„Катимерини“: Ципрас не сака да соработува со Македонија за бегалската криза

Грчкиот премиер Алексис Ципрас не сака да соработува со Македонија или Турција во однос на кризата со мигрантите и бегалците, пишува „Катимерини“ повикувајќи се на дипломатски извори кои изминатиот викенд присуствувале на вонредниот самит во Брисел, пренесе МИА.

Под наслов „Позадината на состанок во Брисел“, весникот открива што се случувало зад затворени врати на мини самитот, повикувајќи се на информации од сопствени дипломатски извори.

- Темата која повеќе го „напрегна“ грчкиот премиер беше соработката со ПЈРМ. Во овој момент на дебатата, господинот Ципрас ја напушти просторијата за да зборува на телефон со Атина... За оваа конкретна точка, голем број официјални претставници изјавија за „Катимерини“ дека господинот Ципрас не сака да соработува со Македонија или со Турција, поради влијанието на министерот за одбрана Панос Каменос и министерот за надворешни работи Никос Коѕиас, открива весникот.

Во врска со другите точки од дискусијата, „Катимерини“ нагласува дека според анализа на изворите, „поради зголемениот прилив на бегалци во последниве месеци, ривалства од 90-тите години почнуваат да доаѓаат до површината и дури можат да го запалат регионот“.

Весникот уште открива дека атмосферата во првичната расправа била многу негативна за Грција, а грчкиот премиер Алексис Ципрас бил „под оган“ пред се од неговиот унгарски колега Орбан и хрватскиот премиер Милановиќ. Важна улога во овој дел од дискусијата на состанокот во неделата одиграла интервенцијата на шефот на Високиот комесаријат за бегалци Антонио Гутереш кој застанал во одбрана на грчкиот премиер.

 
 
28.10.2015 - 11:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега