Столе Наумов: Новинарството не е водење политика со други средства

 

Додека во Македонија се води дебата како да се деполитизира медиумскиот простор, во современиот свет, како Велика Британија се расправа зошто БИ БИ СИ, како државен јавен сервис е најдобар. Тоа според, Столе Наумов, новинар и поранешен член на Советот за Радиодифузија ја отсликува реалноста колку далеку е Македонија од вистинското новинарство.

- Факт е дека гласачите немаат факти, вели Наумов во интервјуто за Прес24, анализирајќи го једвниот медиумски простор во рамки на јавната дебата која произлезе од политичкиот договор од Пржино.  Наумов смета дека партиските решенија нема да ја подобрат состојбата во медиумите, особено во националниот сервис МРТВ. Наместо партиска поделеност на каналите, тој предлага други решенија.

- Избор на членовите на Советот на Агенцијата за медиуми и Програмскиот Совет на МРТ со двотретинско мнозинство, вели во интервјуто Наумов, потенцирајќи дека во македонскиот медиумски простор е потребна промена на свеста.

- Од пропагандно новинарство  во  одбрана на одредена политика, кон новинарство кое ќе има карактер на непристрасно известување или функција на контролор, професионална групација која и служи на јавноста, а не  на власта и на сопствениците на медиумите.  Телевизиите да добијат дополнителни канали, комплеметарни на бизнисот. Да се намалат цените на лиценците  за дополнителни канали - детски, документарни, музички, филмски...Либерализација на медиумската концентрација. Да се ограничи наместо со сопственоста на медиуми, со процентуално влијание и удел на пазарот, вели Наумов во интервјуто за Прес24.

- Владините реклами кои се замрзнати под притисок на политичката криза, треба и понатаму да постојат, но само со јасни,транспарентни и цврсти критериуми на распределба.. насочени кон промовирање на јавниот интерес, а не во функција на рекламирање на владата и градоначалниците, потенцира Наумов.

 

ПРЕС24:  Реформата на јавниот радиодифузен сервис, МРТВ е процес на кој веројатно ќе се работи следниот период. Засега има многу опции за кои неофицијално се зборува дека се дел од преговорите на четирите партии. Една од опциите која се споменува е извесен начин на контрола од страна на опозицијата, односно нејзино активно учество во предлагањето на членови на програмскиот совет. Кој е Вашиот став, дали тоа е добар правец кој може да донесе поголема професионализација на МРТВ?

НАУМОВ: Јас никогаш не би бил за партиски решенија. За да се избегнат неопходна е нормална состјба, нормална држава..Кај нас не е така и како нужно зло тоа можеби некому му изгледа како добар предлог и решение, кога нема ништо друго  се да се сведе на превласт на опозицијата во телата кои одлучуваат за избор на директори, уредници во Јавниот сервис... Секако се што би било поинаку од сегашната состојба би било подобро. Во цајтнотот на нужноста од инстант решенија во овој краток период тешко може да се зборува за опстојност, стратешко постапување и слично. Само за законите за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и законот за медиуми, да ве потсетам колку години и какви жестоки дебати се водеа...И пак на крајот не добивме опстојност и долгорочна одржливост на решенијата, туку се се сведе на своевиден пазар со новинарите и медиумската заедница - ќе ви го дадеме тоа и тоа, ако вие се откажете од тоа и тоа...

Сепак дебатите за јавниот сервис се водат долг период и нема нешто што е непознато, што веќе не е кажано и мислам дека полесено можат да се договорат одредени решенија  само ако се има добра воља. Знаете и на ВМРО ДПМНЕ му одговара „да му даде“ на опозицијаата  посебен канал и да биде чиста..А од друга страна да си продолжи со првиот канал и приватните медиуми по старо. Тоа технички е изводливо.  Мултиплексите на Македонската радиодифузија, МРД имаат капацитет за уште неколку канали и тоа во највисока ХД технологија, но кај се парите за нови вработени, нови простории, нова опрема-нема да ги делат камерите и монтажните единици од сабајле ВМРО ДПМНЕ од навечер СДСМ..

 Впрочем, а како кај нас  би се извршила таа поделба  опозиција-позиција? Ние сме етнички специфична ситуација. Опозиционен канал ќе добие СДСМ, опозиционен канал на МТВ ќе бара и албанската опозиција и другите етнички заедници. Комплицирано до бескрај...Набавка на нова програма оти некој сигурно ќе рече доста документарци за Аце, Тодор и Ќосето, па ќе бараат пари за емисии за партизаните, левичарски содржини наместо антички...Еден сеопшт галиматијас... Спорт, ќе бараат пренос на Работнички и Куманово на Жерновски и Циц, наместо Вардар и МЗТ на Коневски... Ќе стигнеме до поделба на парите од радиодифузната такса, буџетот...

Нема излез. Политиката е влезена во секоја пора на општеството. Потребно ни е прво деполитизирање за да може нормално да разговараме за медиумите.

Тогаш би можеле да зборуваме за брзи корекции од типот на двотретински избор во парламентот на членовите на Програмскиот совет на МРТ (кој има големи законски ингеренции за жал недоволно ил  воопшто неискористени), двотретинско одлучување за крупни работи како финансиски план, програма за работа, избор на директор, на главен и одговорен уредник...Значи да се обезбеди состојба кога ниедна партија нема превласт и ќе мора да се прават компромиси кои во крајна линија ќе бидат професионални и на одговорните лица ќе им остават простор за поголема слобода, креативност, и независност во кроењето на информативната и друга програма. Тоа секако нема да биде само субјективен израз затоа што професионалните стандарди би се преточиле во новинарски Кодекс, внатрешен Статут на МРТВ, кој новинарите бланко би се обврзале да го почитуваат...Нема прилог без најмалку две страни, повеќестран избор на гости, редовни задолжителни дебати со празни столчиња и имиња на бојкотарите, секоја информација и прилог за активностите на владата да има реакција од другта страна, поголем плурализам во вестите по секој основ, ограничување на коментарите во посебни рубрики...

Тогаш нема да има проблем ниту со директните преноси на владините седници на Собранискиот канал. Во Скандинавските земји постојат т.н. политички јавни канали на кои веднаш по програмите за активностите на владата следуваат реакции,  коментари, анализи од опозицијата.

ПРЕС24:   Во поглед на таа дебата, здруженијата на новинари, ЗНМ и МАН доставија свои предлози. Како ги коментирате тие предлози?

НАУМОВ: Горе долу се слични предлозите, посебно околу финансирањето и рекламирањето на МРТВ.  По првичните размислување за посебен опозиционен канал, искажани на јавни дебати, МАН еволуираше во завршните официјални предлози за реформи на МРТВ и фактички и двете здруженија за првпат  се согласни за базичните точки кои треба да обезбедат независно финансирање  на јавниот сервис и строга департизација на управувачките органи и тела на МРТВ.

ПРЕС24:   Како според Вас може да се постигне висок степен на професионазација на МРТВ?

НАУМОВ: „Редефинирање на новинарството од новинарство свртено кон пропаганда или кон одбрана на одредена политика, кон новинарство кое ќе има карактер на непристрасно известување или функција на контролор, кон автономна професионална групација која и служи на јавноста, а не  на власта или на сопствениците на медиумите. Тоа се покажала како многу тешко поради интензивната политизација на медиумите и општеството. Многу новинари во јавните сервиси ја сфаќаат слободата на изразувањето, како слобода да ја  изразат својата пристрасност и да бидат во првите редови на политичките збиднувања. Сфаќањето на новинарството како водење на политика со други средства тешко изумира“, забележал полјакот Карол Јакубовиц кој го истражувал проблемот со изменетите улоги на новинарите при преодот од еден политички систем во друг.

Потребен ни е радиодифузен систем кој е способен да ги имплементира барањата на јавниот сервис и јавниот интерес и да ги заштити непристрасноста и независноста од политичките влијанија , а тоа природно бара раководството на МРТВ и вработените  на тој сервис да се придржуваат кон овие вредности...

Се разбира за да сето кажано не прозвучи како демагошки флоскули, не случајно на почетокот ги споменав саморегулаторните елементи-Кодекси и Статути, внатрешно во МРТВ, но и пошироко за новинарската заедница, Советот за етика-СЕМ и Советот на честа на ЗНМ.

ПРЕС24:Главната критика за програмата на националниот сервис е сконцентрирана за информативанат програма. Преголема застапеност на претставниците на Владата, но од друга страна обврска на МРТВ е да известува за актовностите на Владата. Како овде да се постигне баланс?

НАУМОВ: Безпристрасноста и избалансираноста по секоја цена, па дури некогаш и на штета на објективноста се бара од јавите сервиси во Европа. На граѓанинот треба да му се понуди информација од различни извори, со различни ставови и аргументи и тој самиот да си го има филтерот и од мноштвото понуда да си одлучи. На тој начин наместо аморфна единка која чека секогаш насока, упатство... барате индивидуалец-поодговорен, покреативен, похрабар, да размислува, анализира да избира и да одлучува...Па нели имавме кампања „Осмели се“.

Проблемот е што кај нас јавниот сервис се смета дека е медиум на мнозинството што победило на изборите.  МРТВ има законски обврски на својата програма и за се  она што не е атрактивно, коњуктурно, куренто,исплатливо и атрактивно за комерцијалните медиуми. Затоа и го плаќаат сите граѓани, не само гласачите на една или друга партија или претствниците на една заедница, група, место, општина или град. Советот за радиодифузија правеше истражувања и анализи на плурализмот во информативните и другите програми на МРТВ и се констатираа значајни недостатоци не само по застапеност на власта и опозицијата , туку и на исклучива  доминација на главнот град, на премиерот и владата во однос на претседателот, локалната самоуправа, целосно отсуство на одредени маргинализирани групи ...

Треба да се известува за активностите на владата но не беспоговорно, неаналитично, некритички...Тоа и самата влада го признава понекогаш, дека и она греши и дека многу добро би и дошла корекција, поставување прашања...Макар што тоа го вели само од говорница кога нема можност за потпрашања.

 Конечно кога се редат вестите се знаат новинарските стандарди. Предност имаат најважните, најинтересните...Епа ако секој ден во вестите најважни ни се премиерот и владата и ништо друго побитно не се случува во Македонија и во целиот свет, тогаш „чорба македонче“...

ПРЕС24:Што е јавен интерес за еден национале државен радио-дифузен сервис?

НАУМОВ:  “Меѓу силните спинови и приказни вистинска информација треба да се бара со свеќа и рударска опрема. И никогаш не си сигурен дали се работи само за обична лага. Медиумите во оваа земја, повеќе не ја исполнуваат својата општествена функција - да информираат.  Уредниците и издавачите, не се осудуваат да задираат во политиката, во осилото на медиумските и огласувачките интереси, а граѓаните, всушност се помалку имаат поим за тоа колку не знаат.

Владaта забрани, на ПР агенциите да  работат со државата. Забрана за трошење на државни пари за ПР-овско гланцање на ликот и делото на премиерот, министерот... Дали не е  подобро државните пари, нашите пари, кои одат за маркетинг на политичарите, значи за ДЕЗинформирање на јавноста, да одат во корист на нејзино - информирање?

Факт е дека гласачите, немаат факти, а  неинформираниот гласач е најопасен гласач, т.е. шансите сериозно се зголемуваат за секакви лудаци, со бркови или без нив.

Работата е проклето едноставна: демократија без макар малку информирани гласачи не постои. Крајно време е за акција и околу овој проблем да се спроведе јасна и одржлива медиумска политика“.

Ова е текст превземен од риечки Нови Лист. Не од нашите Дневник, Утрински, Вест...Хрватска е со светлосни години пред нас во секој поглед. На ранг листите за слободата на печатот и демократијата е стотина места пред нас. Хрватската телевизија за нас е  BBC, NBC, CNN...Ако ова го пишуваат хрватските медиуми со толку голема доза на загриженост, згрозеност и гнев кон сопствениот ангажман,, тогаш не знам  што треба да пишуваат македонските новинари и медиуми...Некролози и парастоси!

Еве ова е најпростата дефиниција и одговор на прашањето што е јавен интерес. Добро информиран граганин кој нема да дојде во заблуда и искушение поради недостиг на факти, незнаење, излажан, површно задоен од сензациите и секојдневните журнали, промоции и виртуелни стварности и светови, да гласа за опасни типови и политики...После тоа нема простор и време за каење и враќање назад.

ПРЕС24:Најбитна компонента за развој на еден медиум се финансиите. Дали останување на моделот на целонсно финансисрање на МРТВ од буџетот може да ја постигне крајната цел?

НАУМОВ: Да,но само со цврсти правила, услови, рокови  и казнени одредби за неспроведување на законот и непостапување...Неограничени се и бесконечни можностите за притисок и влијание  врз уредувачката политика и новинарите.

Во Црна Гора, на пример  јавниот сервис се финансира со 1,2 проценти од буџетот на државата. Со оглед на тоа што буџетот може да осцилира (дали е развоен, штедлив,се полни послабо од проектираното), Црногорската радио и телевизија побара посигурен начин на финансирање-на годишно ниво да добива 0,5 проценти од БДП, бруто домашниот производ.

Во Хрватска ХРТВ се финансира од радиодифузна такса, а во последно време се води дебата за воведување на „телевизиски порез“.  Претплатата не би се укинала, ама повеќе не би ја плаќале сите што имаат ТВ приемник, ниту сите би плаќале ист износ. Висината би зависела од личниот доход, а не би ја плаќале невработените...

Еден од кандидатите за директор на Српската радио телевизија предлагаше кабелските оператори  преку претплатниците да го финансираат јавниот сервис. Освен тоа да се подобри маркетингот, производството и продажбата на шоу програми, серии, филмови, музичка продукција, сателитската програма...

Може да се слушнат во јавноста и предлози за финансирање со половина до еден денар повеќе во цената на нафтените деривати. Ова е еден од социјално праведните  оти тие што возат повеќе, би плаќале повеќе...Предлози за финансирање од акцизата или од ДДВ-то, но тоа  е тешко прифатливо за било која влада или министер за финансии да се откажат од сигурни приходи ...

Сакам нешто друго да нагласам. Во целата оваа дебата не окупира само јавниот сервис. Сликата е многу поголема и исто така болна. Видете ги последните анализи на пазарот на електронските медиуми на ААВМУ. Генерално овој бизнис или стагнира или паѓа. Премногу политички се гледа на оваа област. Кај е тука бизнисот, кај се комерцијалните медиуми. Во некои држави се води сметка при доделувањето на лиценците предност да имаат компаниите кои приоритетно се финансираат од медиумската дејност. Тоа им е кор бизнис. Кај нас речиси и да нема медиум, кој за да преживее не се бави плус со угостителство, трговија, рударство, градежништво, нафта, транспорт и камиони...

Кога буџетите за реклама постојано се намалуваат, кога цените паѓаат, кога не постои бизнис амбиент-најлесно се станува плен на политиката, зависен од владата и владините реклами...Тука секако голема е вината и кај самите приватни медиуми. Кога се носеше законот за аудио и аудиовизуелни медиуми тие или аплаудираа на владините предлози или во јавните дебати молчеа. А порано, во 2005-та година самите го напишаа законот за радиодифузија.

Мислам дека дебатата треба да се фокусира во оваа насока. Како да се овозможи на телевизиите, радијата да добијат дополнителни канали, комплеметарни на бизнисот. Да се намалат цените на лиценците  за дополнителни канали-музички, филмски, детски, документарни, за video on demand, pay per view…потребна е либерализација на медиумската концентрација. Да се ограничи наместо со сопственоста на медиуми, со процентуално влијание и удел на пазарот. Потребен ни е развоен модел кој ќе води сметка пред се за плурализмот на содржини.

Што се однесува за владините реклами кои се замрзнати под притисок на политичката криза, треба и понатаму да постојат, но само со јасни,транспарентни и цврсти критериуми на распределба...И пред се да бидат насочени кон промовирање на јавниот интерес, а не во функција на рекламирање на владата и градоначалниците...

Колку парадоксална ситуација? Додека ние барама подобар јавен сервис во Велика Британија се води дебата оти  BBC е премногу добар, произведува покомерцијална и погледлива програма и им го зема профитот на приватните медиуми.

ПРЕС24:Кој според Вас е надобар модел за финансирање на МРТВ?

НАУМОВ: Прво точно да се утврди и декларира колку пари чини јавниот сервис, колку пари се потребни, па после да зборуваме за начин на финансирање. Буџет финансиран по обврски, по обем на програма, број и структура на вработени, рационализација, набавка на програма, производство на програма..

Во тој случај можеме да зборуваме за стабилно финансирање, кое за мене е најприфатливо да биде комбинација на радиодифузна такса (во понизок износ) и зафат од буџетот.Рекламите на МРТВ би биле укинати или намалени на минимум време, можеби со исклучок на големи настани чии што авторски права чинат повеќе, а има јавен интерес граѓаните слободно да ги гледаат.

МРТВ ионака остварува  минорни приходи од реклама-2013 година  2,7 %; 2014  3,7%.

ПРЕС24:Дали јавно приватно партнерство, е можено како модел кој ќе овозможи и професионализација, независност, но и финансиска независност на МРТВ?

НАУМОВ: Има такви примери, но повеќе се американски модел. Во Холандија има случаи кога државата распишува тендер и дава пари за одредена програма..тоа се мери и анализира и на годишно или двегодишно ниво може да се ревидира, коригира..

Тоа звучи како идеално решение за нашите маки со јавниот сервис и јас би се кладел на таков модел, особено ако станува збор за респектабилна странска медиумска компанија. Ама се плашам дека  кај нас, како и се друго, ќе имаме премногу финансиски анекси на првичниот договор, а може и некој владин чауш, заслужен што ја донел странската инвестиција во Македонија, ќе си ја вработи жената таму...

ПРЕС24:Ако се погледне историјатот на МРТВ, последните 20 години се најтурбулентни. Сепак изминативе три до четири години се забележува еден правец на подобрување во програмскиот дел. Кој спред Вас е најлошиот период од работењето на МРТВ?

НАУМОВ: Можам да кажам кој е најдобриот. Веднаш по осамостојувањето. Македонското радио имаше најгголема доверба на публиката во сите истражувања. Радио дневникот беше еталон...Тогаш постоеше еден ентузијазам, амбиција, нова држава, национана еуфорија. Партиите и политичарите уште беа збунети, не ги пофаќаа и не можеа да ги фатат сите конци во своите раце. Рака на срце и новинарите имаа чувство на совест, свест, одговорност за приликите и неприликите, критички однос кон стварноста...

Инаку во јавниот сервис имало големи проблеми и порано, но ваква инвазија на содржините немало никогаш.

ХТВ за време на  славењето на годишнината од „Олуја“ во ударни вести емитуваше анкета од протераните срби, после воената парада-мимоходот имаше прилог за оштетените, уништени улици од тенковите....

Дали ХТВ  би започнале вести со ставање камен темелник на зграда на Јавно претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Владата, освен ако нема некој инцидент, или зградата има петстотини и кусур ката и е дело на светски познатиот архитект Фостер.

Така до публика и доверба сигурно не се стигнува. И најопасно е што го убедувате и навикнувате гледачот дека тоа е нормално...Тоа релативизирање е најопасно.

 Се плашам и секоја друга власт да не продолжи по истиот пат да го надградува и усовршува ваквиот пристап како нормален..Кај нас досега ништо не се поправаше, укинуваше, туку само се надградуваат и усовршуваат методите на  корумпирање и контролирање на медиумите..

Почитувањето на професионалните стандарди и на етичкиот кодекс ја декларираат објективноста на медиумите. Се додека  приходите зависат од други извори и „причини“, а не од довербата на публиката и огласувачите, се дотогаш во Македонија ќе имаме обични билборди наместо медиуми (особено во предизбпрните периоди), кои работат како од еден пул-синхронизирано и координирано. „Танјуг“ пишува другите пренесуваат...

ПРЕС24:Вие бевте дел од пронешниот совет за радио дифузија, сегашната Агенција е со видоизменети карактерситики. Опозицијата бара реформи и во овој домен. Кој според Вас е најсоодветен модел за функционирање на Агенцијата за Медиуми?

НАУМОВ: Помалку регулација, повеќе саморегулација. Повеќе Совет за етика на медиуми-СЕМ, Совет на честа... На една конфернција во Скопје директорот на хрватската телевизија, РТЛ им се чудеше на македонските газди и директори на медиуми кои бараа построго и поригидно постапување од Советот за радиодифузија. „ Ние секогаш бараме soft пристап, повеќе разбирање, помала регулација од институциите и казнување само во нужност, кога има намера...“, велеше  тој.

Заштита на малолетната публика, реклами, авторски права, транспарентност на сопственоста и на уредништвото , заштита од доминантно влијание на еден медиум или групација на пазарот и на јавното мислење, обезбедување на медиумски плурализам преку различитост на содржини и понуда...Тоа се точките и областите за регулација.

Кај нас за се што треба и што не треба се повикуваме на Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги. Како да е Генералштаб за наредби и казни, а не институција за медиуми кои нели се симбол на  слобода на мислење и изразување...Многу често Агенцијата сама си ја превзема таа „војничка“ улога.

 Неопходна е засилена и почеста комуникација и обуки со медиумите . Потребна е интерактивност. Најголем дел од прекршоците се резултат на невнимание, незнаење..Постојат намерни  исклучоци, најчесто за избори, кога одредени медиуми во интерес на некоја партија и кандидат свесно плаќаат казни, затоа што нивниот износ е многу помал од ќарот што преку владини реклами и тендери  го имаат добиено претходно prepaid  или дополнително ќе го добијат...И тие треба ригорозно да се казнат.

Важен е начинот на избор и бекграундот на  членовите на Советот на Агенцијата. Нивниот општествен статус и имиџ, кариера, интегритет...нивното искуство кое треба да биде поврзано со медиуми, а не да имаат допирни точки оти  биле редовни гледачи на телевизија и слушале радио секој ден во кола...Или најважно биле редовни посетители на партиските митинзи и лајкачи на партиските facebook постови и профили.

 

 

 

 

Оцени ја веста

14.09.2015 - 22:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега