Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за храна и Македонско-руската стопанска комора
Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија и Македонско-руската стопанска комора потишааа Меморандум за деловно техничка соработка. Документот го потпишаа директорот на Агенција за храна и ветеринарство на РМ Зоран Поповски и претседателот на Македонско-руската стопанска комора Ѓорѓи Дика, во присуство на претставници на македонски компании од млечната и месната индустрија кои претходно беа посетени од страна на инспекциските служби на „Россељхознадзор" (Служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација).
- Меморандумот е резултат на остварената соработка и потребата од усовршување на компаниите и инспекциските служби во однос на руските законски прописи и правила, изјави Ѓорѓи Дика, кој истакна дека овој Меморандум ќе придонесе за значајно зголемување на соработката меѓу Агенцијата за храна и ветеринарство и членките на Македонско-руската стопанска комора во правец на развој на трговско-економските врски со Руската Федерација.
Од денеска, во организација на Македонско-руската стопанска комора, во Скопје се одржува дводневен семинар за законска регулатива, правила и прописи за извоз на млеко и млечни производи, месо и месни производи во Руската Федерација и Евроазиската царинска унија, на кој пристуствуваат претставници на компании од македонската млечна и месна индустрија. Семинарот го отвори извршениот директор на Македонско-руската стопанска комора Дејан Бешлиев, кој говореше за значењето на информираноста и едукацијата во процесот на подготовките со што се скратува патот до успехот и посакуваните резултати.
Во рамките за семинарот, од страна на предавачи од А-ЦЕРТ, – официјална сертифицирана агенција на „Россељхознадзор", учесниците се запознаваат со законската регулатива, процедурите, правилата и прописите како и со сите детали со кои компаниите ќе се сретнат во пракса при извозот на млеко и млечни производи, месо и месни производи на рускиот пазар и пазарите на Евроазиската царинска унија.
Македонско-руската комора која во дел на активностите е насочена кон зголемување на извозот на македонски производи во Руската Федерација, оценува дека со воведување на семинари и обуки, македонските компании поединечно ќе се стекнат со дополнителни придобивки и ќе бидат подготвени за планско и ефикасно постигнување на зацртаните цели, што ќе влијае на целокупната слика со зголемување на финансиските резултати од извозот на македонски производи во Руската Федерација.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа