Еве кои македонски каратисти одат на ЕП во Будимпешта
Селекторот на македонската карате репрезентација Бошко Заборски го објави списокот на каратисти кои ќа настапат на осмото Европско универзитетско првенство во Будимпешта, кое ќе се одржува од 18 до 21 јули.
Во главниот унгарски град во дисциплината борби во поединечна и екипна конкуренција ќе настапат: Наташа Стефановска, Моника Стефановска, Симон Антиќ, Спасо Илиевски, Борјан Стојановски, Мартин Несторовски, Иво Цветковски, Никола Иловски, Јордан Неделков, Ико Ташев, Наталина Синдилиева, Елена Трајковска, Ивана Ангеловска и Дино Шкоф.
Македонските каратисти пред настапот во Будимпешта одржаа заеднички десетдневни подготовки со Црна Гора во Суто Море.
- Задоволен сум од подготвеноста на нашите каратисти. Одржавме дваесетина заеднички тренинзи на кои претежно се тренираа специфично тактичко-технички елементи од спортската борба со акцентирање на изработка и подобрување на специјалните техники со кои каратистите треба да поентираат на европското првенство. Ние традиционално скоро секогаш имаме добри настапи на овие првенства и секако дека и во Будимпешта ќе се обидеме да оставиме добар впечаток и да освоиме медали, истакна Заборски.