Следуваат три дена луда журка во Штип
Осмото издание на манифестацијата „Штипска пастрмалијада 2015“ започнува вечерва.
На пастрмалијада учествуваат 27 угостители и три винарии, воведена е строга контрола на изгледот и квалитетот на пастрмалиите и во текот на сите три дена посетителите ќе можат да уживаат во овој брендиран штипски и македонски специјалитет.
Отворањето ќе започне неофицијално по 18 часот со промоција на маскотата, а во 19:30 часот е предвидено и официјално отворање со обраќање на градоначалникот Илчо Захариев.
Веднаш потоа следи претставувањето на џиновската пастрмалија и трката во брзо јадење пастрмалии. Во музичкиот дел, вечерва ѕвезда на вечерта е фолк пејачот Јордан Митев со неговиот оркестар.
Во сабота на пладне е предвидена трката на келнери, а во 19 часот ќе следи прогласувањето на најдобриот штанд. Како музички имиња кои ќе ги забавуваат посетителите се штипскиот бенд Црна Тачка, македонската пејачка Калиопи и Жељко Самарџиќ.
Финалето на манифестацијата е во недела, кога во 22 часот е предвиден настап на Ферус Мустафов кој ќе биде најава во концертниот настап на српската фолк пејачка Цеца Ражнатовиќ, која е ѕвезда на манифестацијата.
Во Штип се очекуваат над 100.000 посетители и изедени 150.000 пастрмалии.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа