Комплетна реконструкција на болницата „Св.Еразмо“ во Охрид, подобри услови и повисоки стандарди

 Почнува комплетната реконструкција на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид, најави денеска министерот за здравство Никола Тодоров.

Станува збор за инвестиција вредна 215 милиони денари, а тендерот за градежните работи кои ќе почнат кон средината на идниот месец, е веќе објавен.

Проектот опфаќа реновирање и адаптација на постојниот објект „Св. Еразмо“, вклучувајки го и преселувањето на Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид.

Реконструкцијата, како што рече Тодоров  на прес-конференција, се очекува да биде комплетно завршена во рок од 18 месеци, до април 2017 година. Во тек е и набавка на нова опрема за Специјалната болница „Св.Еразмо“, која се состои од апарат за компјутерска томографија и дигитален рентген апарат.

- Целта е да овозможиме сериозно унапредување на стандардите и условите за работа, како и зголемување на капацитетите за дијагноза и третман на пациентите. Оваа болница датира од 50-тите години кога функционирала во бараки, потоа во 70-тите бил изграден објект од поцврста градба, а веќе во 90-тите години била изградена карабината која остана нем сведок на транзицијата за недовршените проекти во здравството, посочи Тодоров. 

Комплетната реконструкција ќе опфати површина од вкупно 5.623 метри квадратни кои ја даваат функционалната целина на објектот (2.191 метар квадратен на приземјето, 2.061 метар квадратен на прв кат, 1.370 метри квадратни на втор кат).

Првата фаза од проектот опфаќа доградба на централната-стара болничка зграда и карабината. Предвидено е да се реновираат и реорганизираат амбулантите, лабораторијата, стерилизацијата, и другите дијагностичките содржини. Ќе бидат комплетно реновирани операционите сали со интензивната нега, како и болничките оддели со оформување тоалети во секоја соба.  

Со доградбата на централната-стара болничка зграда, предвидено е во карабината да се имплементираат содржините кои се потребни на Заводот за кардиоваскуларни заболувања: Адултна кардиологија со амбуланти, дијагностика и дневна болница, Интервентна кардиологија со интензивна и полуинтензивна нега (која содржи оперативен блок со операциона сала за пејс-мејкер, ангиографска сала, сала за радиофреквентна аблација), како и простории за персонал.

- Стапката на кардиоваскуларни заболувања во изминатиот период е во пораст во глобални рамки и претставува водечка причина за смртност кај населението, така што од исклучително значење е да се унапредат условите за пружање третман кој е од животоспасувачки карактер, напомена министерот.

 

 

Оцени ја веста

08.09.2015 - 15:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега