Почнува да се чисти линданот кој ја труе почвата околу ОХИС

 

Започнува да се чисти линданот во ОХИС кој со децении истекува во околната почва. Околу 24 илјади тони ќе бидат деконтаминирани во наредните пет години. Овој проект помина низ владина процедура, а минатата недела доби зелено светло од Советот на Глобалниот еколошки фонд (ГОФ) со посредство на ОН за индустриски развој.

Ова денеска го соопшти заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски на прес-конференцијата за промотивниот настан „Сакаме кул градоначалници за еколошки жешки точки“ во организација на коалицијата „Екологија-приоритет“.

Целта на проектот е да се информираат градоначалниците и граѓаните, и да се актуелизираат  проблемите со нивните жешки еколошки точки.

Еколошкиот правник од коалицијата „Екологија-приоритет“, Александра Бујаровска истакна дека со дел од градоначалниците од Кисела Вода, Илинден, Кавадарци Пробиштип и Македонска Каменица , кои ја потпишаа заложбата веќе се почнати првични разговори за мерките и се воспоставуваат работни тела  кои ќе ги решаваат проблемите.

- Кавадарци има повеќе жешки точки и никогаш не е доцна да се почне со отстранување на тие проблеми, рече градоначалникот на Кавадарци Александар Панов.
 
Истакна дека едни од нив се неконтролираното користење на пестициди за лозовите насади, ФЕНИ индустри кој го загадува воздухот како резултат на прашината што ја испушта, пакувањето на препарати во Агропин, депонијата Мелци....

- Најжешка точка на Пробиштип е јаловишната депонија кој е и проблем на цела источна Македонија. Општината веќе има изработено проект и во соработка со Владата треба ќе се санира депонијата која подоцна треба да биде парк, рече Ирена Бошковска од општина Пробиштип.

Еколошките жешки точки се места со континуирано загадување на животната средина (воздух, вода, почва) во подолг временски период. Во Македонија има 15 еколошки жешки точки кои водат потекло од индустриските капацитети на поранешна СФРЈ. Дел од овие капацитети се затворени, а дел се сеуште активни.

Инаку, линданот е органско соединение коe се користи како инсектицид, а во некои случаи при третманот на некои инфекции.

најчитано сега