меѓународните стандарди). Рамковниот е директно спротивен на принципите на граѓанското општество, каде што сите се еднакви со правата и обврските, сите се еднакви пред законите, за сите подеднакво важат законите. Јасно е дека по 2001 г., Македонија во определена смисла не е правна држава, со современа функционална демократија, посебно заради тој фамозен принцип на Бадинтер односно двојното мнозинство, што е терор на малцинството врз мнозинството, и воопшто не е упатена кон креирање и развој на современо граѓанско општество. Впрочем, какво граѓанско општество може да има кога има квоти и бројки за се, само за едно малцинство како пресуден критериум, а не квалитет и еднакви услови за сите? Во таа смисла, јасно е дека ние Македонците, Македонскиот народ, сме практично дискриминирани во својата единствена национална држава.

Овој факт, дека ние, Македонскиот народ,  сме дискриминирани со рамковниот, е ужасен. Па ние, денес, во РМ, се соочуваме со класични облици на дискриминација кои ширум светот не постојат уште од времето на ЈАР, и се осудени секаде освен кај нас. Замислете ја таа лудост, дури тоа медиумски се претставува и глорификува како добро решение, практики, што е невиден парадокс во современиот свет. Зошто во Франција нема рамковен договор за правата на Алжирците, или во Германија за правата на Турците? За Баските во Шпанија? За Македонците во Албанија? На пример, зошто во Германија нема државни универзитети на турски јазик, или вработувања во нивната армија и полиција по етнички, малцински квоти? Само се обидувам пластично да ја претставам нелогичноста на рамковниот договор, затоа што искривениот јавно-политички дискурс во РМ и пропагандните активности на лобистите на рамковниот се исклучително ефективни, па дури и, како врв на апсурдите, платени со наши буџетски пари. Иако, се разбира, наспроти се Македонскиот народ веќе (откако ги  доживеа сите негативни консеквенци) полека но сигурно, создава консензус во правец на легално надминување на оваа несреќна епизода од вековниот развој на националната државотворност.

Јас сум убеден дека се повеќе луѓе го сфаќаат ова што со години го пишувам и зборувам за рамковниот, и дека полека но сигурно се создава политичка и геостратешка ситуација во која тој легално ќе биде укинат. Кога велам легално, пред се мислам на гласање во Собранието, законодавниот дом на РМ, таму каде што и беше октроиран. Конечно, мислам дека таа несреќна фаза од историскиот развој на оваа држава навистина мора да биде надминат.

Охридскиот рамковен договор, како ни оној од пржино, не се функционални. Тие не се направени како одраз на природен политички развој, како одраз на волјата на граѓаните и институциите во име на нови продуктивни можности за развој на државите и сите граѓани на истите. Тие се, симплифицирано кажано, октроирани договори кои немаат легитимитет и легалитет. Конечно, калемењето неуставни практики се судира и со несовладливиот критериум за легитимитет и легалитет, односно ништовност, која е препуштена на очекуваното поништување во друго време и конкретни поволни околности. Мислам дека тоа набрзо ќе се случи.      

ПРЕС 24: Има ли опасност од некаква безбедносна дестабилизиација на Македонија, како евентруален дел од една поширока регионална дестабилизација, предизвикана што од напливот на мигранти, што од евентуално активирање на келии на ИСИЛ овде на Балканот?

НАУНОВСКИ: Според мене, главна опасност за Македонија, во секоја смисла, е токму охридскиот рамковен договор. Потребата од промена на овој актуелен Устав во правец на легално и демократско поништување на рамковниот договор е многудимензионална, дури мислам и тврдам дека ако тоа наскоро не се направи, РМ ќе се претвори, ако тоа веќе и не е, на одреден начин, во претполитичка „држава“, со типично Хобсовска димензија на реалитетот. И такви некои барања што се спомнуваат а кои јас не ги третирам сериозно, како на пример за целосна двојазичност, некакво незамисливо делење на државниот буџет по етнички основи и слични, простете на изразот, глупости, се во извесна смисла повик за војна, и јавниот обвинител и безбедносните служби треба да ги анализираат и процесуираат согласно позитивните законски прописи. РМ, како и сите држави во светот, всушност е држава на историскиот носител на државноста, Македонскиот народ. Во оваа држава има еден народ – Македонскиот народ, и национални малцинства (односно делови на народи, според терминологијата во „рамковниот“ Устав) кои, секако, треба да ги имаат сите права според меѓународните стандарди, конвенции, акти. Ништо помалку, но и ништо повеќе од тоа. Се додека оваа држава не се врати кон меѓународното право, стандарди, принципи на функционирање, објективно ќе постои опасност од секаков вид на дестабилизација. 

 
 
05.12.2015 - 12:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега