Претседателот Иванов со честитка за рамазанските пости

 

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, реис-ул-улема ефенди Сулејман  Реџепи, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед во државата по повод рамазанските пости.

- Возвишениот месец Рамазан е време на молитва, духовно прочистување, љубов и хуманост. Од изгрејсонце до зајдисонце, Вашата истрајност и посветеност на верата и молитвата се почитувани од сите граѓани и религиозни групи во Република Македонија. Верувам дека токму рамазанските пости ќе бидат инспирација за натамошно градење на мирна, демократска и просперитетна Република Македонија, во која соработката и соживотот се секојдневие и трајна вредност, се вели во честитката.

- Во оваа пригода би сакал да ја потенцирам мојата увереност дека и во иднина, Исламската верска заедница ќе продолжи со својата активност да придонесува Република Македонија и понатаму да биде пример за заедничко живеење во мир и меѓусебно разбирање, и почитување на сите граѓани, без разлика на нивната етничка и верска припадност. Од сè срце посакувам рамазанските пости да ви бидат исполнети со хармонија и со радост да го дочекате големиот празник Рамазан-бајрам, се вели во честитката од претседателот Иванов. 

најчитано сега