Грижата за дечињата од социјален ризик продолжува: И догодина бесплатен зимски одмор

Нова група деца во социјален ризик за време на зимскиот распуст ќе користи бесплатен одмор во Крушево преку владиниот проект. Јавниот повик за аплицирање на заинтересираните за користење на бесплатниот зимски одмор е објавен денеска, а ќе трае во наредните 14 дена. 

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на денешната прес-конференција истакна дека Владата овој проект го спроведува од 2010 година и досега на бесплатен одмор биле вкупно 11.000 деца во социјален ризик. Од нив 3.000 користеле зимски, а останатите летен бесплатен одмор. Проектот за бесплатен зимски одмор се спроведува од 2012 година.

- Ова е еден од проектите кои што им помага на оние семејства кои што можеби немаат доволно средства да им обезбедат на нивните деца бесплатен летен и зимски одмор, при што ние како Министерство и како Влада им го овозможуваме, истакна Спасов. 

Тој додаде дека на бесплатно зимување може да заминат деца од петто до деветто одделение, кои доаѓаат од семејства корисници на социјална и постојана парична помош, децата со пречки во развојот, како и децата без родители и родителска грижа.

Ќе имаат право на бесплатен зимски одмор во траење од шест дена кој што вклучува пет полни пансиони со соодветни едукативни и рекреативни спортски и  забавни активности за време на периодот на користење на бесплатниот зимски одмор.

Министерот Спасов истакна дека и понатаму како Министерство ќе продолжат со реализација на проекти кои што го помагаат животот на корисниците на социјална и постојана парична помош, како и на децата без родители и родителска грижа и децата со пречки во развојот. 

Владата за спроведување на проектот годишно издвојува 12 милиони денари, од кои 8.000.000 денари се за бесплатен летен одмор за околу 2.000 дечиња и бесплатен зимски одмор за 1.000 дечиња во износ од 4.000.000 денари.

 

 

Оцени ја веста

09.09.2015 - 12:37
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега