Хан: Избори во април мора да има!

Продуктивни разговори го одбележаа петтиот состанок на Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Република Македонија и Европската Унија.

Истиот се одржа  под ко-претседателство на Никола Груевски, претседател на Владата на Република Македонија и  Јоханес Хан, комесар за проширување и соседска политика на Европската Унија. 

На прес-конференцијата која ја одржаа Груевски и Хан беше потенцирано дека се исполнува договореното и дека заложбите ќе продолжат со тоа темпо.

Хан го поздрави враќањето на СДСМ во Собранието и изборот на специјален обвинител, децидно посочувајќи дека избори во април мора да има.

-Во рамките на овој дијалог, разменивме мислења, се сретнав одвоено со сите лидери на партии и направивме преглед до каде е ситуацијата, до каде се реформите. Сите мои партнери потврдија дека изборите мора да се одржат до крајот на април, како што беше договорено. Има обврска која што треба да се исполни во однос на одржувањето на изборите и во склад со европските и меѓународните стандарди треба да се подготват овие избори.ОБСЕ/ОДИХР, Советот на Европа се тука за да го понудат своето искуство во подготвувањето и мониторингот на овие избори. Европа е подготвена да ги искористи сите свои ресурси, човечки ресурси за да помогне во однос на изборите, но за да се направи ова важно е да се има соодветна изборна законодавна рамка и за да се донесе оваа законодавна рамка во склад со јунскиот договор при што сите политички лидери се обврзаа дека најдоцна до 6 октомври треба да има договор за содржината на нов изборен законик, рече Хан.  

Премиерот Груевски потенцираше дека истовремено со надминување на предизвиците, Владата продолжува со реформи на сите полиња и со цврстата заложба која ја води за Македонија да ги почне пристапните преговори за влез во ЕУ.

-Сметаме дека постигнатиот договор за политичката криза и процесот на неговата имплементација, треба да се искористи како можност и катализатор за паралелно рестартирање на евроинтеграциските процеси на Македонија. И покрај предизвиците со кои се соочивме, Македонија ќе продолжи со уште посилно темпо да спроведува реформи во областите кои се клучни за нашата интеграција во ЕУ- економијата, правосудството, образованието, медиумската сфера, политичкиот дијалог и продлабочувањето на добрососедските односи ќе бидат во нашиот фокус. Почетокот на пристапните преговори  со Македонија е можен и неопходен  и треба конечно да се случи, како што повеќе години наназад предлага ЕК.Треба да се дозволи тие да течат паралелно со разговорите  за наметнатиот спор за името со нашиот јужен сосед со кого сме одлучни да градиме партнерски односи во рамките на ЕУ и НАТО. Тоа ќе биде најдобра мерка за зајакнување на меѓусебната македонско-грчка доверба, истакна Груевски.

hanpremierot

Од Хан, Македонија денес доби ветување дека ќе ЕК ќе направи се што е во нејзина моќ за да ги убеди членките на ЕУ да го вреднуваат напредокот на Македонија во интеграциските процеси.

На разговорите станало збор и за мигрантската криза со која е соочена нашата држава. Премиерот потенцира дека Македонија покажа солидарна одговорност како европски партнер за надминување на кризата.

Комесарот за проширување и соседска политика на Европската Унија истакна дека Европската Унија не треба да дозволи балканските земји, вклучувајќи ја и Македонија, да бидат паркинг за мигрантите.

- ЕУ мора да си ја заврши работата, рече Хан и најави дека следната недела на престојниот Совет на ЕУ ќе се донесе заеднички документ за европска солидарност не само со бегалците, туку и со земјите од регионот како Македонија која е на бегалската рута. 

Утре, во рамки на престојот во Македонија, Хан ќе го посети и граничниот премин кај Гевгелија со цел, како што рече, лично да се увери каква е состојбата со мигрантите

 

 

Оцени ја веста

18.09.2015 - 19:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа