Иванов во Рим: Со плочата изразуваме благодарност кон делата на Свети Кирил и Методиј

„Во оваа базилика на Санта Марија Маџоре папата Адријан Втори во 868 година ги освети донесените словенски книги во Рим од светите браќа Константин Кирил и Методиј, создавачите на словенската писменост. Од благодарниот македонски народ“, гласи текстот на плочата во чест на Свети Кирил и Методиј, што денеска, во рамки на официјалната посета на претседателот Ѓорге Иванов на Ватикан, беше поставена во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим.

- Денес сум тука за да ја изразам благодарноста на македонскиот народ кон сесловенските светители и просветители – Кирил и Методиј. Оваа плоча, што денес ја поставуваме, е резултат на повеќегодишните напори и залагања, но и остварување на сонот на многу генерации Македонци, истакна претседателот Иванов во обраќањето на церемонијата на поставување на плочата.

 

Делото на светите Константин-Кирил и Методиј, како што рече, е вградено во секоја буква што ќе ја напишеме и во секој збор што ќе го изговориме.

- Токму јазикот и верата нè одржале како народ и тогаш кога не сме имале наша сопствена држава, и тогаш кога сме биле поделени, покорени и прогонувани. Во такви тешки услови, македонскиот јазик бил нашата единствена комплетна татковина. А, меѓите на таа татковина ги поставија токму светите Кирил и Методиј, рече Иванов.

Според него, народите без писменост неповратно исчезнале во историјата, а македонскиот народ е еден од народите кои опстанале благодарение и на делото на светите Кирил и Методиј.

- Затоа, со оваа плоча ние ништо не присвојуваме, туку само ја изразуваме нашата искрена и длабока благодарност. Но, благодарноста кон св. Кирил и Методиј не се изразува само со оваа плоча. Благодарноста ја изразуваме користејќи го македонскиот јазик и неговото кирилично писмо за постигнување нови дострели во културата, уметноста и науката, бидејќи јазикот е најголемиот жив споменик кој ние сме должни да го чуваме и да го унапредуваме за оваа и за идните генерации, истакна претседателот Иванов.

 

Кардиналот Сантос Абрил и Кастељо, старешина на базиликата, јави известувачот на МИА, рече дека оваа плоча ќе биде историски спомен, притоа изразувајќи убедување дека инаугурирањето на плочата ќе претставува и огромна радост за македонскиот народ.

- Ова ќе остане еден убав спомен кој уште подлабоко ќе ги поврзува Македонија и Ватикан. Македонија ја сметаме за голем пријател и поставувањето на оваа плоча е продлабочување на веќе постојните многу длабоки врски меѓу Ватикан и Македонија. Секој Македонец кој ќе престојува во Рим сигурно ќе има голема желба да влезе во оваа базилика и да види каде е поставена плочата во чест на благодарност на македонскиот народ на браќата Свети Кирил и Методиј, истакна кардиналот Сантос Абрил и Кастељо.

На поставувањето на плочата присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска.

Инаку, поставувањето на плочата е иницијатива на претседателот Иванов, која по неколкугодишни напори е прифатена од ватиканските власти.

Во 2013 година претседателот Иванов упатил писмо до папата Бенедикт со кое го замолил за помош и поддршка во годината кога се одбележува јубилејот – 1150 години од почетокот на словенската мисија на светите Кирил и Методиј, од име на целиот македонски народ, да се оддаде почит, признание и благодарност на словенските просветители преку свечено поставување на спомен плочата во базиликата Санта Марија Маџоре.

Претседателот Иванов уште во 2011 година, за време на церемонијата за беатификација на Јован Павле Втори, кога ја посетил оваа базилика забележал две спомен плочи на благодарност кон делото на светите браќа од словачкиот и од бугарскиот народ, па оттаму и идејата и македонскиот народ на тој начин да ја изрази својата благодарност и веднаш се заложил за добивање соодветно одобрение од ватиканските власти.

На оваа тема е разговарано и при првата кратка средба со папата Франциск во март 2013 година, како и на средбата во мај 2014 година. Побарана е поддршка и од новиот државен секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин.

 
 
02.11.2015 - 17:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега