Сотир Костов: Тоа што не успеаја да го направат партиите ќе го направат граѓаните во април
Четирите политички партии под посредништво на меѓународната заедница го направија најлошиот политички договор кој досега го имала Македонија. Техничката, а потоа и преодната влада, ќе биде Влада која воопшто нема да функвционира, но најдобра околност е тоа што веќе во април, граѓаните ќе го направат она што не можеа да го направат партиите. Вака политичкиот аналитичар, Сотир Костов во интервју за Прес24, ја анализира политичката состојба во Македонија по постпржинскиот договор.
- Овој вид на ‘’техничка’’ Влада, за мене потполно непознат, кој подоцна ќе прерасне во преодна Влада нема да функционира. Јас веќе овој тип на Влада го нареков ‘’Јанусова Влада’’. Влада со два лика, ако сакате и со две глави. Фали уште една и да биде ‘’Керберова Влада’’(митското куче Кербер, кое има три глави), за што никогаш не е касно, вели Костов кој очекува да се спроведен целосно догоиворот кој е и услов на Европската Комисија за препората, иако и понатаму ќе има опструкции од опозицијата.
-Самото испорачување ќе оди килаво, бидејќи како што веќе е вообичаено(?!?) едни ќе прават проблеми на тој план(нови нереални барања, други неприродни условувања), други ќе ги решаваат тие проблеми(ќе прават отстапки што во нормални услови, никој и никогаш не би ги направил), некој пат и по многу поголема цена од колку што е вообичаено и нормално. Демократијата и граѓаните ќе трпат, ама еве кај и да е април 2016 доаѓа. А тогаш, богами, многу работи ќе се разјаснат. Тоа што не го направија политичарите, убеден сум дека ќе го направат граѓаните на Република Македонија, кои масовно ќе излезат на избори, и ќе одлучат кој ќе биде на власт и ќе ја води Република Македонија, а кој ќе ја учи абецедата на опозиционото дејствување, вели Костов за Прес24, потенцирајќи ја некомпетентнсота на кадрите, за кои СДСМ најавуваше дека ќе бидат епсрепрти, а потоа излезе дека се класични политички решенија.
-Оливер Спасовски, новиот технички министер на МВР. Најпрвин изјави дека за министер СДСМ ќе предложи независен кандидат и тоа експерт за безбедност, потоа тој лично седна во министерската фотеља, и за неполни 24 часа, спротивно на новата законска регулатива, ги развласти сите овластени лица во МВР(тоа ти е професионализам, и стручност од посебен вид). Ете ти го несогласувањето уште на почетокот. Па тоа е скандал, од невидени размери и со големи несогледливи штетни последици. Но, што да очекуваме од човекот кој во Куманово со симпатизерите на Учките, ако не и со самите нив, правеше селфи, непосредно после загинувањето на припадниците на безбедносните сили. А и живот пише романе, велат нашите северни соседи. Човекот кој за луѓето, после случувањата пред владата и во Куманово, рече дека се ‘’најголем срам во МВР’’, еве го сега треба да командува со нив. За почеток тренира нивно развластување, а за понатаму ќе видиме. Мислам дека тој може и повеќе. Имам некое чудно претчувство дека многу скоро ќе проработи неговиот директен линк со специјалната обвинителка, па тогаш сите ќе се чудиме што ја снашло Република Македонија. Ама ајде, најмалку сакам да сум таков пророк. Инаку, реалноста вели дека констелацијата на новите министри и заменици министри, со веќе постојните во владата, ќе бидат како ‘’минус и плус’’, а нивниот меѓусебен однос како на ‘’Амер и Рус’’. Јас тука гледам многу повеќе несогласувања, отколку соработка. Најискрено би сакал праксата да ме демантира и да биде се во ред, а јас лош прогнозер, вели Костов во интервјуто за Прес24.
Стоир Костов смета дека специјалното обвинителство е ‘’диво месо’’ на уставниот и правниот систем на Република Македонија, поточно на системот на државното обвинителство.
-Ајде, да беше само специјален обвинител, за кого ќе се најдеше позиција во ситемот и хиерархијата на постојното Јавно обвинителство, работата некако и можеше да помине, и се ќе беше во ред. Чинам дека првобитно така и беше предвидено. Ама вака специјално обвинителство, како дуплирање и паралелизам на постојното, и во спротивност со одредбите на Уставот на Република Македонија, е тоа не го бива. Кога конкретно ќе се соочиме со правно непредвидените ситуации, а кои ќе произлезат од наведениот паралелизам, мислам дека некој ‘’ќе сече вени’’. За мене не може да има ‘’доверба без сомнежи во вистинитоста на одлуките’’ на ова обвинителство, бидејќи тоа е воспоставено со револуционерен макијавелизам, од страна на СДСМ и ‘’меѓународниот фактор’’(Бејли енд ЕУ компани), и неговиот статус не е легален, ниту пак постапувањето ќе има легитимност, вели во интервјуто за Прес24, Сотир Костов, аналитичар.
ПРЕС24: Европската комисија го објави извештајот за напредокот на Македонија. Тој има условена препорака. Се чека целосна реализација на договорот од Пржино. Досегашните разговори покажаа дека реализацијата на договорот не оди така брзо, сепак какви се проценките дали Македонија може целосно да го испорача овој услов од Европскат Комисија?
КОСТОВ: Некако како по правило почнуваме да живееме ‘’условен живот’’(Политички живот постојано обременет со исполнување на некои чудни услови, услови не својствени за вистинската меѓународна политика) на членка на меѓународната заедница која аплицира за влез во НАТО и ЕУ. Тоа фактички значи дека ние сме ‘’посебен случај’’, т.е. држава на која влезот во НАТО и ЕУ и е условен: најпрвин да го решиме спорот со Грција (надворешен меѓународен услов), па потоа здравје и живот, можеби и Р.Македонија ќе стане членка на овие две асоцијации. Ете по тој терк, по седми пат добивме препорака за преговори, но за прв пат таа е условена со целосна реализација на Договорот од Пржино (внатрешен, т.е. ‘’домашен’’ услов). Тоа дефинитивно не е добро за нас како држава. А богами не е добро и за ЕУ, но имам чувство дека, истата таа ЕУ, како да нема чувство за тој факт, или уште полошо како да не е свесна за тоа.
Инаку, што се однесува до тоа какви се проценките дали Македонија може да го испорача овој услов до Европската Комисија, мојот одговор е позитивен. Значи, сигурен сум дека Македонија го може тоа. Поточно, убеден сум дека тоа и ќе се случи. Исто така мислам дека самото испорачување ќе оди килаво, бидејќи како што веќе е вообичаено(?!?) едни ќе прават проблеми на тој план(нови нереални барања, други неприродни условувања), други ќе ги решаваат тие проблеми(ќе прават отстапки што во нормални услови, никој и никогаш не би ги направил), некој пат и по многу поголема цена од колку што е вообичаено и нормално. Демократијата и граѓаните ќе трпат, ама еве кај и да е април 2016 доаѓа. А тогаш, богами, многу работи ќе се разјаснат. Тоа што не го направија политичарите, убеден сум дека ќе го направат граѓаните на Република Македонија, кои масовно ќе излезат на избори, и ќе одлучат кој ќе биде на власт и ќе ја води Република Македонија, а кој ќе ја учи абецедата на опозиционото дејствување
ПРЕС24: Вториот значаен момент во пораките на еврокомесарот Јохенес Хан е оној во кој тој самуверено тврди дека ЕУ по изборите во Април ќе испорача решенија за Македонија кои ќе треба да ја мрднат од точката на која со години стои заглавена поради блокадите од Грција. Колкави се шансите државата да почне преговори и покрај вакви противења од Грција?
КОСТОВ: Колку мене ме служи умот, во изминативе дваесетина и повеќе години, колку што трае спорот со нашиот јужен сосед, јас не сум видел ‘’ЕУ да испорача решенија за Македонија’’. Напротив! Од почетокот на спорот, па се до денес, сите потези што ЕУ ги превземаше на тој план, во крајна линија се сведуваа на наведување на водата од воденицата во насока што одговара на нивната членка, која веќе 25 години ја блокира нашата држава за влез во ЕУ и НАТО. Непобитен факт, за луѓето со здрав разум и исправна логика, е дека Грција, и само Грација, со својата негаторска, неконструктивна и во крајна линија нехумана меѓународна политика, е единствениот виновник за тоа што Македонија ‘’со години е заглавена поради блокадите’’, и мислам, поточно сигурен сум, дека така и ќе остане. Морам да додадам дека се додека внуците(наследниците) на идеолозите на европското обединување, Шуман, Моне, Спинели, Де Гаспари, Пол Анри Спак и Сен Егзипери, кои денес раководат со унијата и се однесуваат на начин на кој се срам за ‘’татковците’’ на ЕУ, ние никогаш нема да започнеме преговори за влез во ЕУ. Тоа не значи дека не постојат никакви шанси тоа да се случи. Такви шанси секогаш има, но треба да се исполнат два услова. Првиот е да се почитува меѓународното право и да се признае и спроведе одлуката на меѓународниот суд за спорот, што е сосема нормална работа и остварлива. Вториот услов е денешните европски лидери како Меркел, Оланд и Камерон, барем малку да се потсетат на нивните славни претходници Аденауер, Де Гол и Черчил, и со својот лидершип исто така барем малку да заличат на нив. Е овој услов малку потешко ќе се оствари.
Денешниве лидери во Европа го немаат капацитетот на нивните претходници. Им недостасува визија и одлучност, а богами имаат проблем и со харизмата. Но, ајде да бидеме и за ова оптимисти. Некојпат потребно е барем малку нешто да се превземе, ама храбро и одлучно, и ете ти услови за коперникански пресврт, кон подобро, во нашиот случај, решавање на спорот и влез на Македонија во ЕУ и НАТО.
ПРЕС24: Датумот за изборите засега е како што вели Премиерот забетониран. Но, постои ли можност и опасност сепак 24 април да не е денот кога опозицијата и власта на избори ќе ги одмерат силите?
КОСТОВ: После се што се случи во изминатиот период, мислам дека простор за одложување на датумот за избори, 24 април 2016 година, нема. А, богами и шансите за такво нешто се сведени на минимум. Сите знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА не сакаат, ниту бараат одлагање на датумот за одржување на изборите. СДСМ со однесувањето на раководството предводено од Зоран Заев, на моменти покажува симптоми дека не се подготвени за успешен настап на изборите, ама досега од нивна страна беа испорачани безброј барања со условувања, се потпиша Договорот од Пржино, Собранието на Р.Македонија го донесе пакетот закони за избори, па доколку се побара или се создаде состојба за одлагање на изборите, мислам дека оваа партија целосно ќе се соголи и политички засекогаш ќе биде посрамотена.
ПРЕС24: Во Владата веќе влегоа двајца министри и тројца заменици од СДСМ како дел од договорот. Кои се Вашите очекувања, како ќе функционира оваа преодна Влада, можно ли е за очекување продлабочување на политичките несогласувања?
КОСТОВ: Да бидам искрен очекувања немам. И да ги имам, и какви и да биле, искуството ми кажува дека би биле целосно нераеални. Не го посакувам тоа, ама ми се чини дека овој вид на ‘’техничка’’ Влада, за мене потполно непознат, кој подоцна ќе прерасне во преодна Влада нема да функционира. Јас веќе овој тип на Влада го нареков ‘’Јанусова Влада’’. Влада со два лика, ако сакате и со две глави. Фали уште една и да биде ‘’Керберова Влада’’(митското куче Кербер, кое има три глави), за што никогаш не е касно. И види чудо, сум бил во право! Ме потврди, никој друг, туку Оливер Спасовски, новиот технички министер на МВР. Најпрвин изјави дека за министер СДСМ ќе предложи независен кандидат и тоа експерт за безбедност, потоа тој лично седна во министерската фотеља, и за неполни 24 часа, спротивно на новата законска регулатива, ги развласти сите овластени лица во МВР(тоа ти е професионализам, и стручност од посебен вид). Ете ти го несогласувањето уште на почетокот. Па тоа е скандал, од невидени размери и со големи несогледливи штетни последици. Но, што да очекуваме од човекот кој во Куманово со симпатизерите на Учките, ако не и со самите нив, правеше селфи, непосредно после загинувањето на припадниците на безбедносните сили. А и живот пише романе, велат нашите северни соседи. Човекот кој за луѓето, после случувањата пред владата и во Куманово, рече дека се ‘’најголем срам во МВР’’, еве го сега треба да командува со нив. За почеток тренира нивно развластување, а за понатаму ќе видиме. Мислам дека тој може и повеќе. Имам некое чудно претчувство дека многу скоро ќе проработи неговиот директен линк со специјалната обвинителка, па тогаш сите ќе се чудиме што ја снашло Република Македонија. Ама ајде, најмалку сакам да сум таков пророк. Инаку, реалноста вели дека констелацијата на новите министри и заменици министри, со веќе постојните во владата, ќе бидат како ‘’минус и плус’’, а нивниот меѓусебен однос како на ‘’Амер и Рус’’. Јас тука гледам многу повеќе несогласувања, отколку соработка. Најискрено би сакал праксата да ме демантира и да биде се во ред, а јас лош прогнозер.
ПРЕС24: Комплетиран е и тимот на специјалната обвинителка. Од нејзе се очекува решение на она и што беше во центарот на кризата. Неблагодарно е да се коментира однапрет нечија работа, но моето прашање е дали и колку ова обвинителство може да обезбеди некаква доверба без сомнежи во вистинитост на тие одлуки кои ќе произлезат од неговата работа?
КОСТОВ: Од јавно обвинителската работа и пракса на специјалното обвинителство ќе произлезат најголемите правни контрадикторности и апсурди, какви што досега нашата правна пракса не познава. Како дипломиран правник со положен правосуден испит кој има 34 години работно идскуство, одговорно тврдам дека специјалното обвинителство е ‘’диво месо’’ на уставниот и правниот систем на Република Македонија, поточно на системот на државното обвинителство. Ајде, да беше само специјален обвинител, за кого ќе се најдеше позиција во ситемот и хиерархијата на постојното Јавно обвинителство, работата некако и можеше да помине, и се ќе беше во ред. Чинам дека првобитно така и беше предвидено. Ама вака специјално обвинителство, како дуплирање и паралелизам на постојното, и во спротивност со одредбите на Уставот на Република Македонија, е тоа не го бива. Кога конкретно ќе се соочиме со правно непредвидените ситуации, а кои ќе произлезат од наведениот паралелизам, мислам дека некој ‘’ќе сече вени’’. За мене не може да има ‘’доверба без сомнежи во вистинитоста на одлуките’’ на ова обвинителство, бидејќи тоа е воспоставено со револуционерен макијавелизам, од страна на СДСМ и ‘’меѓународниот фактор’’(Бејли енд ЕУ компани), и неговиот статус не е легален, ниту пак постапувањето ќе има легитимност. Ама тоа ти се придобивките на револуционерниот макијавелизам, кој во случајот буквално значи, со погрешни/несоодветни средства да се постигнат добри дела. Во случајот ‘’средство’’ е неуставното специјално обвинителство, а ‘’добри дела’’ се гонењето, обвинувањето и затворањето на сторители на наводни кривични дела(корупција, злоупотреби, организиран криминал), за кои ‘’главен’’ доказ се наводи и индиции произлезени од разговори по телефон кои незаконски се снимени, и неовластено се објавени во јавноста пред да бидат третирани од обвинителите и судот. Со ова соголување доаѓаме до максимата ‘’целта ги оправдува средствата’’, ама притоа и се соочуваме со моралната безобзирност и отсуство на било каква совест. Најконкретно тоа е отфрлување не само на христијанското, туку и на секое легалистичко и моралистичко поимање на државата, правото и власта. Правен нихилизам од најсуров тип, во кој нема ниту право, ниту пак правда.
ПРЕС24: Очекувате ли дека Македонија ќе го добие вистинскиот одговор на суштинското прашање, а тое е кој организираше масовно прислушување во државата. Затоа што без тој одговор и без сакнции за иницијаторите, Македонија веројатно нема да може да каже дека во иднина ќе има спокојна и политичка, но и општетствена реалност. Ве прашувам затоа што се има чувство, како да се сака да се избегне од ова прашање и тоа да остане во воздухот да лебди и постојано да се користи како политички инструмент?
КОСТОВ: Доколку се следи ‘’буквата’’ на законот и правото, и доколку се дојде до конечна правосилна пресуда во предметот против Верушевски и др., мислам дека тој одговор ќе биде содржан во таа пресуда. Доколку се тактизира, и политиката ги замеша прстите во судскиот систем, тука повеќе мислам на странскиот фактор, кој за овој случај е многу агресивен, тогаш одговорот за тоа кој го организираше, а јас би додал и кој го реализираше, масовното прислушување во државата, ќе го добиеме, како што граѓаните на САД добија одговор на прашањето кој го изврши атентатот врз претседателот Џон Кенеди.
ПРЕС24: Од денешна дистанца ако се анализираат состојбите, дали овој политички договор беше единствената опција и дали е најдоброто решение за оваа политичка криза?
КОСТОВ: Не! И категорички не. Овој политички договор е еден од најлошите, како решение на исилената и фингираната политичка криза, и далеку од тоа дека беше единствената опција. Напротив. Доколку Зоран Заев и СДСМ барем малку имаа чувство за државност, и барем малку ја ценеа и почитуваат независноста на Република Македонија, кризата требаше да се реши со вистински, отворен и пред се искрен дијалог, помеѓу власта, опозицијата, но и граѓаните. И секако воопшто не требаше да се резилиме пред меѓународната заедница, и да се понижуваме дека сами не можеме да ги решиме проблемите, па тие ни се неопходни. Но, знаеме Заев многу невешто истапуваше во името на граѓаните, а во суштина ги занемаруваше и не ги почитуваше кога по изборите СДСМ не влезе во Собранието на Република Македонија, па потоа театрално ‘’стапи во брак’’ со граѓанскиот сектор, поточно со 82 невладини организации, од 10 000 регистрирани, и околу 6000 активни, со кој заедно поведоа улична револуција, која се состоеше во нереди и вандализам на една група деликвенти, подбуцната од говорот на омраза на Заев, која се обиде да влезе во Владата на Р.Македонија, брутално напаѓајки ги припадниците на безбедносните сили на државата. Но, дефинитивно тој беше прочитан, и кога најмногу му требаа граѓаните за да го организира ‘’најмасовниот митинг’’ во историјата на митингување во Македонија, најреално му излегоа околу 22 до 25 илјади граѓани. Заедно со Шекеринска излагаа дека на митингот имало 100 000 луѓе, за што и до денес ги исмеваат, а всушност толку луѓе имаше на митингот на власта пред Собранието на Р.М. Тоа што следуваше потоа, веќе е историја, лоша историја, по позната како Пржински патрдии во режија на СДСМ.
ПРЕС24: Посредништвото на европските политичари и овој пат беше главна локомотива на раштиманите политички вагони. Како да станува правило, но она што е поопасно, како да станува неопходно странско посредништво за политичко разбирање меѓу партиите во Македонија. Која е крајната точка, може ли ова да ја одведе Македонија до меѓународен политички борд?
КОСТОВ: Тоа во никој случај не смееме да си го дозволиме. Таа опсаност за Македонија, меѓународен политички борд, сигурен сум ќе отпадне, иако за мене никогаш и не била вистинска опасност, после резултатите од изборите догодина во април, без разлика какви ќе бидат резултатите. Значи, таква ‘’главна локомотива’’ не ни е потребна, бидејќи историјата покажува дека никогаш не ни донела нешто добро. Така беше со комисијата на Бадентер, и неговата недоследност кон Македонија, така беше во 2001 кога разноразни меѓународни каубои и докажани политички Минхаузени рамковно не суредија, а како што реков патардиите од Пржино сеуште се свежи.
Дефинитивно, граѓаните на нашата држава на 24 април догодина ќе бидат нашиот ‘’домашен борд’’ кој ќе одлучи кој во следните четири години ќе управува со Македонија.
ПРЕС24: Ако се анализираат постигнатите договорени решенија за реформи во изборниот процес, тие во основа не нудат некои радикални промени. Партиите сега велат дека тие гарантираат фер и демократрски избори, но и во 2011 и 2013 кога се правеа измени на изборниот закон велеа дека гарантираат фер избори, за потоа да излезе дека се сомневаат и не ги признават изборните резултати. Моето прашање е дали изборите во април ќе бидат крај на оваа криза, или пак можеби почеток на нова посериозна?
КОСТОВ: Ниту станува збор за вистински реформи на изборниот систем, ниту пак се направија радикални промени. Тоа беше еден политичко-изборен циркус од страна на СДСМ и Заев, кои направија да изгледа дека во изборниот систем се се менува, а во суштина ништо значајно не се промени. Тоа е познатиот принцип/стратегија на DI Lampeduza. Паролата е ‘’Се да се измени’’, а резултатите се ‘’Ништо да не се промени’’. На цел глас се најавуваат длабоки и суштински промени, а со вешт спин се прави лесен лифтинг, чиј најголем ефект е површинскиот сјај. Тоа е цела уметност: најпрвин се измислуваат промените; потоа се залажуваат своите членови и симпатизери; Следи вовлекување на противниците во процесот; и на крајот измамата на јавноста. Ниту ‘’П’’ од промени. Само површинско гланцање, според желбите и потребите. Не се промени изборниот модел, вистински не се прочисти Избирачкиот список, целосно не се професионализираа изборните органи... и така со ред. После Цацко ќе им биде крив. Е не го бива. И тој веќе е изморен од тоа само тој да биде виновен. Ме чуди што до сега не побарал рамноправна застапеност, и на едните, и на другите, и на третите, во поделба на вината. И да ви кажам нешто: како автор на три книги за изборни кампањи и избори(‘’Како да победиме на избори’’, ‘’Изборни кампањи’’ и ‘’Локални избори 2005’’), денес, во втората декада од 21-от век, веќе не е можно фалсификување на избори од такви размери како што вели СДСМ, дека за 200 000 гласа ВМРО-ДПМНЕ ги фалсификувал изборите. Одговорно го тврдам ова. Земете го предвид само мониторингот на изборите: Тој е четирикратен. Мониторинг на политичките партии, на Државната изборна комисија, на граѓанскиот сектор, и на меѓународната заедница(ОПСЕ и ОДИХИР). Епа нека се најде маж и нека фалсификува избори. Не сигурно, туку најсигурно ќе биде откриен In flagranti, на лице место, спречен и подоцна санкциониран.
ПРЕС24: Кој има послаб капацитет за демократија, партиите или државните институции?
КОСТОВ: Дефинитивно партиите! Институциите се побогати со човечки ресурси(стручњаци, експерти, професионалци), подобро се организирани, и функционираат многу поефикасно од партиите. Само четири политички партии имаат потребна и доволна партиска инфраструктура. Тоа се СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА. Само тие имаат човечки ресурси и финансии за успешно функционирање, иако ДПА и СДСМ тоа невешто го прават. Сите останати парти, безмалку до една, импровизираат, немаат развиена инфраструктура на терен, програмите им се неквалитетни, идеологија немаат, а богами кубурат и со членство. Затоа и се кријат под ‘’чадорите’’ на големата четворка. Тоа е погрешна стратегија за дејствување, и затоа се, и ќе останат, доколку радикално не го променат организирањето и дејствувањето, партии ‘’двоседи’’, ‘’троседи’’, едноставо ‘’канапе- партии’’. Треба ли да зборувам дека институтите, заводите, училиштата, универзитетите, управите, комитетите, министерствата, клиниките, и фондовите имаат добра организациона поставеност, соодветен институционален капацитет, и најнакрај експерти, стручњаци и менаџмент, и тие со мали исклучоци, сите ефикасно функционираат и во голем степен успешно се справуваат со своите надлежности, така што се справуваат со проблемите со кои се соочуваат. Еве не ги одбегнувам судовите и обвинителствата. Погледнете ги установите за притвор и казнено поправните домови. Па тие се преполни. Значи некој, открива сторители на кривични дела и ги пријавува(најчесто полицијата), друг поднесува барања за спроведување на истраги и обвиненија(надлежните обвинителства, а трет суди и пресудува. Во сето ова има грешки, не велам дека нема. Некој треба да ги пријави и докаже, за да се санкционираат и не се повторат. Мислам дека и има такви случаеви. И тоа не се малку. Ама некој да ми кажува дека целиот правосуден систем е корумпиран и не функционира, тоа е несериозност која се граничи со неоснована негативна генерализација. Тоа веќе е политички нихилизам, својствен за СДСМ, кој не ги признава институциите, но сепак користи кадри од нив кога треба да се пресмета со политичкиот противник – ВМРО-ДПМНЕ. Да не е трагично, би било комично.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа