Насер Слмани: СДСМ не сака слободни медиуми

Овие разговори не смеат да се претворат во процес на исполнување на желби на политичките партии, туку треба да биде сериозен процес, во кој прво ќе се даде точна дијагноза за состојбите, а потоа да се понудат конкретни предлози поткрепени со силни аргументи, кои би довеле до подобрување на состојбата со медиумите”. Вака Претстедателот на здружението на новинари, Насер Селмани го замислува процесот на разговори околу дефинирање на медиумските правила на игра во проицесот кој произлезе од договорот во Пржино. Сепак, тој во интервју за Прес24, вели дека перцепцијата е оти партиите кријат нешто од новинарите и од јавноста.

 

-Верувам дека партиите не сакаат сериозни реформи на медиумскиот систем. На нив им одговара постојниот систем, контролиран од политиката и бизнисот. Тие би сакале да направат само козметички промени колку да криеираат лажна перцепција во јавноста дека нешто прават, вели Селмани во интервјуто за Прес24.

Претстедателот на ЗНМ смета дека мора да се изврши притисок врз четирите партии за да новинарите влезат во процесот на разговори.

-Во врска со ставот на партиите околу вклучуувањето на новинарите и медимите во разговорите, вие имавте можност да ги слушате ставовите на партиите. Владеачките партии молчат, СДСМ се изјасни против, а ДПА е за транспарентност. Ако сите новинари и медиуми вршат поголем притисок во наредниот период, верувам дека партиите ќе го сменат ставот и ќе ги вкчучат новинарите и медиумите во разговорите.  

Разбирам зошто власта сака да ја задржи контролата врз медиумите, но не можам да сфатам како е можно опозицијата да не поддржува системски и одржливи промени во медиумскиот систем, вели Селмани за Прес24.

Селмани ја посочува опозициската СДСМ како еден од причлините зошто новинарите се надвор од овој процес. Неговата последна реакција беше директно насочена кон Бихаќка потсетувајќи го раководството на СДСМ дека помнало времето кога ставовите на ЗНМ се граделе во штабот на СДСМ.

-Мојата реакција беше соодветен одговор на изјавите од СДСМ дека ЗНМ ги расипала законите. Но јас не сакам повеќе да се занимавам со минатото затоа што од тоа никој нема да има фајде. Најодговорно тврдам дека од 2011 година кога беше избрано новото раководство на ЗНМ во ниту еден момент не сме дозволиле политичките партии да влијаат на нашите ставови. Така ќе биде и во иднина, вели Селмани

Претседателот на ЗНМ вели дека имало простор за заедничка соработка со МАН иако досега предлозите на МАН за заеднички настап не наидоа на одобрување од ЗНМ.

- Соработката со МАН е можна, само треба да најдеме соодветен пристап. Ако може да се усогласиме барем за едно прашање, подготвени сме заеднички да работиме за реализацијата на таа идеја.

ЗНМ и МАН имаат две дијаметрално спротивни позиции за две прашања. Едното е регулација на интернет просторот, а второто лиценци за новинарите.

- Голема заблуда е ако некој мисли дека сите овие проблеми за кои зборувате вие ќе се решат ако порталите бидат ставени во закон. Во науката ова верување се нарекува правен илузионизам, дека секој проблем може да се реши со закони. Не е така. Радиодифузерите и печатените медиуми се ставени во законски рамки, но истите проблеми се присутни и во овие медиуми. Не треба порталите да бидат ставени во закон за да можат институциите да се борат против говорот на омраза. Имаме Кривичен законик, кој предвидел такво кривично дело и порталите можат да одговорааат за ширење на говор на омраза. Тука не се работи за законски вакум, туку за неприменување на законикот. Нејасно е зошто досега Јавниот обвинител по службена должност не покренува постапки кога ќе забележи говор на омраза во било кој медиум, вели Насер Селмани, Претстедател на ЗНМ за Прес24

ПРЕС24: Преговорите меѓу партиите и меѓународниот посредник за делот за медиумите се во завршна фаза. Вие како ЗНМ во форма на протест побаравте вклучување на новинарите во тие разговори. Каков е резултатот? Како ги оценувате овие разговори?

СЕЛМАНИ: Нема ниедна сериозна причина претставниците на новинарите и на медиумите да не бидат вклучени во разговорите на партиите. Тоа е најмалку што партиите можат да го направат во овој момент. Новинарите и јавноста имаат право да знаат за што разговарат и договарат политичките партии за медиумите. Мора ние да имаме можност да се запознаеме со крајните решенија пред да бидат донесени во Собрание. Бараме пристојно време за да изградиме став за евентуалните решенија за да можеме да ги информираме новинарите и јавноста.

Резултатот од досегашното инсистирање на ЗНМ и на другите организации да бидеме вклучени во разговорите е дека партиите почнуваат да ја сфаќат апсурдноста на ситуацијата, да одлучуваш за нечија суднина, а него одбиваш да го вклучиш во процесот, навистина нема логика. Со ваквиот однос партиите не се свесни дека создават многу лош имиџ  за себе пред јавноста. Перцепцијата е дека партиите кријат нешто од новинарите и од јавноста. Има извесна промена во ставот на партиите, но ние ќе продолжиме да притискаме изворно да се информираме за текот на разговорите и за евентуалните решенија.

Разговорите почна добро, со вклучување на сите новинарски и медиумски организации и дури на поединци новинари, кои не се членови на новинарски здруженија. Добро е што агендата на посредникот Ванхауте беше креирана врз основа на ставовите на поголем број на организации и новинари. Но лошо е што после првиот консултативен процес, разговорите се затворија. Не можеме да очекуваме од разговорите да произлезат добри решенија, ако процесот е нетранспарентен. За секое решение мора да има сериозни аргументи, а не решенијата да се базарираат на политички дилови меѓу партиите. Таков пристап никогаш нема да прифатиме.

ПРЕС24: Имате ли конкретни информации кои предлози се на маса и што ќе произлезе како решенија од овие разговор меѓу партиите?

СЕЛМАНИ: Има многу шпекулации, но ние не сакаме да изградиме позиции врз основа на рекла-казла. Сакаме да имаме извори информации за текост на разговорите за да можеме да изградиме став за прашањата за кои се разговара и да понудиме соодветни решенија. Овие разговори не смеат да се претворат во процес на исполнување на желби на политичките партии, туку треба да биде сериозен процес, во кој прво ќе се даде точна дијагноза за состојбите, а потоа да се понудат конкретни предлози поткрепени со силни аргументи, кои би довеле до подобрување на состојбата со медиумите.

ПРЕС24: На почетокот од разговорите за овој пакет имаше средби и со новинарските здруженија. Мислите дека тие разговори беа само формални?

СЕЛМАНИ: Мислам дека почетокот на процесот беше добар затоа што посредникот ја креираше агедната врз основа на ставовите на новинарските организации и на новинарите. Спорна е следната фаза кога партиите ги затворија разговорите во тесен круг без да им дадат можност на заинтересираните страни да го следат процесот и да можат да ги коментираат понудените решенија.

ПРЕС24: Според Вас, која е причината новинарите да бидат изоставени од овие разговори. На чие барање е тоа?

СЕЛМАНИ: Верувам дека партиите не сакаат сериозни реформи на медиумскиот систем. На нив им одговара постојниот систем, контролиран од политиката и бизнисот. Тие би сакале да направат само козметички промени колку да криеираат лажна перцепција во јавноста дека нешто прават. Ние како новинари, но и медиумите не треба да им дозволиме на партиите од овој процес да се извлечат само со ситни концесии кон новинарите и медиумите.  Треба да ја искористиме ова шанса затоа што на маса имаме посредник, кој треба да води сметка постигнатите решенија да бидат во духот на европските стандарди.

Во врска со ставот на партиите околу вклучуувањето на новинарите и медимите во разговорите, вие имавте можност да ги слушате ставовите на партиите. Владеачките партии молчат, СДСМ се изјасни против, а ДПА е за транспарентност. Ако сите новинари и медиуми вршат поголем притисок во наредниот период, верувам дека партиите ќе го сменат ставот и ќе ги вкчучат новинарите и медиумите во разговорите.

ПРЕС24: Во еден ваш пост на Фејзбук завчера напишавте дека на СДСМ воопшто не им се важни медиумите, туку напротив им одговара да наследат перфектен систем на контрола. Иствремено ги потсетувате СДСМ дека завршило времето кога ставовите на ЗНМ се граделе на Бихаќка. Ова му доаѓа како лична потврда на информациите дека ЗНМ била продолжена рака на СДСМ, нели?

СЕЛМАНИ: Мојата реакција беше соодветен одговор на изјавите од СДСМ дека ЗНМ ги расипала законите. Но јас не сакам повеќе да се занимавам со минатото затоа што од тоа никој нема да има фајде.
Најодговорно тврдам дека од 2011 година кога беше избрано новото раководство на ЗНМ во ниту еден момент не сме дозволиле политичките партии да влијаат на нашите ставови. Така ќе биде и во иднина.
Штета е што партиите немаат сериозен однос кон прашањето за слободата на изразувањето и слободата на медиумите.
Разбирам зошто власта сака да ја задржи контролата врз медиумите, но не можам да сфатам како е можно опозицијата да не поддржува системски и одржливи промени во медиумскиот систем.

 

ПРЕС24: Логично е дека кога се зборува и се носат законски решенија за одредена сфера од општетството да се косултира и фелата од тој сектор. Но, во досегашната пракса на политичко договорање во Македонија има сосема поинаков пристап. Ете и изборот и носење на закон за специјално јавно обвинителство беше без какви било консултации со луѓето од таа сфера. Или да речеме измените на изборниот законик, без широка консултација и со помалите партии. Државната изборна комисија исто така. Сега ќе се отвора пакетот закони од судството, веројатно пак без консултации на судската власт. Зошто новинарите би биле поинаку третирани?

СЕЛМАНИ: Ако обвинителите и судиите не собраа храброст да се спротивстават на ваквиот нетрансппарентен начин на донесување на многу важни закони, кои ја регулираат нивната работа, тоа не е никакво оправдување дека и новинарите треба да молчат. Молчењето не е решение. Правата и слободите не се поклонуваат, за нив треба да се избориш. Ако луѓето се плашат да критикуваат и да се спротивставуваат на арбитрарните одлуки на власта, тогаш не можеме да збориме за демократија.

ПРЕС24: Интерсно е што и Вие и МАН имате идентичен став дека овие закони од медиумскиот пакет што се договараат меѓу партиите се погрешен чекор и на штета на медиумите, но во пракса никако да постигнете заеднички пристап за заеднички настап.

СЕЛМАНИ: Ние сме отворени за соработка со сите организации, со кои споделуваме исти вредности и имаме заеднички интереси. Соработката со МАН е можна, само треба да најдеме соодветен пристап. Ако може да се усогласиме барем за едно прашање, подготвени сме заеднички да работиме за реализацијата на таа идеја. Легитимно е, за некои прашања да имаме различни ставови и тоа не значи дека се нарушува новинарската солидарност затоа што живееме во демократија, а не во комунизам, каде сите мора да мислиме исто.

ПРЕС24: ЗНМ да речеме ги одби оние предлози на МАН за заеднички позиции. Ако новинарството во Македонија не успеава да постигне согласност барем за една точка за заеднички настап, тогаш како да зборуваме за силен новинарски интегритет?

СЕЛМАНИ: Ние не сме одбиле ништо, само не се согласивме со пристапот како да дојдеме до заеднички позиции. Ние немаме проблем да соработуваме со било кое новинарско здружение, но сепак мора да запазиме минимум услови за транспарентно работење. Се сеќавате кога МАН организираше протест пред грчката амбасада поради притисоците на грчките власт кон една наша колешка и ние учествуваме на протестот.

Во интерес на МАН е да одржи собрание каде јавноста ќе има можност да види кои се новинарите што застануваат зад тоа здружение и кои се целите на здружението. Со тоа ќе се избегнат сите сомнежи околу целите за формирање на здружението. После, мора да веруваме во професионалните стандарди и етика. Ние имаме кодекс, кој нашите членови се обврзани да го почитуваат, а од друга страна МАН се уште немаат донесено таков кодекс. Ако ги надминеме овие пречки, потоа можеме да отвориме разговори за усогласување на ставовите за конкретни прашања. Но, има нешто за кое веројатно никогаш нема да се согласиме, како што е идејата за лиценцирање на новинарите или за законска регулација на порталите.

ПРЕС24: Кои според ЗНМ се најсуштествени точки за кои треба да се најде решение?

СЕЛМАНИ: Клучно е да престане бранот на насилство против новинарите. Тоа ќе се случи ако има политичка и кривична одговорност за напаѓачите. ЗНМ за четири години има регистрирано 25 напади против новинари и досега за жал институциите не успеале да расветлат ниту еден. Ако насилството не се санкционира, тогаш институциите праќаат многу лоша порака до јавноста дека насилството кон новинарите е дозволена работа. За каква слобода на медиумите може да збориме ако е загрозена безбедноста на новинарите.

Второто прашање е финансирањето на медиумите. Знаете дека учеството на јавните пари во буџетите на највлијателните медиуми е големо. Во 2013 година медиумскиот пазар бил околу 20 милиони евра, од кои 7 се од владини реклами.  Постои сериозна опасност владата како голем огласувач да ги користи рекламите за влијание врз уредувачката политика на медиумите. Затоа, бараме ова практика да престане. Медиумите главниот извор на финансирање треба да го обезбедат од комерцијалните оргласувачи, а не од јавните пари.

Третата интервенција треба да обезбеди институционална автономија и независна уредувачка политика на МРТ и независен и професионален медиумски регулатор. Последната интервенција треба да биде околу тужбите за клевета против новинари и медиуми.

ПРЕС24: Како ЗНМ предлага да се постави функционирањето на МРТВ, МИА и Агенцијата за медиуми?

СЕЛМАНИ: Департизација и деполитизација на овие институции. За МРТ треба да се обезбеди независен извор на финансирање и тука имаме ист став со МАН. Верувам дека ќе можеме полесно да ги убедиме партиите да го прифатат ова. Треба да имаме нов Програмски совет, каде ќе се изберат претставници на цивилниот сектор, кои ја одразуваат социјалната структура на македонското општество. Нивниот избор во Собрание треба да биде со две третини од гласовите на пратениците, а Советот со квалификувано мнозинство треба да избере директор, кој треба да биде менаџер, а не политичка фигура. И на крај, МРТ мора да работи транспарентно и отчетно. Истиот пристап треба да се примени и во конституирањето на управните органи на Агенцијата за медиуми и на МИА.  

ПРЕС24: Кога се носеше законот за медиуми, ЗНМ силно пртискаше, по што од законот беа извадени интернет порталите. Денеска имаме една ситуација каде интернет просторот е основа, полигон, но и платформа на извор на говор на омраза, рушење на секакви стандарди на новинарската професија. Од денешна дистанца не сметате ли дека со тоа што интернет просторот остана нерегулиран, во оној дел што значи преземање на одговорност за напишан збор, овозможивте создавање на хаос, за кој кога и кој било да проба да го решава, ќе биде оценет како загрозување на слободата на информирање.

СЕЛМАНИ: Голема заблуда е ако некој мисли дека сите овие проблеми за кои зборувате вие ќе се решат ако порталите бидат ставени во закон. Во науката ова верување се нарекува правен илузионизам, дека секој проблем може да се реши со закони. Не е така. Радиодифузерите и печатените медиуми се ставени во законски рамки, но истите проблеми се присутни и во овие медиуми. Не треба порталите да бидат ставени во закон за да можат институциите да се борат против говорот на омраза. Имаме Кривичен законик, кој предвидел такво кривично дело и порталите можат да одговорааат за ширење на говор на омраза. Тука не се работи за законски вакум, туку за неприменување на законикот. Нејасно е зошто досега Јавниот обвинител по службена должност не покренува постапки кога ќе забележи говор на омраза во било кој медиум.

Точно е дека нивото на примена на професионалните стандарди е на ниско ниво, но тоа не е случај само за порталите, туку и за останатите медиуми. Не може да наметнувате професионални стандарди со законски казни, тоа едноставно го нема никаде во слободните земји. Општо прифатлив концепт за справување со неетично известувсање на медиумите е саморегулацијата. Најголем дел од порталите се членки на Советот за етика и таму е вистинската адреса каде треба да се упатуваме ако сакаме да го подобриме известувањето на порталите. Ако има добра волја, Советот може да предвиди минимум услови за членување на порталите.

Некои се жалат дека порталите краделе текстови и фотографии. Ако е тоа така, тогаш зашто медиумите не ги тужат порталите согласно Законот за авторски права. И во законот за граѓанска одговорност за клевета постои член кој предвидува одговорност за порталите во случај да објават клеветнички или навредливи изјави. За се има закон, не треба нови закони, само треба да се спроведат постојните.

И на крај, не е пракса во европските земји со закон да се регулираат интернет портали. Такви примери има во недемокртакси земји, како што се Турција, Русија и Кина. Верувам дека Македонија не заслужува да биде во друштво на вакви земји.

ПРЕС24: Дали Вие искрено мислите дека она што денеска го има во интернет просторот е новинарство?

СЕЛМАНИ: А кој треба да одлучува што е новинарство? Јаноста ќе одлучи кои портали ќе ги чита и ќе им верува, а кои не. Новинарската професиија се регулира со етички кодекси, не со закони. Не можете со закон да пропишувате што е новинарство, а што не. Такво новинарство има само во недемократски земји, каде режимите одлучуваат кој може да биде новинар, и какво новинарство може да се создаде.

ПРЕС24: Ако нема јасна законска регулација за преземање на одговорност, како тогаш да се воспостави ред во функционирањето на интернет просторот?

СЕЛМАНИ: Не знам за каков ред зборувате? Советот на Европа досега не предвидува стандарди за регулација на интернет просторот. Ние сме членка на Советот и треба да ги следиме нивните препораки.

ПРЕС24:  МАН смета дека во Македонија треба да има лиценцирање на новинарите. Вие сте против. Зошто?

СЕЛМАНИ: Тоа е ужасна идеја. Јас искрено не можам да разберам новинари да бараат лиценцирање. Ја сечеме гранката на која седиме. Само уште тоа ни фали. Тоа ќе биде крај на сонот некогаш да имаме слободни медиуми и професионално новинарство.

Кажете ми една европска земја каде новинарите се лиценцираат?!  Кој ќе одлучува кој е новинар, а кој не. Кој ќе ги издаде таквите лиценци? Новинарството е слободна професија и властите не смеат да го ограничууваат влезот во професијата. Секој може да биде новинар, а дали секој може да создаде новинарство за тоа проценуваат гледачите, читателите. Тие одлучуваат какво новинарство сакаат, тие се најмеродавни да ја оценуваат нашата работа како новнари и никој друг.

ПРЕС24: Се чувствувате ли како раководител на "шалтерот за исплата на проекти", како што претседателката на МАН, го дефинира функционирањето на ЗНМ?

СЕЛМАНИ: Тоа се несериозни тврдења. Жално е што здружение кое претендира да претставува новинари се служи со таков речник. Тоа е позната метода на дискредитација и оцрнување на луѓето кога немате сериозни аргменти во рака. Убедени сме дека имиџот на ЗНМ кај новинарите и јавноста не зависи од ваквите злонамерни и паушални обвинувања, туку само од нашата работа.

 

 
 
27.11.2015 - 10:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега