Мерките и политиките даваат резултат: Македонија е топ реформатор

Македонија е топ реформатор, низата мерки, проекти и политики за подобрување на деловниот амбиент добија уште една верификација. Светска банка ја рангираше нашата земја на 12 место во светот по условите за водење бизнис. Нашата држава е прва во регионот, шеста во Европа, пред 24 од 27 земји – членки на ЕУ. Земјава бележи фанстатичен скок од 18 позиции во однос на ланскиот „Doing Business“ извештај. Ако се направи споредба со рангирањето од 2006-та година, скокот е за цели 82 позиции, пишува Лидер.

-Можеби овој резултат е изненадување за многумина, но ние како Влада веруваме во реформите коишто ги спроведуваме во Македонија, ги применуваме најдобрите светски практики кои ги прилагодуваме и анализираме на нашите услови. Високиот ранг е резултат на сработеното, вели премиерот Груевски.

Напредок во сите индикатори – политиките даваат резултат

Економските политики даваат резултат, нашата земја во рангирањето на Светска банка бележи напредок во сите анализирани индикатори. Од 189 анализирани држави, Македонија е втора во светот по стартувањето нови бизниси!

-Неверојатно, во индикаторот за започнување со бизнис, Македонија од 189 земји се искачи на второто место, веднаш зад Нов Зеланд. Во основа, процесот за започнување со бизнис во Македонија е многу лесен и едноставен, сè може да се направи во еден чекор, објаснува економистката на Светска банка, Валентина Салтане.

Иако законскиот рок е четири часа, во земјава може да се отвори фирма за два часа и со само една постапка, за разлика од пред десеттина години кога беа потребни 18 дена за целосно да се заврши работата. Постапката може да се направи по електронски пат, процедурата е едноставна, а со тоа значително им се олеснува работата на претприемачите.

Добриот амбиент за стопанисување доби потврда и од аспект на даноците, а овде Македонија е рангирана на високото седмо место во светот. Ниските даночни стапки и зафаќања, кои останаа непроменети и во време на криза, на фирмите им ослободуваат повеќе пари за развој на бизнисот.

-Даночната стапка во Македонија е најниска во светот, со ефективна стапка од 7,4%. Таа ја уживаат сите мали и средни претпријатија. Тоа значи дека преку ниските даноци, малите и средните претпријатија добиваат стотици милиони евра годишно. Државата не им го одзема она што тие го остваруваат како профит, па потоа преку прераспределба да им го враќа назад, туку им остава сами да го раководат, објаснува првиот финансиер во државава, Зоран Ставрески.

Според постапката за издавање градежни дозволи, Македонија од Светска банка е рангирана на десеттото место.

-Македонија е една од државите кои успеаја да постигнат две работи, односно да дизајнираат и имплементираат систем на градежни дозволи кој истовремено е и ефикасен и квалитетен, се вели во анализата на Банката.

Во однос на заштитата на малцинските инвеститори сме на 14 место, што е многу важен показател за сигурноста на инвестицијата. Во поглед на извршувањето на договорите сме на 26 место, а истата позиција ја имаме и во делот на надворешната трговија. Ниските царини резултираат со значително зголемување на извозот од нашата земја. Од 2006-та досега, извозот е двојно зголемен.

-Царината овозможи да постојат поедноставени постапки, да има куќно царинење и да постојат гранични царински терминали на сите поважни гранични премини, со што се скратува времето и стоката побрзо стасува до крајниот корисник, објаснува претседателката на „Макамтранс“, Билјана Муратовска.

Земјава е рангирана од 40 до 50 место во делот на пристапот до електрична енергија, кредити, регистрацијата на имот, справувањето со несолвентноста, но охрабрува што токму во овие сегменти се бележат големи поместувања и подобрувања.

Рангирањето – „ас“ во ракавот за нови инвестиции

Според премиерот Груевски, реформите се прават за да се подобри животниот стандард на граѓаните и да се подигне квалитетот на животот. Ова рангирање ќе биде од корист во отворањето нови работни места, бидејќи ќе послужи како дополнителен мотиватор на инвеститорите да ги вложат своите средства во Македонија.

-Освен верификација на нашите напори за креирање поволна бизнис – клима, ова е сигнал и за домашните и за странските инвеститори, кои овој Извештај го оценуваат како релевантен при носењето на одлуката каде да ги вложат своите средства. Праксата го потврдува тоа. Како се подобрува рангот на Македонија на оваа листа, така се зголемува и бројот на странски компании кои доаѓаат во земјава, отвораат фабрики и нови работни места, вели премиерот Груевски.

Македонија во рангирањето пред светски сили

Македонија во рангирањето на Европа е шеста во Европа, пред нас се Данска, Шведска, Норвешка, Финска и Велика Британија. Во Извештајот, зад нас се моќни економии и држави, како Германија Австралија, Канада, Австрија, Франција, Холандија или Јапонија… Во однос на регионот, зад нас е Словенија (29), Романија, Бугарија, Хрватска и Црна Гора (38,39,40, 46)… Први на листата се Сингапур и Нов Зеланд.

 
 
29.10.2015 - 09:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега