Трифун Костовски: Не прифаќам лидери кои шетаат со вклучен микрофон или со USB со бомби в џеб
ФРОДЕМ е политичко движење кое минатата недела го поромовираше своето место на општествената сцена во Македонија. Засега не таргетира како трет политички субјект, туку како кортектор на општествената свест во Македонија. Трифун Костовски е еден од најпрепознатливите идеолошки основачи на движењето. Во интервју за Прес24, за тоа дали ФРОДЕМ ќе прерасне во политичка партија, вели дека тое не е најзначајно, важно е да се артикулира крајната цел, мисијата и визијата.
-Не нѐ плашат различните идеолошки матрици кои ги носат сосебе поединците во Фродем, бидејќи фронтот важно е да ги искристализира своите крајни цели, вели Костовски одговарајќи како разните идеолошки ставови на членовите на ФРОДЕМ можат да се канализираат во една политика
- Појавата на ФРОДЕМ во политичкиот живот ја доживувам како неопходна потреба за враќањето на најисконските потреби за постоење на една држава која ќе биде вклопена во модерните светски текови. Човекот бил и секојпат ќе биде стожер и база на секој општествен поредок, вели во интервјуто за Прес24, Костовски.
За критиките кои ги доби на самиот старт и од власта и од опозицијата, Костовски потенцира дека се очекувана реакција на двете најголеми партии и тоа воопшто не го загрижува.
-Ние не нудиме војна, туку систем кој треба да го воспостави Македонија за доброто на граѓаните на Република Македонија. Во нашите настапи се обраќаме пред граѓани, пред невладини огранизации, пред политички партии и секојпат ќе избегнуваме да изговориме збор за омраза, напротив, инсистираме на различност и прагматичност. Дали ќе прерасне во трета политичка опција засега е рано да се говори, од причина што сè уште сме во фаза кога сакаме да ги прикажеме нашите тези и идеи, а тоа секако ќе зависи од граѓаните, вели Костовски во интервјуто за Прес24.
Платформата на ФРОДЕМ иако е опозициска, таа е сосема различна од онаа на актуелната опозицика предводена од СДСМ. Костовски смета дека тој не се преопзнава во политиката на СДСМ
-Го почитувам местото и улогата на опозицијата, но во нив не ја препознавам визијата за наредните 20 – 30 години. Ова што ние го нудиме е долг процес, може ќе е тежок и болен, но е единствен пат како да изградиме современо и здраво општество. Не можам да го коментирам моралниот кредибилитет на лидерот на опозицијата, меѓутоа јас лично како човек не можам да прифатам лидери кои шетаат меѓу народот со вклучени микрофони или пак со USB со таканаречените бомби, вели Костовски во интервјуто за Прес 24.
Препознава позитивни елементи во работењето на власта, меѓутоа генералната политика што ја порактикува власта не му дозволува да застане во нивна одбрана.
-И од страна на актуелната власт имаше позитивни зафати од почетокот на нивното владеење: субвенции за земјоделците и сточарите, намалување на ДДВ – то за одредени стоки од овие области и секако, зајакнувањето на Управата за јавни приходи, како стожер во денешната политика на Република Македонија. Меѓутоа, кога сфатив дека за актуелната власт е побитно колку проекти ќе рекламира, дојдов до заклучок дека тоа е несериозен пристап, вели Костовски.
Разочаран е од актуелната политичка ситуација, особено од немањето капацитет на лидерите да постигнат политички компромис. Вели: “Разочарувачки е меѓународната заедница да интервенира во решавањето на домашните проблеми. 2001 година беше конфликт од несомнено поголеми размери, но денес веќе имаме интеретничка политичка криза, која ја докажува нашата незрелост”.
-Лично сметам дека денес во Република Македонија не се преговара, туку се договара, со цел да одредени политички личности бидат амнестирани пред лицето на правдата, вели Трифун Костовски во интервјуто за Прес 24.
ПРЕС24: Неодамна го промовиравте ФРОДЕМ, како движење кое има за цел, како што велите во платформата, да го врати човекот во центарот на внимание. Каде е сега човекот и на кој начин мислите дека може да се реализира една таква идеја?
КОСТОВСКИ: Појавата на ФРОДЕМ во политичкиот живот ја доживувам како неопходна потреба за враќањето на најисконските потреби за постоење на една држава која ќе биде вклопена во модерните светски текови. Човекот бил и секојпат ќе биде стожер и база на секој општествен поредок. Во изминатите 25 години од самостојноста на Македонија, за жал човекот е третиран како бројка, како толпа, а не како автономен субјект, мислечко битие со свои автономни ставови и потреби, како партиципативен дел од граѓански ориентираното општество кој е интегрален и одлучувачки сегмент за демократизацијата на процесите. Во Македонија постоеше обратната перспектива – наместо оние кои се на владеачките позиции да му служат на граѓанинот, граѓанинот беше ставен во служба на нивните партиски и поединечни интереси. Сакаме таа грешка да ја исправиме и да укажеме на важноста на секој еден човек во општеството, со тоа што ќе ги акцентираме неговите потреби, ќе ги мотивираме неговите капацитети да биде вклучен во процесите на одлучување и креирање на сопствената иднина. Тоа е вистинска демократија – партиципативност, соработка на граѓаните со оние на кои им е дадена довербата да ја водат државата.
ПРЕС24: Сите Ви го поставуваат прашањето дали ФРОДЕМ ќе биде политички субјект, Вашиот одговор e ако добиеме повратен сигнал од граѓаните. Што е тоа што го очекувате како повратен сигнал?
КОСТОВСКИ: Секако дека прашањето за политичка партија е сериозно прашање и сериозно приоѓаме кон нашите цели. Најпрвин сакаме да бидеме разбрани меѓу граѓаните и политичките субјекти, дека појавата на Фронтот претставува мисија и коректив за лошите политики во Република Македонија и недвосмислено, доколку ја добиеме поддршката од граѓаните, невладините организации, неформалните здруженија и политичките партии, нужно ќе се појави потребата нашите заложби да преминат во поконкретни програми кои ќе нудат на политичката сцена решенија, визија и мисија за Македонија.
ПРЕС24: Од она што можеше да се види на промоцијата на ФРОДЕМ во поглед на кадровската екипираност, покрај Вас беа и поприлично нови, непознати имиња со интелектуален беграунд, но и лица препознатливи од политичкиот блок на левицата и десницата во Македонија. Колку тоа може да биде своевидана предност, а колку хендикеп во оформувањето на заедничката идеја, ако се земе предвид дека меѓу нив има идолошко дијаметрано спротивни ставови за разни теми?
КОСТОВСКИ: Точно е дека на промоцијата се појавија познати лица кои припаѓаат на одредени политички спротивставени партии и лица со интелектуален беграунд и токму од таа причина, наместо движење одлучивме да биде Фронт, чија заедничка цел е да го сочуваме човекот, неговото квалитетно образование со високи стандарди, квалитетен и ефикасен здравствен систем, нова економска политика и иднина во Република Македонија. Тоа значи дека идеолошката, образовната разлика е иманентна на секое вакво здружување, но важно е да се артикулира крајната цел, мисијата и визијата. Не нѐ плашат различните идеолошки матрици кои ги носат сосебе поединците во Фродем, бидејќи фронтот важно е да ги искристализира своите крајни цели за кои говорев погоре. Живееме во историски миг кога мораме да научиме да се здружуваме, обединуваме, да градиме конструктивни фронтови кои ќе понудат коцепти за ревоспоставување на општеството врз здрави демократски принципи, кои ќе ги вратат речиси загубените вредносни системи, а со тоа ќе отворат нов пат за достоинствениот живот на граѓаните на оваа земја.
ПРЕС24: Она што можеби е добро за почеток за вашето движење е жестоката критика која стаса и од двете во моментов најмоќни партии во Македонија. Ве критикуваа и СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, што Ви дава еден белег на трет правец. Но, прашањето е дали ФРОДЕМ има моќ да остане на подеднаква дистанца од овие два политички субјекта, ако се знае нивната моќ за сузбивање на досега сите идеи за условно кажано трета политичка опција?
КОСТОВСКИ: Засега поставеноста на Фронтот е таква да едноставно политичките припадности се маргинализираат, имајќи ја нашата примарна цел: визија и корекција на досегашните политички субјекти во третманот на човекот. Критиките од најголемите две партии во Македонија се очекувана реакција и тоа воопшто не нè загрижува. Ние не нудиме војна, туку систем кој треба да го воспостави Македонија за доброто на граѓаните на Република Македонија. Во нашите настапи се обраќаме пред граѓани, пред невладини огранизации, пред политички партии и секојпат ќе избегнуваме да изговориме збор за омраза, напротив, инсистираме на различност и прагматичност. Дали ќе прерасне во трета политичка опција засега е рано да се говори, од причина што сè уште сме во фаза кога сакаме да ги прикажеме нашите тези и идеи, а тоа секако ќе зависи од граѓаните.
ПРЕС24: Вие бевте парципиент условно кажано на власта и централна и локална, со поддршка и од СДСМ, а потоа и од ВМРО ДПМНЕ. Ако треба да направите анализа, со кого потешко се разбиравте, како би ја дефинирале?
КОСТОВСКИ: Не би сакал денес да ги коментирам моите лични грешки кои ги направив со СДСМ и ВМРО, коалицирајќи со првите на парламентарни избори, а со вторите на локални избори. Времето е фактор кој ќе ја покаже на виделина мојата принципиелност дека не припаѓам на ниту една политичка опција, туку само на мојата татковина Република Македонија!
ПРЕС24: Господине Костовски, реално во Македонија има огромен простор за трет политички субјект, особено овие 10 години во кои опозицијата во Македонија не успева да се одлепи од својот најнизок рејтинг. Некои испитувања на јавноста покажуваат дека процентот на неопределени во Македонија е некаде над 55%. Што и недостасува на Македонија, за нова политичка алтернатива? Нема харизматични ликови како Церар, како Ципрас, како Борисов? Или нешто друго е во прашање?
КОСТОВСКИ: Точна е Вашата проценка дека огромно мнозинство во Република Македонија е незадоволно од владеењето на двете политички партии, а тоа беше поводот да ги анализираме работите на сите партии од осамостојувањето до денес и да дојдеме до фактот дека она за кое се залагаме е тоа за кое двата блока требаше да обрнат повеќе внимание, а тоа е градење на општество кое навистина, суштински ќе почива врз партиципативните принципи на граѓанското општество, во кои автономната и слободно мислечка единка ќе биде најважна и клучна во понатамошното редефинирање на моделот на општеството! Не е во прашање харизматичноста на лидерот, туку неговата идеја и личности, неговото CV, дали ќе биде во состојба да го имплементира тоа што ќе го вети. Времето на умни и прагматични луѓе треба да царува, а харизмата може да биде само плус.
ПРЕС24: Велите во платформата дека ќе се обидете Вашите ставови да ги наметнете кај постојаните политички субјекти да ги примат во нивните програми. Тоа вака од страна изгледа и премногу наивно и премногу утопистички? Зошто мислите дека Груевски или Заев ќе препознаат добра идеја кај Вас, кога во моментов “крвнички” се настороени еден кон друг?
КОСТОВСКИ: Велам и ќе повторам, ние се обраќаме кон граѓаните, и на крај кон политичките партии. Воспитуван сум во христијански дух, па така, кој мене ме мава со камен, јас му враќам со леб. Ако и двете политички партии сметаат дека во мене ќе најдат соперник, однапред кажувам дека се лажеле. Поаѓам со јасни визии и долгорочни цели. Не сакам да губам време, ниту енергија, за дневно политички потреби.
ПРЕС24: Зошто не се препознавате во актуелната опозициска пратформа на СДСМ и зошто мислите дека таа не е алтернатива на власта?
КОСТОВСКИ: И самите го цитирате фактот дека во Македонија е поголем процентот на незадоволни граѓани од двете политички партии. Го почитувам местото и улогата на опозицијата, но во нив не ја препознавам визијата за наредните 20 – 30 години. Ова што ние го нудиме е долг процес, може ќе е тежок и болен, но е единствен пат како да изградиме современо и здраво општество.
ПРЕС24: Ќе Ве прашам директно, мислите ли дека после целокупниата ситуација, во која денеска имаме лидер на опозицијата кој во себе поседува непознат број матерјали со веројатно само за него позната содржина, има морален кредибилитет да се промовира во алтернатива и иден Премиер?
КОСТОВСКИ: Не можам да го коментирам моралниот кредибилитет на лидерот на опозицијата, меѓутоа јас лично како човек не можам да прифатам лидери кои шетаат меѓу народот со вклучени микрофони или пак со USB со таканаречените бомби.
ПРЕС24: Зошто не се препознавате со платформата на власта не ве прашувам, затоа што настапот Ви е опозициски, но ќе Ве прашам дали во платформата на власта препознавате и позитивни елементи. И кои би ги издвоиле?
КОСТОВСКИ: Не сакам да бидам погрешно сфатен, и од страна на актуелната власт имаше позитивни зафати од почетокот на нивното владеење: субвенции за земјоделците и сточарите, намалување на ДДВ – то за одредени стоки од овие области и секако, зајакнувањето на Управата за јавни приходи, како стожер во денешната политика на Република Македонија. Меѓутоа, кога сфатив дека за актуелната власт е побитно колку проекти ќе рекламира, дојдов до заклучок дека тоа е несериозен пристап. Современа власт со визија, не треба да има повеќе од 5 – 6 основни, капитални проекти. На краjот од краиштата, го заборавија човекот, со неговиот интегритет, заборавија на човекот кој има право на избор, права и слободи. Кратко кажано, се инвестира во бронзи и фасади, а не во најголемиот капитал, односно човекот и во неговите достоинствени вредносни вертикали. Случајот со поројните дождови кога студентскиот дом „Гоце Делчев“ беше поплавен, тоа само може да ми ја замрзне крвта, кога гледам во какви услови е третиран човекот, и се прашувам дали тој човек е обврзан да врати со лојалност на нашата земја!
ПРЕС24: Како го оценувате расплетот на актуелната политичка криза која почна пред повеќе од една година, особено што главната улога на бајпас ја има повторно меѓународната заедница?
КОСТОВСКИ: Разочарувачки е меѓународната заедница да интервенира во решавањето на домашните проблеми. 2001 година беше конфликт од несомнено поголеми размери, но денес веќе имаме интеретничка политичка криза, која ја докажува нашата незрелост. И повторно, меѓународниот фактор се става во функција на олеснувач. Зошто ова самопотценување? Со вакво однесување пред меѓународната заедница наликуваме на детска градинка.
Се срамам како личност кога го гледам отсуството на доблест меѓусебно да седнеме и да ги расчистиме сите прашања со заеднички интерес – иднината на Република Македонија. Не признавам пазарење или договарање во кое интересот на Македонија ќе биде омаловажен и ќе надвладуваат суетите и партиските интереси. Верувам дека меѓународната заедница ќе биде уште поостра, бидејќи не сме ја достигнале зрелоста како држава и како нација.
ПРЕС24: Толку ли е тешко господине Костовски политичките партии во Македонија да можат самостојно, заеднички, политички да се разбираат? Во што е проблемот, во политичката култура, или во политичкиот инает?
КОСТОВСКИ: Во претходното прашање Ви го дадов моето мислење. Лично сметам дека денес во Република Македонија не се преговара, туку се договара, со цел да одредени политички личности бидат амнестирани пред лицето на правдата.
ПРЕС24: Оние кои Ве познаваат знаат дека не сте политички амбициозен за да таргетирате на премиерската функција, но логично е прашањето дали ФРОДЕМ, ако издржи подолго на сцената, може да таргетира на функцијата Претседател на државата?
КОСТОВСКИ: Поривот за појава на ФРОДЕМ не е моја амбиција да бидам премиер или претседател на Република Македонија. Проблемот е многу посуштински, ниту јас ниту било кој останат што е дел од ФРОДЕМ не го правиме ова од лукративни желби. Не припаѓам на луѓе кои креираат своја кариера, газејќи на лешеви. Би бил насјреќен кога во овој период од мојот живот би се посветил на семејството, внучињата, меѓутоа фактот дека мојата татковина оди во неповрат, предизвика порив да се огласам за освестување на сите граѓани во Република Македонија. Колку во тоа ќе успееме ќе зависи од вас, медиумите, а посебно од граѓаните на Република Македонија.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа