Следуваат високи температури - Македонија во жолта алертна фаза
Согласно најавата од метео-алармот на Управата за хидро-метеоролошки работи, се очекува денес и утре целата територија на државата да биде зафатена со температури од жолта (алертна) фаза, односно температури повисоки од вообичаените за овој период од годината.
Граѓаните од целата држава потребно е да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се:
- Престој во затворени (климатизирани) простории, а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
- Носење светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа, додека при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.
- Внесување помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.
- Внесување големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
- Одреден период пред влегување во возило, истото да се проветри.
- Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, како и термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката (доколку тоа не се направи, подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употреба истата да се загрее на + 100 степени). Се препорачува да се избегнува консумирање производи кои не се
термички обработени, како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.
Потсетуваме дека во текот на летниот период, во сите градови низ државата во соработка со здравствените домови се поставени пунктови за превентивни препораки и совети за заштита од високите температури. Пунктовите функционираат секој ден во периодот од 18:30 до 21:30 часот. На пунктовите се врши мерење на крвен притисок и се даваат совети за превенција од топлото време и за здрав начин на живот.
Информации за топлотните бранови континуирано се дистрибуираат на интернет страната www.toplotnibranovi.mk.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа