Јане Трпковски: Промените на демографските движења во Македонија не се случајни

 

Македонија годинава бележеи статистички податоци кои покажуваат процеси на подобрување на сликата на пораст на наталитетот во споредба со изминативе години. Таков пример и зголемениот број на правачиња во некои средини во источна Македонија, кои изминативе години беа во процес на опаѓање. Јане Трпковски, магистер по социолошки науки, чија специјализација е токму демографската политика, во интревју за Прес 24, вели дека оваа година е шеста година од воведувањето на про─наталните мерки, кои актуелната владеачка гарнитура ги стартуваше во 2009 година, и добра основа за анализа на усесите на таквите политики.

-Односно, ова е прва година која ги вклучува првата генерација на родени деца во домаќинствата опфатени со оваа програма. Затоа е клучна за оценување на успешноста на мерките од популациската политика. Разликите меѓу стапките се прецизен показател за успешната имплементација на популациската политика. Промените во демографските движења, не се случајни, туку под влијание на спектарот од  политичките, економските и културните промени, својствени за интервал од четири години. Тоа значи дека природниот прираст во РМ е во стагнантна фаза, со тенденција на нерамномерен раст, кој е условен од регионалните диспаритети и флуктуацијата во макроекономската политика на регионите. Конкретно, проценките се во оптимистички правец. Може да се очекува натамошен пораст на вкупните и посебни стапки на наталитетот, доколку постојат политички околности кои би овозможиле стимулиралација на веќе започнатиот позитивен тренд на привлекување на инвестицискиот бран во слободните економски зони, вели во интервјуто за Прес24, Трпковски.

Трпковски во интервјуто одгвоора на прашања повбрзани и со дфемографската структура на Европа и се почестите поредупредувања за исламизација на најстариот континент.

-Основано е стравувањето од промена на демографската структура бидејќи ќе оформи погодно тло за целосна дестабилизација на културната, еколошката, економската, политичката и безбедносна национална матрица. Тоа е сериозна опасност која не смее да се маргинализира, затоа што ваквите општества немаат ниво на институционален капацитет кое е доволно, соодветно да се соочат со предизвиците кои со себе ги носи ваквиот глобален проблем, вели социологот Трпковски

ПРЕС24: Неделава почна учебната година во Македонија. По подолго време во некои општини во источна Македонија се бележи пораст на бројот на правачиња. На што се должи тоа, ако се знае дека трендот на опаѓање на бројот на првачињата со години беше присутен?

ТРПКОВСКИ: Оваа година е шеста година од воведувањето на про─наталните мерки (2009). Односно, прва година која ги вклучува првата генерација на родени деца во домаќинствата опфатени со оваа програма. Затоа е клучна за оценување на успешноста на мерките од популациската политика. Разликите меѓу стапките се прецизен показател за успешната имплементација на популациската политика. Тоа се објаснува со економските привилегии до кои имаат пристап родителите, а се клучни фактори кои влијаат врз личната одлука за родност и планирање на семејството, кај домаќинствата на различно ниво на социо─економски статус

ПРЕС24: Дали може да се извлече заклучок дека сите оние владини мерки за потикнување на наталитетот го даваат посакуваниот резултат?

ТРПКОВСКИ: Третиот столб на специфичните цели од Стратегијата за демографски развој 2008─15. Р. Македонија, се фокусира на политиките за стимулација на родноста. Односно, првата цел од овој дел, опфаќа сет мерки кои националната влада, активно ги применува. Тоа се програми чија примена има позитивни последици. Таков е примерот со промени на бројките во образовната структура. Дополнително, овие промени се прецизен показател за оптимистички проценки дека по две децении потенцијалната стапка на параметрите за одржлив развој на населението ќе бележи тренд на пораст. Тоа вклучува: склучување бракови и квалитет на родност, пазар на труд со технолошки писмена работната сила. Конкретно, судејќи по временските серии, да, во 2009. и 2010. бројот на живородените е золемена, но во 2012. година се враќа на состојбата од 2007г. Таквите движења се поврзани и со фактот дека бројот на склучените бракови во Македонија има тендеција на намалување, имено ако 2009. изнесувало 14 923 склучени бракови во 2014. се намалува на 13 813. Овој феномен, не го поткрепувам со дополнителна факторска анализа, затоа што истиот не е истражуван. Меѓутоа, важно е дека во последниот период бројките алармираат на стагнација.

ПРЕС24: Дали може да се очекува продолжување на тој тренд на мал пораст на наталитетот, или пак тоа е инцидентна стапка во демографската статистика?

ТРПКОВСКИ: Промените во демографските движења, не се случајни, туку под влијание на спектарот од  политичките, економските и културните промени, својствени за интервал од четири години. Тоа значи дека природниот прираст во РМ е во стагнантна фаза, со тенденција на нерамномерен раст, кој е условен од регионалните диспаритети и флуктуацијата во макроекономската политика на регионите. Конкретно, проценките се во оптимистички правец. Може да се очекува натамошен пораст на вкупните и посебни стапки на наталитетот, доколку постојат политички околности кои би овозможиле стимулиралација на веќе започнатиот позитивен тренд на привлекување на инвестицискиот бран во слободните економски зони. Конкретно, порастот на вкупните и посебните стапки на наталитет, директно е условен од  конкретните економски фактори и социјални околности, бидејќи благосостојбата во државата и и квалитетот на домување ви семејството влијае врз бројот на децата во семејствто. Во таа насока, очекувањата за натамошните демографски движења зависат од структурата на пазарот на трудот, динамиката на работната сила, структурата на населението по образование, средната добна година кај мажи, а посебно жени при склучување брак и раѓање на првото дете, но влијае и од трендовите на отселувачки бран од економски мотиви својствен за образованата младина, кој директно ја поткопува наталитетната карта

ПРЕС24: Во делот на источна Македонија покрај, мерките кои државата ги спроведува како стимул за многу─детни семејства, се почести се случаите на невести од Албанија, кои практично заживееја многу селски средини. Тоа покажува една интересна слика за коментирање. На пример македонската жена ретко се одлучува за промена на средината на живеење од град на село?

ТРПКОВСКИ: Врз одлуката за промена на местото на живеење, влијаат комплекс фактори. Првите вклучуваат: школска подготовка, работен статус и дејност, брачен статус и бројност на домаќинството и квалитет на домувањето. Вторите ги вклучуваат: етничката припадност, нивото на општествена вклученост, шансите да се создаде, стекне или наследи имот, способноста за прилагодување кон земјоделски или услужен и административен сектор. Овие фактори се социјални карактеристики на формираната личност, а некои се вкоренети преку воспитувањето до шестата година. Потоа, единствено се втемелуваат во свеста под влијание на ставовите во кругот на блиски, семејното педигре и воопшто околностите кои ги менуваат животните можности. Односно, положбата на жената во семејството и нејзината позиција во општеството е поврзана со вредностите и стереотипите својствени за семејството, пришто по правило, меѓу семејства од иста етничка група постојат незначителни разлики во вредносниот систем. Социо─економскот статус е обратно─пропорционален со бројноста на семејството.

ПРЕС24: Од што зависи наталитет со одржлив природен прираст. На економски параметри за услови за живеење, или пак на свеста. Дали немањето повеќе од едно до две деца е некаков модернистички тренд на живеење на современа Европа?

ТРПКОВСКИ: Општеството има тенденција на одржлив демографски развој доколку исполни три критериуми: има стабилна основа на пирамидата на полово─возрасна структура. Тоа значи најброен контингент во возрасниот ранг 0─4, односно прогресивен развој на населението. Точката во која се поврзуваат параметрите за родност и смртност да е меѓу 10.0─15.0‰. Тоа е показател дека е во споро─стабилната фаза на демографска транзиција, етапа кога смртноста опаѓа со поголема брзина, отколку родноста. Односно, тие движења се директно условени од економскиот раст.

Соодносот меѓу демографските категории на младо и старо население, односно меѓу контингентите 0─14 : ≥65 да е на растојание 4:1.

Повторно, тука важи правилото, висината на социо─економскиот статус на домаќинството е во обратно─пропорционален сооднос со бројот на раѓања. Имено, високо─развиените општества се водат од капиталистичката логика, односно, врз одлуката за бројот на раѓања, влијае реалната и претпоставена можност на семејството да обезбеди услови за квалитетен животен стандард и да вложи напор во развојот на личноста на потомците. Спротивно, во неразвиените реони, потомците се поимани како ресурс за придонес во домаќинството.

Од практиката, интересен е податокот од истражување спроведено од виталната демографија, а насочено на фертилното поведение (модели на родност). Наодите упатуваат на фрапантни ставови, во однос на преференцијата на полот. Имено, на прашањето, дали би раѓале и до пет деца за да се добие машки наследник, одговорот е позитивен кај повеќе од ¾ од испитаните родители. Важно е да се нагласи дека како клучни фактори на одговорот се руралната средина, етничката припадност, школската подготовка, а не значителни се варијациите во одговорот меѓу мајките и татковците, како и нивната возраст, па и бројоноста, стандардот и инфраструктурниот квалитет во домаќинството.

Илустративно, денес сме сведоци дека во некои рурални реони децата учествуваат во процесот на земјоделска обработка на храна, во продажбата на стоката. Тие активности некогаш се пресудни главата на домаќинството да реши дека детето нема да го продолжи школувањето, туку ќе биде домаќин. Истовремено, но во урбани средини, мудрите одлуки на родителите влијаат врз отворање на можности за квалитетен животен стандард, преку инвестиции во образовниот процес, а кај поеманципираните и овозможувањето услови за стручен совет околу избор на профитабилните бранши согласно структурата на личноста.

ПРЕС24: Ве прашувам затоа што демографската карта на Европа со децении е во процес на стареење. Но од друга страна се појасен е еден нов тренд, а тоа е пораст на населението во Европа кое нема автохтони европски корени. Ако на ова се додаде и оној масовен европски бегалски бран, дали на Европа и се заканува промена на демографската структура. Можеби звучи претенциозно, но некои европски експерти предупредуваат на процес од исламизација на најстариот континент? Колку таквите процеси можат да предизвикаат нови конфликти на овие простори. Верскиот елемент не е голема карактеристика на европските народи, но сепак анти─исламските движења добиваат на интензитет?

ТРПКОВСКИ: Точен е податокот дека Европа го следи процесот на стареење, средната добна вредност чинам дека е приближно 39г., а критериумот за оптимален прираст е во границите 20─29г. Меѓутоа, значајно е да се нагласи дека според проценките за движењето на населението, овие земји имаат можност да го користат т.н. демографски бонус. Дополнителна предност е фактот дека се намалува коефициентот на возрасна завсност, бидејќи  најфрекфентниот контингент е работоспособниот 15─64г. кој го сочинува економски активно население, а охрабрувачки е податокот и дека програмите се насочуваат кон стимулација на концептот за активно стареење. Во клучните периоди на развојот кај европските народи, централна улога има доминантната религија. Таа се јавува при сите форми на премин од еден систем на владеење во друг. Во прилог, прво, практиката на земјите со развиен капитализам ја потврдува тезата дека заеднички елемент на истите е протенстантизмот. Второ, земјите кои искусиле отоманска империја, се чекор зад земјите кои се со искуствата до австро─унгарската власт.

Аспектот на хуманост е важна компонента, но централна компонента во креирање и спроведување политики е одржување на безбедноста. Затоа обврска на националните влади е да постават критериуми во политиките за азил. Имено, пригоден пример е моделот на европската мигрантска политка. Тоа значи дека, земјите со ризик од промена на демографската структура, при решенија на кризи поврзани со транзитни мигрантски движења, треба да го земат предвид ризикот од повратен мигрантски бран по принцип на квоти, од централна Европа. Основано е стравувањето од промена на демографската структура бидејќи ќе оформи погодно тло за целосна дестабилизација на културната, еколошката, економската, политичката и безбедносна национална матрица. Тоа е сериозна опасност која не смее да се маргинализира, затоа што ваквите општества немаат ниво на институционален капацитет кое е доволно, соодветно да се соочат со предизвиците кои со себе ги носи ваквиот глобален проблем.

ПРЕС24: Дали таквата опасност може да се рефлектира во Македонија, со оглед на тоа дека државата е со една изразена верска и културна разноликост?

ТРПКОВСКИ: Што се однесува до културните политики во РМ, а кои ги покриваат прашањата врзани за мултикултурализам, значајно е да се нагласи дека со имплементацијата на Охридскиот рамковен договор се постигна разрешување на меѓуетничкиот вооружен конфликт и затоа како уникатен  меѓународен акт за стабилност, оценет е како успешен модел. Меѓутоа, проблем кој го јакне чувството на неизвесност и скепса е ниското ниво на интеркултурен дијалог. Тоа е показател за постоење предрасуди кои ги ограничуваат можностите за отворена комуникација меѓу две страни со различна религиска припадност, на сите нивоа.  Прв пример е комуникацијата меѓу свештените лица од различни верски заедници, чиј дијалог, најчесто е сведен на протокол со посредство на информативните медиуми. Втор пример се статистичките исклучоците на склучени бракови меѓу сопружници со различна вероисповест.  Трет пример е честото површно познавање на симболиката на клучните празнувања и обреди на другите религии и сл. Тенденцијата на одржување на практиката на интеркултурен дијалог се стимулира преку примена на програмите на културната политика.

ПРЕС24: Ако се погледнат основите на голем дел од конфликтите во светот, тогаш може ли да се извлече заклучок дека религијата повторно се наоѓа некаде помеѓу политичкиот интерес на завојуваните страни. Дали сме во период на нова злупотреба на религијата?

ТРПКОВСКИ: Историографските записи сведочат дека најчест мотив за вооружени конфликти, војни, ширење на раздорна форма на национализам е натпреварот во трката за привилегии до ретките енергетски, економски и политички ресурси на глобално ниво. Во такви околности, групите се мобилизираат на основ на исти културни елементи кои ги соединуваат (нпр. јазик, етничка припадност, вероисповест и верба во заедничка историја и колективни сеќавања). Тоа се истите маркери кои се клучни и при колонизацијата и формирањето на нациите во светот. Имено, во актуелните настани „алатката“ е религијата. Како и во сите епохални пресврти на цивилизацискиот развој и тука религијата е инструмент со кој се манипулира. Последиците од деструктивните активности, ја нарушуваат личната сигурност и колективната безбедност на општествата.

ПРЕС24: Ако во основата на конфликтите е злупотреба на религијата, а не самата религија, тогаш дали Верските институции и на светско ниво, но и во Македонија чинат доволно за промоција на вредностите на различностите, наспроти конфликтите?

ТРПКОВСКИ: На ова прашање ќе се обидам да одговорам по моделот една слика─1000 зборови. Илустративно: Факти за негативни примери во регионот се: За време на војната во Босна, во Р. Српска, срушени се и запалени сите џамии. Во Косово и Метохија, нема православен храм кој не е демолиран, што значи околу 145 православни светилишта,над 3500 срби се киднапирани и убиени, а за овој криминал никој правно не одговарал.

Во Нови Сад ладно е примена веста дека за една ноќ, неколку адолесценти срушиле над 70 надгробни споменици во католички гробишта. Манифестации на нетолеранција од СПЦ:нема да одржи молитва, доколку на комеморацијата држи говор актуелниот претстедател  на Собранието во Војводина.СПЦ званично ги прекинува односите со МПЦ.

Состојбите во РМ: меѓу МПЦ и ИВЗ постои толеранција која е декларативна, дозирана и условена од дневно─политичките околности. Толеранцијата меѓу католицизмот и православието е недискутабилна, бидејќи тие под влијание на Ватикан имаат добра соработка и блиски ставови. Сигурно е дека дека католичката црква и од западен и од источен обред, никогаш не ја доведува во прашање автокефалноста на МПЦ и нејзиното поклопување со етничката композиција. Протестантските заедници се со мал број на членови и без општествено влијание, па затоа се создава илузија дека се форми на секти, што во практиката не е така, поблиски се со деноминациите.

ПРЕС24: Кога би требало да ги оцениш верските заедници во процесот на развој на меѓурелигискиот дијалог каде тие се наоѓаат?

ТРПКОВСКИ: Декларативен модел на толеранција, која е практична, што значи конкретното дејствување на религиските институции е под влијание на дневните општествено─политички околности.  Илустративно, според социолошките истражувањата спроведени во рамки на студиите за меѓурелигиски дијалог, анализите упатуваат на констатацијата: Во македонското општество, практично постои интензивна врска меѓу религиските организации и државните институции.

МПЦ е спремна да покаже практична толеранција, до моментот кога не се доведуваат во прашање националните интереси. Тогаш, таа настојува верско─националните интереси да ги издигне над верско─религиски интереси.

ИВЗ манифестира толеранција, која е релативно ограничена, што се објаснува преку интензивната поврзаност со ДУИ и ДПА.

Генералните согледувања се сведуваат на констатцијата дека македонскиот модел на меѓурелигиски дијалог е форма на однесување во кое се уважува и поднесува отстапување од личните убедувања и начела, а се во име на граѓанските права за демократско изразување на јавното мнение. Споредбено, во случаите со ЈИЕ, постои нераскинлива врска меѓу религијата и националните чувства. Веројатно, тоа е и една од причините за ескалација на национализмот, непосредно со распадот на четвртата Југославија, а период за кој е својствена ревитализација на религијата.  Од правен аспект, како уставна материја, статусот на петте верски заедници е политички─правно гарантиран, а општеството е секуларно. Односно, МПЦ е издвоена наспроти останатите верски организации, но, основниот корпус на права, како и гаранциите на слободата на вероисповест се на ниво на демократските стандарди на развиениот свет. Државата ја гарантира слободата на вероисповест дoзволувајќи им на граѓаните слободно, сами или во заедница со други да ја изразуваат верата.  На конкретните вероисповести, РМ им дозволува да основаат верски училишта, како и социјални и добротворни установи.

ПРЕС24: Вие сте млад магистер во доменот на применетата социологија, ако низ аналитичка призма се погледне практикувањето на политиката во македонското општество, од страна на политичките партии, која слика Ви доаѓа пред очи?

ТРПКОВСКИ: При подготовките за учество на научна конференција, а дополнително инспириран од актуелните настани, меѓу статиите и извештаите кои како задолжително четиво ги листав за првичната намера, пречитував и некои клучни класици на политичката философија, меѓу кои, четири беа со потпис на Сун Цу, Томас Хобс, Николо Макијавели, Џорџ Орвел. Тие автори испраќаат зачудувачки пророчки пораки кои се однесуваат на механизмите за реализација на политичките цели. Првиот упатува на тактичноста, вториот на хиерархиската подреденост, третиот на инструментализација на неетичките средства, четвртиот на контролата на животите на граѓаните.

ПРЕС24: Во процесот на политички дијалог кој сега се одвива во Македонија изборните модели и процеси се едни од темите за дебата. Ако се направи споредбена анализа на моделите во светската политика, каде Македонија како држава би требала да се позиционира?

ТРПКОВСКИ: Како и во сите досега крупни измени во функционирањето на политичко─правниот систем и оваа криза во РМ се решава по уникатно предложен модел, за кој споредбените анализи не покажуваат сличности со ниту еден друг пример во изборната практика на современите политички системи.  Прво, нескромно е да се претпоставува какви резултати ќе донесе исходот на овој изборен модел, се додека не се спроведе, под претпоставка дека, не е постигнат ниту консензус околу методот на броење на гласовите, ценам дека тука донтовиот модел не е пригоден метод.

Второ, целта на ваквиот предлог е јасна, а тоа е постигнување дисбаланс во висината на рејтингот кој континуирано го одржуваат големите политички партии, а под претпоставка дека тоа се должи на гласовите кои ќе бидат доделени на претставниците на малите политички партии.

Трето, значаен потег на лидерите на политичките партии и функционерите во законодавната, извршната и судска власт е да се придржуваат до препораките содржани во Договорот од Пржино, кој претставува гарант за одржување стабилност на политичката сцена. Овој потег е значаен, за продолжување на макроекономскиот развој, кој во последната деценија ја издигна РМ на топ листата меѓу земјите од З. Балкан, со што ја претвори во учебникарски пример за влада со успешна макроекономска стратегија.

 

 

 

 

Оцени ја веста

06.09.2015 - 12:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега