Тодоров: Случајот во Гевгелија не смее да остане неказнет

Министерот за здравство Никола Тодоров во Дневникот на МРТ го објасни случајот во кој родилка и нејзиното бебе починаа во гевгелиската болница и побара институциите доколку утврдат одговорност да го казнат виновникот согласно законите.

-Во Гевгелија почина и родилка и бебето, тоа е исклучително трагичен случај. Таму има ситуација во која има доктори кои врз основа на податоците се во алкохолизирана состојба изведувале определена интервенција. Тоа е комплетно недозволиво и мора да се персонализира одговорноста. Докторите веднаш беа суспендирани, и во постапка во рокови утврдени со закон истите добија отказни решенија. Постапката сега е во надлежност на судот и обвинителството. Направена е обдукција и очекувам за овој случај да има судска разрешница. Одговорноста мора да се персонализира, и тој што направил определено кривично дело, доколку се докаже, да се казни согласно законот. Ова не смее да остане неказнето, тоа е она на што јас би инсистирал и како министер и како човек, ваков тип на неодговорност не смее да се повтори. Во правото велат дека овој тип на неодговорност или високото ниво на неодговорност во некои ситуации може да се изедначи и со умисла. Очекувам судските органи да го разрешат овој случај, и ако се утврди одговорност виновниците да одговараат во согласност со законот, потенцираше министерот Тодоров во Дневникот на МРТ.

 
 
02.11.2015 - 20:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега