Позната причината за смртта на екс шефот на македонското воено разузнавање

 

Поранешниот воен разузнавач Горан Софески (44) вчераутро бил пронајден мртов во Kичевско откако еден ден претходно бил пријавен за исчезнат од неговиот братучед, а, според обвинителството, лекарите утврдиле дека починал од инфаркт, објави ДНЕВНИК.

sofeski

 

Софески во неделата тргнал на лов во селата околу Kичево и не се вратил, по што братучедот вечерта ја известил полицијата. Наредниот ден била организирана потрага по него.

- На 22 ноември З.K. во полициската станица во Kичево пријавил дека истиот ден неговиот братучед Г.С.(44) се упатил над селото Раштани, на спортски лов и не се вратил. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето - рекоа првично од полицијата пред да биде обелоденета информацијата дека Софески бил пронајден мртов.

Телото било пронајдено над селото Раштани на околу пет километри оддалеченост од Kичево. Според првичните информации на охридската полиција, врз телото на Софески немало траги на насилство односно немало траги на насилна смрт. Информацијата ја потврдуваат и од обвинителството.

- Утринава беше пронајдено безживотно тело кај местото Бела Вода во атарот на село Раштани, Kичево. Службени лица од МВР, медицински екипи и јавен обвинител извршија увид на самото место. При тоа е констатирано дека на телото на починатиот нема траги на насилство или на повреди. Лекарската екипа констатира дека лицето починало од природна смрт, инфаркт - велат од Јавното обвинителство.

Телото е дадено на обдукција со цел да се утврдат точните причини за смртта на поранешниот разузнавач.

Според непотврдени информации, Софески и порано имал проблеми со срцето. Инаку тој е поранешен разузнавач и функционер во Воената служба за безбедност и разузнавање. Тој пред да почине работел во Здружената оперативна команда на АРМ, чие седиште е во Kуманово.

 
 
24.11.2015 - 10:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега