Љупчо Зиков: Ни треба помирување на политичката сцена

 

Алијансата за Позитивна Македонија, двжењето кое го покренаат, Владо Бучковски, Минчо Јорданов и Љупчо Зиков ќе се појави на следните избори во Македонија, без ралзика дали тоа ќе бидат редовните претседателски во март 2014, или евентуални предвремени парламентарни есенва. Љупчо Зиков, еден од инцијаторите во Интервју за Прес24, вели дека движењето веќе има 18.000 членови. На политичката сцена сакаат да понудат позитивана енергија.

-Знаете што...? Најмногу „пизма“ и негативна енергија се создаде во оваа наша мачна транзиција од 23 години, по 1990 година. Но, нашиот проблем е што владите само се редат, а транзицијата никако да заврши.  Борба на суети од двата партиски блока. Судар на ега. Оттука, како никогаш досега сега ни е потребна политичка конкуренција која ќе донесе нова политичка вредност. Поголема. Ни недостига помирување на политичката сцена, вели за Прес24, Зиков.

Од новинарството по 14 години управување со Капитал, Зиков смета дека е сосема подготвен да ја преземе и премиерската улога.

- Подготвен сум да ги преземам работите и заедно со сите со кои размислуваме на сличен начин, и со сите кои секојдневно генерираат убави мисли, идеи и проекти за иднината на Македонија да настапиме и да ги реализираме, вели Зиков во интервјуто за Прес24, притоа потенцирајќи дека светската политика познава случаи новинари да прераснат во успешни политичари.

- Македонски новинари можеби има малку... но, светски има многу. Новинарството и политиката се многу блиски професии. Ги дели само една бездна, а таа безда се вика – ОДГОВОРНОСТ ЗА КАЖАНОТО, вели Зиков за Прес24.

На иницијаторите на ова ново политичко движење засега не им е значајно каде ќе ги позиционираат, бидејќи како што вели Зиков, “Во Македонија одамна десното не ќе да е сосема десно, левото го изгуби својот идентитет и самото не знае каде е... Центарот го нема.”

-Свесни сме дека многумина, особено со провиниенција од СДСМ, всушност пукаат од желба што поскоро да нè сместат како приврзок на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, оти така се штитат себеси од одлив на членството, но тоа си е само нивни проблем..., вели Зиков за Прес24.

Во интервјуто Зиков зборува како во Македонија да се отворат 100.000 нови работни места и како да се замени увозот на храна со домашно производство и со извоз на храна.

-Силна дебата за реафирмирање на стратешките цели на Македонија. И создавање силен консензус меѓу сите на политичката сцена и исцртување на македонската црвена линија. Тоа би значело и наш предлог за решавање на проблемот со Грција, вели Зиков, откривајќи го за Прес24, нивниот поглед за прашањето за името.

 

ПРЕС24: Позитивна Македонија, како позитивна партија или политичко движење? Која е крајната цел на ова, засега претпоставувам, политичко здружување? За учество на избори сепак, е потребна трансформација во политичка партија?

ЗИКОВ: Во моментов Алијансата за позитивна Македонија е граѓанско движење. Во последниот месец низ целата земја пласиравме повеќе од 30.000 пристапници. Вратени се повеќе од 18.000. Како ќе се развива правната форма понатаму не можам да кажам. Но, она што е суштински важно е што било движење или партија, ова здружување на граѓаните постои и дише со целиот капацитет.

Не знам точно што вели законот, но мислам дека на избори можеме да се појавиме и како движење и како партија, законот го дозволува тоа. Нашата конечна одлука за ова прашање ќе ја донесеме во септември. Сега за нас најважна е суштината. Силно сме посветени на екипирањето и создавањето на нашата програма за позитивна и победничка Македонија.

 

ПРЕС24: Која беше идејата, односно која е потребата на ова општество од едно вакво движење?

ЗИКОВ: Големо количество негативна енергија ги блокира развојните процеси во Македонија. Нашата земја не може вака понатаму. Не можеме уште долго вака. Сите ние во Македонија всушност, вртиме сами за себе. Трошиме непотребно огромно количество енергија, а ништо важно не правиме. Не решаваме. Не сме регионални играчи.

Поради омразата и нетрпеливоста внатре во општеството, блокирани се за реализација и најубавите и најпозитивните идеи. Знаеме ли ние воопшто што правиме? Каде одиме? Каде треба да стигнеме? До каде ќе не однесе оваа деструкција и силна омраза?  

Знаете што...? Најмногу „пизма“ и негативна енергија се создаде во оваа наша мачна транзиција од 23 години, по 1990 година. Но, нашиот проблем е што владите само се редат, а транзицијата никако да заврши.

Сите станавме заложници на оваа деструктивна енергија – говор на омраза, подметнувања, нетрпение меѓу Македонци и Македонци, Албанци и Албанци, Македонци и Албанци и сите други внатре во земјата.

Борба на суети од двата партиски блока. Судар на ега.

Оттука, како никогаш досега сега ни е потребна политичка конкуренција која ќе донесе нова политичка вредност. Поголема.

Ни недостига помирување на политичката сцена. И потоа борба со проекти, знаење и енергија да се успее. Ни недостига креативно тепање во арената. 

Ние заради тоа се формиравме. И ќе понудиме шанса за помирување и смирување. Ќе понудиме многу убави и важни проекти.

Оти, како што реков и на промоцијата, деструкцијата и негативната енергија ја блокира секоја добра идеја и проект за нешто да се направи, да биде паметно и да биде развојно. Се блокира секаква благородна идеја за обликување на општеството, како и конкретен проект и реформа. Ваквата деструктивна енергија континуирано ја труе убавата мисла, добриот збор. Земјата стана место каде што успехот на поединецот кој инвестирал време, енергија и средства што во суштина, се биолошки нагони на човекот како едно од суштествата на природата, едноставно да се смета за злосторство.

Деструкцијата нè изеде... Политичката сцена во Македонија веќе ја губи смислата на своето постоење. Омраза, деструкција, блокади. Политичка сцена на залудно потрошени политички кариери. Лица на политичката сцена коишто функционираат сами за себе, одлепени од реалноста и потребата Македонија и сите нејзини граѓани конечно да зачекорат по патот напред...

 

ПРЕС24: Она што по промоцијата сè уште останува нејасно дефинирано е позиционирањето на ова движење. Каде ја гледате иницијативата Позитивна Македонија - лево, десно или центар?

ЗИКОВ: Верувајте дека не ни е важно каде ќе нè сместат. Во Македонија одамна десното не ќе да е сосема десно, левото го изгуби својот идентитет и самото не знае каде е... Центарот го нема. Нам ни се важни проектите за позитивна и победничка Македонија. На тоа работиме. Нашата промисла и визија за Македонија поаѓа од неколку столбови околу кои се гради и нашата програмска концепција!

Катастрофалната бела чума што ја коси Македонија, огромниот број граѓани кои секојдневно се иселуваат. Овој катастрофален феномен и тренд мора да се запре. Потоа, проектот за 100.000 нови работни места во постојните и во нови фабрики и фирми, што го сметаме за централен проект кој ќе ја вивне во облаци Македонија и ќе им даде шанса на многу млади луѓе да се реализираат со своите професии! Во тој контекст, правиме програма за тоа како да се стимулираат постојните компании да бидат посилни и поконкурентни и како да изградиме поефективно образование на сите нивоа. Ќе се согласите, овде нема место за разговори од типот десно, лево, центар... Но, ако треба да кажам во кои вредности веруваме, тогаш... Алијансата за позитивна Македонија задолжително ги почитува вредностите и принципите на либералните партии и движења со центристичка политика, а тие се: владеење на правото и ефективност на законите. Ефективен судски систем. Живот според правила.

Економска слобода заснована на стимулирање на личната иницијатива и претприемничкиот дух на луѓето, динамичен приватен сектор и на државна политика, обезбедувајќи долготраен макроекономски раст на бруто општествениот производ над 6% во континуитет.

Развој базиран на силни инвестиции со крајна цел отворање многу илјади нови работни места и намалување на невработеноста, како и социјална праведност, без административни проблеми.

 

Подобра демографска состојба, стимулирање за македонското семејство. Можности за реализација на сите поколенија, поактивна миграциска политика, насочена кон луѓето со македонско потекло коишто живеат во туѓина да се вратат дома. Се залагаме за рано вработување на младите луѓе.

 

ПРЕС24: Ве прашувам за позиционирањето затоа што во Вашиот говор на пример, изостанаа острите критики за власта. Еден од иницијаторите е дел од најголемите проекти во градежништвото каде што инвеститор е власта?

ЗИКОВ: Сметам дека инвеститор не е власта. Инвеститор е државата. Ова е суштинска разлика. Во сите држави најголемите инфраструктурни инвеститори се државите. Градежните компании секогаш се робустни и сложени организации. Да упатам контра прашање – а кој да работи ако не работат нашите две до три најголеми градежни компании и нивните исто така, македонски подизведувачи кои се стотици на број?

Зарем е подобро некоја странска компанија да го работи тоа и кајмакот од инвестициите да го земат странски компании? На тоа прашање тенки се аргументите на оние кои не сакаат да промовираат конструктивна дебата.

Апсурдна е забелешката. Треба да промовираме енергија во која ќе кажеме дека што поголем број инфраструктурни проекти може да ги градат наши компании. Зошто на пример, и Чебрен и Галиште да не ги градат наши фирми... автопатиштата, регионалните патишта... Е што, фатени да не сме во главите и во рацете!?

Од друга страна, сакам да укажам дека ние власта не ја опсервираме тоталитаристички или фаталистички. Затоа на многумина не им јасно зошто не ја критикуваме власта или не ја критикуваме доволно.

Многумина меѓу нас во општеството политиката ја гледаат многу површно. Овде сакам да кажам дека оваа власт направи многу успешни нешта за Македонија... но и многу нешта не успеа да ги направи успешно.

Затоа и рековме дека Алијансата за позитивна Македонија ќе биде центрифуга, генератор на проекти и идеи... за да изведеме многу успешни проекти во Македонија. Притоа, не бараме авторско право за нас. Ние велиме, не е важно кој ќе ги реализира проектите... Само нека се реализираат.

Секако дека оние реформи и проектите што сметаме дека се неуспешни или лошо спроведени и оние што се штетни за општеството ќе ги критикуваме, но и ќе кажеме како треба да изгледаат според нас.

Кога велите изостанале критиките кон власта во мојот говор во Визбегово, сакам да Ве потсетам дека изостанаа и критиките кон СДСМ во истиот говор. Во Визбегово зборував за алармантните трендови и состојби во нашето општество. Зборував за огромната потреба на единство и консензус кај сите релевантни македонски и албански политички субјекти за еднаш нешто убаво да направиме за Македонија.

Едноставно, во тој говор имав огромно количество позитивна енергија која испрати пораки и до едните на власт и до другите во опозиција дека ние, Алијансата за позитивна Македонија, сме светлата реалност во обид за помирување, смирување и обединување на клучните македонски проблеми. Време е.

 

ПРЕС24: Многумина ја оценуваат Алијансата за позитивна Македонија како една нова енергија која во моментов и е потребна на владејачката партија. По седум години власт, во својата коалиција да обедини уште еден слој од општеството?

ЗИКОВ: Немам многу вишок енергија за да ги објаснувам овие конструкции. Свесни сме дека многумина, особено со провиниенција од СДСМ, всушност пукаат од желба што поскоро да нè сместат како приврзок на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, оти така се штитат себеси од одлив на членството, но тоа си е само нивни проблем... Мојата порака е наместо да ја трошат енергијата на тоа, нека се позанимаваат малку со сопствената агенда – што нудат тие... како императив за одговор на прашањето – зошто постојат.

ПРЕС24: Кого повеќе би го посакувале за евентуален коалиционен партнер, ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ?

ЗИКОВ: Сакам уште еднаш да потенцирам дека во нашиот фокус во моментов се само проектите за Позитивна Македонија. Ги имаме навистина многу. Ја пишуваме нашата програма. Создаваме силни тимови за разни проекти. Секојдневно ни се јавуваат личности кои кај нас препознаа силна и искрена позитивна енергија. Таквите луѓе нè интересираат. Сево ова како наш концепт ќе го промовираме кон крајот на септември... На коалиции засега не размислуваме. Се разбира, кога ќе дојде вистинското време, за тоа ќе се изјасниме.

 

 

ПРЕС24: Имате ли дефинирано целни групи? Кон кого ќе се обраќате, од кого ја очекувате поддршката?

ЗИКОВ: Поддршката ја очекуваме од сите коишто размислуваат на овој начин. Позитивно сме изненадени колку нè има со овој памет! Секојдневно се среќавам со вакви личности. Преку глава им е од црно-белите поделби. Некогаш биле политички определени, сега не можеш да кажеш дека се неутрални... Тие се незаинтересирани. Оттука, нашата основна цел е да ги растресеме тие наши сограѓани... Успеавме ли овде, тогаш сме успеале комплетно... Значи, целната група се неопределените, кои ги има во огромен процент, а потоа и незадоволните од сите партиски бои, секако... Е сега... Ќе ме прашате како ќе го постигнеме тоа. Мојот одговор е - ќе се симнеме на земја... меѓу граѓаните и секојдневно ќе им ги објаснуваме нашите проекти. Секојдневно без прекин.

 

ПРЕС24: Најавивте дека планирате раст од 6% во економијата, во чија основа треба да биде земјоделството. Како мислите да ја добиете поддршката од земјоделците кога од актуелната власт добиваат милиони евра субвенции?

ЗИКОВ: Не само земјоделството, туку и целата преработувачка индустрија за производство на храна. Потребни ни се многу фабрики. Нови фабрики. Македонија насекаде на Балканот и пошироко и отсекогаш е позната по производството на добра храна и добро вино. Зошто ова да нема еден убав магичен и развоен спој? Синергија која во паралелна фаза со адекватниот туризам на сите нивоа од земјата ќе направи индустриска велесила на Балканот во оваа област.  Ајде ова да го доведеме до совршенство. Ни требаат големи компании во делот на производството на храна. Ни требаат големи фузирања на македонските компании, кои така расцепкани се слаби и немоќни да се борат на поширокиот балкански и европски пазар. Станале најлесната цел за преземање.

Окрупнувањата на Балканот се случуваат во моментов... Ние спиеме. Тука лично гледам огромни можности за македонската економија. Овде се 100.000 нови работни места - да го замените увозот на храна со домашно производство и со извоз на храна. Да направиме подвиг. Верувам дека можеме и знам како и што треба да направиме...

Да сумирам и да потсетам на говорот во Визбегово... На Македонија и се потребни нови претпријатија. Нови фабрики. Нови производствени             капацитети. Ние имаме готов проект за нови 100.000 работни места во реалниот сектор на економијата.

Со создавање амбиент на брзо, ефективно отворање на нови капацитети во преработувачите индустрии за производство на храна (а не само стимулација на примарното производство, кое е само суровина на големите производители на храна од Србија, Хрватска и од Словенија!

Оваа мачна релација мора да се прекине. Македонија има свои умствени капацитети, способни претприемачи и професионалци за извршни директори, да стимулира македонски фирми да произведуваат храна и да извезуваат на балканските и на европските, како и на источноевропските и на азиските пазари. Само ни требаат нови фабрики и се разбира, свесност дека огромниот увоз на храна од речиси една милијарда евра годишно е катастрофа со која ќе мора да се соочиме. Огромни субвенции за земјоделците, а толку многу увоз на храна! Кого субвенционираме ние, всушност? Оттука, токму овде го гледаме најголемиот дел од овие 100.000 нови работни места.

Но, за да имаме нови фабрики, некој треба да инвестира.

Треба   да го коригираме ставот дека само само странските инвеститори ќе ни ги решат проблемите. Секако дека тие се добри и корисни, оти странецот донесува многу знаење, професионалност, нови пристапи кон организацијата и менаџментот, воведува работна етика која толку многу ни е потребна, а за пошироката заедница е важен затоа што влијае и со одредена култура на живеење поразлична од нашата, што не значи дека е подобра.

Убаво е да се имаат странци во државата, меѓутоа само тие не ви го решаат економскиот проблем. Крајно време е ние да отвориме наша, домашна приказна. Масовна сцена на домашни инвеститори коишто отвораат фабрики.

Е сега, како ќе го направиме ова?! Според нас, тука е важна улогата на државата, на владата, на институциите. Дали ќе се развиваме економски, брзо и силно, дали ќе има масовни домашни инвестиции и голем број нови работни места е прашање на политички концепт. Што е уште поважно, тоа е прашање на политичка одлука во општеството и во државата.

Првиот чекор е во оваа наша држава да донесеме силна политичка одлука дека сакаме да се развиваме со стапки на раст над 6% годишно. Потоа се знаат мерките.

Корисна и продуктивна реалокација на средствата во Буџетот. Силно докапитализирање на Банката за поддршка на развојот и таа да се претвори во своевидна пазарна конкуренција на деловните банки во земјава. Пристапот до кредитите да се олесни со посебни програми за нови бизниси. И изградба на нови фабрики. Формирање на посебен државен фонд со кој државата преку јавно-приватни партнерста ќе помага во подигнувањето нови капацитети и фирми – ИЗВОЗНО ОРИЕНТИРАНИ! Влегување во директни партнерски односи со приватни инвеститори. Двојни, тројни, четворни партнерства. Корпорациски систем на инвестиции и отворање можности за формирање холдинзи. Воведување проектно финансирање на бизнисите и развивање на силно инвестициско банкарство.
Силна и стимулативна економска политика и отворање можности за сегашните компании и претпријатија. Голем број од нив се изнамачија во таканаречената македонска транзиција полна со с’клет, деструктивна енергија, реваншизми, корупција, рекет и закани. Така истоштени, македонските претпријатија стари и по 20 години, а некои од нив и со јубилеи од по 50 и 60 години, се претворија во загубари и губитници на поширокиот балкански пазар. Станаа плен за претпријатија од околината, но само затоа што некоја тамошна влада имала поголем капацитет и чувство за ваквите проблем. Алијансата за позитивна Македонија ќе создаде клима за реструктурирање на сите македонски индустрии. Нашите фирми мора да го вратат својот стар сјај и да се вратат на балканските и на светските пазари. Се знае како се прави тоа.

 

ПРЕС24: Засега тројца луѓе стоите како иницијатори, Вие, Владо Бучковски и Минчо Јорданов. Кој од вас тројцата ќе биде претседател на партијата?

ЗИКОВ: Лидерот на Алијансата за позитивна Македонија ќе биде избран на крајот на септември преку демократска процедура.

 

ПРЕС24: Се чувствувате ли подготвени Вие лично да преземете премиерска обврска, во хипотетичка ситуација да победите на избори?

ЗИКОВ: Да. Смислата на премиерската функција е да реформирате, да менувате и да ја однесете својата држава во одржливи води на опстанок. И не само опстанок, туку силен развој напред.
Во светот постојат нешто повеќе од 200 држави... А над 7 милијарди луѓе живеат на планетава... Колку малку држави нели? Која е таа привилегија да се има држава денес... Која е таа силна привилегија да се има меѓународен субјективитет и признат суверенитет да можеме да разговараме рамноправно, да влијаеме на носењето одлуки, да признаваме други држави, да седиме рамноправно на масата! Да водиме политика. Да имаме дипломатија. ...

 Но, како што реков на едно место, ние нашата држава само ја регистриравме во ООН во 1993 година. Денес нашата обврска е да ја изградиме со сите “китки” како што треба.

 

Обврска на денешните генерации е да создадеме силна Македонија. Да излеземе од зоната на комплекси и инфериорност и да создадеме економски и политички пристојно општество на задоволни и среќни граѓани. Можеме да го направиме тоа.

Ќе цитирам еден дел од еден наш поширок манифест. Во Позитивна Македонија сме обединети граѓани од град и од село. Крајно време е да ја направиме нашата татковина Македонија силна, успешна и привлечна. Земја на еднакви можности за сите нејзини граѓани коишто решиле и сакаат да живеат, да работат, да создаваат семејство и свое огниште тука. Дома.

Оттука, многу сум среќен и исполнет што врз овие принципи и заложби, заедно со моите партнери-иницијатори господинот Владо Бучковски и господинот Минчо Јорданов, во последната половина година со Алијансата за позитивна Македонија успеавме да им се приближиме на илјадници граѓани. Ќе биде ова големо движење.

Од самиот почеток оваа мисија ја почувствував како мој голем личен предизвик. Исто како кога пред четиринаесет години го создавав денес големиот Капитал.

Време е, по дваесет години голгота и мачење во раѓањето и во создавањето на нашата татковина, сега да изградиме силна Македонија. Имам визија, идеја и што е најважно, знаење како да се постигне целта - успешна Македонија и среќни нејзини граѓани. Крајно време е оваа генерација граѓани и особено политичари од сите македонски партии да го зададе клучниот реформски и развоен удар за доброто на земјата и на идните нејзини генерации.

Срам за сите нас ќе биде ако на крај „подзинати“ ја изгубиме пред очи големата слика и се удавиме во оваа пасторала насекаде околу нас! Пат којшто всушност никаде не води...

Затоа, сега е важно од земја аутсајдер на меѓународната политичка мапа да создадеме земја со позитивен и победнички дух во секоја смисла.

Овие се моите мотиви на кои ја вградив мојата визија. И затоа се вклучив во оваа иницијатива.

И сега... ако сево ова подразбира претседател на Алијансата за позитивна Македонија, па дури како што ме прашувате и Премиер, тогаш одговорот е ДА. Подготвен сум да ги преземам работите и заедно со сите со кои размислуваме на сличен начин, и со сите кои секојдневно генерираат убави мисли, идеи и проекти за иднината на Македонија да настапиме и да ги реализираме.

Ја праќам мојата порака до сите коишто размислуваат на овој начин, како нас во Алијансата, да ми се придружат мене, да ни се придружат нам, и да се фатиме за работа. Патот е долг.

Ветувам вистинска работа. Многу работа. И како што своевремено кажал големиот Черчил – Ветувам крв, пот и солзи... И, секако, на крајот, успех за секој поединец, семејство и заедницата во целина... На Македонија повеќе не и требаат „мртви херои“! На нашата татковина сега... денес... и требаат победници!

 

ПРЕС24: Од еден солиден сопственик на медиум и новинар влегувате во политика. Кој е мотивот?

ЗИКОВ: Во медиумите сте аналитичар, дијагностичар. Во медиумите сте хроничар и коментатор без одговорности. Комотна е таа зона. Ви дава слава, а лесно можете да избегате од одговорноста за кажаното.

Политиката ја ценам како спротивност. Во неа менувате. Нормално, ако можете и ако има услови за тоа. За мене политиката е врвен предизвик, не за да се решам себеси. Како што рековте, јас сум солиден сопственик на медиум.

Овојпат сакам да го соблечам новинарскиот дрес, да го облечам политичкиот и да ја преземам одговорноста... Времето ќе покаже дали сум успеал или сум промашил во проценката.

 

ПРЕС24:Се сеќавате ли на некои македонски новинари кои направиле успешна политичка кариера?

ЗИКОВ: Македонски новинари можеби има малку... но, светски има многу. Новинарството и политиката се многу блиски професии. Ги дели само една бездна, а таа безда се вика – ОДГОВОРНОСТ ЗА КАЖАНОТО.

 

 

ПРЕС24: Што ќе се случи со Вашите медиуми откако ќе влезете во политиката?

 

ЗИКОВ: Капитал Медиа Гроуп е издавачка компанија со многу проекти... портал, конференции, едукациски центар, специјални прилози и едиции, како и самиот магазин. Во подготовка се и нови два магазини... Компанијата 14 години е на пазарот, догодина ќе славиме петнаесетти роденден. Има свој менаџерски тим, солидна екипа од професионалци... од пред еден месец јас повеќе не сум главен и одговорен уредник. На тоа место сега е друга личност. Така што се е како што треба... како што бара етичкиот и моралниот кодекс на работење.

Како што гледаме останавме успешна компанија. Многу верувам во моите колеги.

 

 

ПРЕС24: Политиката сепак е многу повеќе од желби и идеи. На пример, во моментов можеби клучно прашање за развојот и за иднината на државата е прашањето за името. Имате ли во Позитивна Македонија дефинирано решение за ова прашање коешто би било позитивно и за Македонија,  но позитивно и за македонските евроатлнтски интеграции?

ЗИКОВ:  Пред Република Македонија и пред нејзините граѓани од сите националности и вери, од град и од село, е исправен еден силен притисок и предизвик, а тоа се внатрешните деструкции и поделби поради тоа што ја губиме цврстината во налетот на наметнатиот спор од страна на Грција за промена на нашето уставно име. И во последно време, јасен нагон на нашиот јужен сосед за промена на нашиот идентитет.

Можеби денес, најсилно од кога и да е сме исправени пред предизвикот на што да се потпреме... на голиот опстанок и да ги издржиме деструктивните притисоци на Грција, или да си продолжиме по нашиот пат. Пат на индивидуален внатрешен развој на општеството, спроведување на реформите заради нас, а не бркање датуми за преговори и членство. Да раскажеме сопствена приказна.

Оттука, Алијансата за позитивна Македонија бара и ќе стимулира политички процес на проверка, но и реафирмирање на државните цели поставени пред многу години – Евроатлантските интеграции на Македонија! Проверка каде сме на тој пат и кои ни се приоритетите сега. Остануваме ли на назначените приоритети.

Респектираме и ќе стимулираме градење нова државна стратегија за нашите приоритети и цели. Како и национален консензус за проблемот со името.

Тоа што е важно е следното -  Алијансата за позитивна Македонија ги респектира основните индивидуални човекови права на идентитет и идентификација. Правото на слободен избор на јазикот и на националната припадност. Неменување на Уставот и неменување на личните документи коишто произлегуваат од Уставот на Република Македонија.

Тоа се основни човекови права кои се базираат како на меѓународни конвенции кои Македонија ги има потпишано во целост, така и на националниот Устав на секоја земја посебно којшто е гласан во демократска парламентарна процедура. И тоа се вика идентитет којшто не следи насекаде. Идентитет којшто бараме да ни биде признаен. Од ова барање нема да отстапиме. За се друго се разговара.

Во меѓувреме, додека тоа не се случи, секако, мора да се живее. Македонија не смее да дозволи и последниот свој граѓанин да го изгуби со тоа што ќе се исели од земјата.

Ние со Грција имаме и многу силни точки коишто не врзуваат. Вардар се влева во Егејско Море. Пристаништето во Солун со повеќе од 50% го експлоатираат македонски компании. Северниот дел на Грција и Солун преку година во голема мера се развиваат и живеат добро благодарение на туристите од Македонија. Во последните пет години многу Македонци купија имоти во Грција. На Халкидики, во Солун... Со Грција и со компаниите таму имаме силни можности за соработка –инвестиции тука и таму, трговија, заеднички настап на трети пазари... Силни се можностите! Грција е единствениот сосед на Македонија кон кој имаме автопат, железница, далноводна мрежа, и близина. Се во едно.
Зошто од дрвата не можеме да ја видиме шумата! Грција заедно со Бугарија можат да бидат македонските стратешки партнери на патот кон ЕУ.

 

ПРЕС24: Тоа е прашање на кое гласачите чесно е да имаат јасна претстава што мислите Вие?

ЗИКОВ:  Мислам дека јасно одговорив на прашањето кој е нашиот став!

 

ПРЕС24: Има ли алтернатива Македонија ако подогло време остане надвор од ЕУ и од НАТО?

ЗИКОВ:  Секако дека има алтернатива. Да опстои сама за себе... Да ги изгуби сите пријатели. Да нема пријатели. Да создаде едно непродуктивно затворено општетсво. Меѓународно ќе бидеме изолирани полека, полека. Гледаме дека и најголемите наши поддржувачи од поодамна станаа инфериорни по прашањето на нашите проблеми. Избегнуваат да се изјаснат или остануваат неутрални. Македонија ги губи своите пријатели. Реков... само 200 држави има во светот. Не повеќе. 
Ако не смениме нешто, од Македонија ќе направиме аквариум во кој рибите по извесно време ќе бидат сварени во супа и тоа е тоа...
Да, секако ќе опстоиме. Веројатно нема да се распаднеме. Освен ако не се распаднеме...

Но, и Куба постои како држава... Па што! Најсилните и најспособните синови на Куба и Кастро избегаа во егзил во САД.

 

ПРЕС24: Ве прашувам затоа што најавивте приспитување на стратешките цели на државата. Што подрзабирате под тоа?

ЗИКОВ: Под тоа подразбирам силна дебата за реафирмирање на стратешките цели на Македонија. И создавање силен консензус меѓу сите на политичката сцена и исцртување на македонската црвена линија. Тоа би значело и наш предлог за решавање на проблемот со Грција.

 

ПРЕС24: Во програмата којашто ја претсави експремиерот Владо Бучковски во едно интервју, најави за првпат дека во едно политичко движење Македонците кои се чувствуваат како Бугари ќе бидат активно вклучени. Што значи ова?

ЗИКОВ:  Ако добро се сеќавам Бучковски зборуваше за Македонците кои поради егзистенцијални економски причини во годините наназад земаа бугарски пасоши. Тој исто така кажа дека тоа се граѓани коишто го задржале своето македонско самочувство.

 

ПРЕС24: Во поглед на надворешната политика, Македонија има отворено прашање со сите соседи. Ги знаеме сите. Името со Грција, историјата со Бугарија, Црквата со Србија, уставното име со Албанија. Во дел од овие држави Македонците немаат елементарни малцински права. Кој е Вашиот став, за каква политика со соседите ќе се залагате?

 

ЗИКОВ: Нашата политика ќе оди во правец да ги затвориме сите прашања. Во 21 век да имате вакви прашања какви што ви наметнуваат соседите и да немате инвентивност да ги решите е повеќе од смешно.

Сите отворени прашања на Македонија со соседите се решливи. Само треба едно да разбереме... Географијата и историјата не и се сојузници ниту на една балканска држава. Па ниту на нашата Македонија.

Во нашиот координатен систем на функционирање мораме конечно да ја вметнеме третата димензија, а тоа е височината и интелигенцијата. Ајде да им покажеме на нашите соседи колку голем може да биде Македонецот. Колку Македонецот вистински го разбира светот како поле за културен, економски, технолошки напревар меѓу народите.

И уште нешто... Едно да разбереме... Наскоро, многу брзо сите ќе разбереме дека Балканот е премногу мал за вакви поделби... Кој најбрзо ќе сфати тој најмногу ќе добие. Доаѓаат времиња на големи интеграции. Меѓу државите, меѓу компаниите, меѓу луѓето. Се обединуваат пазарите, од три компании се прави една голема, се обединуваат спортските лиги. Сe станува некако големо. Тоа се ветриштата – сакаме ние да се соочиме со нив или не сакаме.

 

ПРЕС24:  Кои се првите избори на коишто ќе учествувате?

ЗИКОВ: Следните.

 

ПРЕС24: Што доколку власта распише избори есенва?

ЗИКОВ: Подготвени сме за кампања и учество на изборите.

 

ПРЕС24: Дали пресудата за Бучковски ќе влијаее на процесите внатре во Алијансата?

ЗИКОВ: Судскиот случај против еден од иницијаторите на Алијансата за Позитивна Македонија е отпочнат пред 6 години. Овој судски предмет ниту влијаеел на создавањето на двизењето, ниту сега ќе влијае на работата и остваруванњето на проектите на нашето движење!

Уште повеќе што и ние иницијаторите на ова движење сме длабоко уверени дека аргументите во овој случај се на страна на Бучковски.

најчитано сега