ГОБ „8 Септември“: Квалитетот на здравството не треба да се цени по изолирани случаи

Менаџментот на Градската општа болница „8 Септември“ денеска испрати соопштение во кое се осврнува на зачестените напади во јавноста врз докторите и реформите што се спроведуваат во здравството.

Во соопштението се наведува дека квалитетот на здравството во целина не треба да се оценува според изолираните случаи на неодговорни доктори во здравствените установи.

 

- Не треба да се заборави напредокот постигнат во здравството во изминатиот период. За здравствените установи е набавена модерна медицинска опрема, а докторите и останатите здравствени работници и соработници се испраќаат на едукација за користење на истата, благодарение на што се воведуваат нови методи и услуги. Конкретно, за нашата болница е набавена опрема во вредност од 8 милиони евра, од што е вредно да се нагласат апаратите за магнетна резонанца, компјутеризирана томографија, дигитален мамограф, дигитален литотриптор, 4 дигитални рентген апарати, комплетна опрема за гастроентерохепатологија, неврологија, дерматовенерологија, 10-тина ехо апарати и многубројна останата опрема, а дополнително треба да пристигне и опрема во вредност од 2 милиони евра, се вели во соопштението.

 

Според менаџментот на болницата, зголемен е и обемот на работа и тоа од 6.500 хоспитализации и 95.000 амбулантски прегледи во 2010 година на повеќе од 13.800 хоспитализации и 190.000 амбулантски прегледи во 2014 година.

- Зголемениот обем на работа е пропратен и со нови вработувања. Така, бројот на вработени од 418 во 2010 година, е пораснат на 820 вработени во 2015 година, од тоа новопримени се над 115 доктори од различни специјалности, а овој број дополнително ќе порасне по заокружување на процесот на трансформација од статус волонтер и договор на дело во работен однос, се вели во соопштението од Градската болница „8 Септември“.

 
 
28.10.2015 - 11:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега