Општина Штип: Граѓаните да дадат предлози за проекти за наредната година

Општина Штип почна да ја изготвува Програмата за работа за 2016 година, со што општинската администрација, но и граѓаните ќе го креираат буџетот за наредната година. Портпаролот на Општина Штип, Драган Ристов истакна дека од денеска се повикуваат граѓаните да ги дадат своите предлози за реализација на проекти за наредната година.

Принципот кој го застапуваме е проектите да бидат иницирани од самите граѓани, од урбаните и руралните заедници. Поради тоа, ги повикуваме сите граѓани да доставуваат предлози, идеи, иницијативи и барања за реализација на инфраструктурни проекти во  населбите, маалата и улиците. Предлозите и барањата можат да ги доставуваат урбаните заедници, групи граѓани или граѓани-поединци до Архивата на Општина Штип или на е-маил: [email protected].Рокот за доставување на предлозите е до 15 ноември 2015, рече Ристов.

Тој додаде дека се очекува основниот буџет за 2016 година да изнесува исто како и минатата година, односно основниот буџет да биде проектиран на 494, 6 милиони денари. Ристов информира дека градоначалникот на Штип,  Илчо Захариев  веќе почнал и со посетата на урбаните заедници, каде што директно се запознава со проблемите и предлозите на граѓаните за наредните проекти.

Во ноември ќе се одржи јавна расправа за буџетот на Општина Штип за 2016 година, а на последната седница во декември од страна на советниците во Советот на Општина Штип се очекува и да биде изгласан.

 
 
28.10.2015 - 16:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега