Средба Попоски-Нуланд: Што поскоро зачленување во НАТО и започнување преговори за влез во ЕУ

Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, денеска се сретна со помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања, Викторија Нуланд.

Соговорниците во текот на средбата изразиле задоволство од досегашниот развој на односите меѓу двете пријателски држави, втемелени на Декларацијата за стратегиско партнерство и соработка, како и заемно истакнатиот интерес за нивно натамошно унапредување, во сите области од заемен интерес, а тема на разговор била и стратешката определба на Република Македонија за што е можно поскоро зачленување во НАТО и започнување на преговорите за пристапување во Европската унија, за што Соединетите држави, се вели, даваат недвосмислена поддршка.

- Во светло на наредниот самит на Алијансата во Варшава идната година, исполнетоста на критериумите за членство и учеството на припадниците на АРМ во рамките на повеќе мировни мисии, ни даваат полно право да инсистираме на надминување на сите пречки за нашето зачленување. Република Македонија е посветена на почитување на демократските принципи и меѓународното право. Истото го очекуваме и од сите наши партнери, изјави министерот Попоски.

Соговорниците разменија мислења и за актуелните внатрешно - политички состојби и предизвици во Република Македонија.

- Поскоро надминување на политичката криза е интерес на македонските граѓани и економијата, изнесе министерот Попоски, стои во соопштението од македонското МНР.

Инаку, помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања, Нуланд, која е во официјална посета на Македонија, се сретна и со премиерот Никола Груевски.

 

 

Оцени ја веста

13.07.2015 - 14:50
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега