Три македонски екипи на реванши во Лига Европа
Три претставници од Македонија денеска ќе ги одиграат реваншите од првото квалификациско коло во фудбалската Лига Европа.
Екипата на Турново која има најповолен резултат по првиот дуел одигран на гостински терен, денеска од 17 часот и 30 минути на „Филип Втори“ во Скопје ќе ја пречека Судува. На првиот натпревар во Литванија резултатот беше нерешен 2:2.
Со нерешен резултат од Скопје, на гости кај Пјуник во Ерменија отпатува Тетекс. Тетовчани на првиот дуел одиграа без победник 1:1. Почетокот на средбата Пјуник - Тетекс е во 17 часот.
Третиот македонски тим кој ќе се обиде да се пласира во следното квалификациско коло е Металург. „Металурзите“ на домашен терен загубија со 1:0, па попладне од 18 часот на теренот на Карабах (Азербејџан) ќе имаат императив победа.