Груевски се надева на позитивен фидбек од Самарас: Дијалогот ќе донесе решение на спорот

Македонија ги исполни критериумите за почеток на преговорите со ЕУ и за членство во НАТО, меѓународното право е на наша страна што е потрдено и од Судот во Хаг, но и покрај тоа Грција ја блокира македонската евроатлантска интеграција. Инициравме поинтензивен дијалог, испратив писмо до грчкиот премиер, се уште нема одговор, но се надевам дека ќе биде позитивен, истакна премиерот Никола Груевски по средбата во Вилнус со неговиот литвански колега Алгирдас Буткевичиус.

- Ние ги исполнивме потребните критериуми да ги започнеме преговорите уште во 2009 година, но тоа беше одложено поради блокадите од нашиот јужен сосед. Потоа отидовме во Меѓународниот суд на правдата во Хаг каде што победивме. Тоа е суд основан од ОН што кажа дека Македонија е во право. Меѓународното право е на наша страна, но членството на Грција во ЕУ и НАТО е на нивна страна. Моќта на ветото што ја имаат е на нивна страна. Се обидуваме да иницираме дијалог со нив што претставува најголемиот проблем во моментот бидејќи имаме чувство дека не се толку фокусирани на решавањето на ова прашање и дијалогот со нас, изјави Груевски.

Посочи дека неодамна испрати писмо до грчкиот премиер Андонис Самарас во кое го поканува да почнат поинтензивен дијалог на ниво на премиери заедно со повеќе министри, под чадорот на ОН и медијаторот Метју Нимиц, со цел во што пократок период да се реши прашањето.

- Досега се уште немам одговор, а помина околу една недела откако го пратив писмото и се надевам дека во следните денови ќе добијам позитивен одговор. Ако има позитивен одговор и ако започнеме со интензивен дијалог можеби постојат шанси да се дојде до решение бидејќи до решението може да се дојде само преку дијалог, а ако нема дијалог нема решение. Ако има дијалог има шанси за решение, истакна македонскиот премиер.

ФОТО: МИА

најчитано сега