Владата овозможува бесплатно студирање на најреномираните универзитети
Владата на Република Македонија ќе доделува полни стипендии за студирање на 87 реномирани универзитети и специјализирани школи од областа на „фини уметности“ односно за музика, филм и ликовна уметност за кои ќе важи конкурсот за нивно добивање, информираше денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Тој објасни дека ќе биде покриена комплетната сума потребна за финансирање на студиите односно школарината и трошоците за престој на студентите кои ќе се запишат на универзитетите и специјализираните школи.
Конкурсот за доделување ступендии ќе трае до 31-ти август период кога сите граѓани на Република Македонија ќе можат да аплицираат, да се запишат на некои од 87 универзитети и специјализирани школи и на тој начин да добијат стипендија.
- Стипендиите ќе важат за довршување на додипломски студии и магистерски студии во рамки на овие школи, појасни Ѓорѓиев, додавајќи дека целта е да им се даде можност на младите да го надградат своето образование во рамки на најреномираните универзитети и специјализирани школи, но и да се даде додатна вредност на постоечките кадри во Република Македонија во однос на овие областа за развој на овие дејности, како и меѓу другото нови вработувања.
Тој потенцира дека одлуката на Владата е да нема никаков лимит во однос на сумата на средствата која би се исплаќала поединчено по стипендија, ниту пак во поглед на вкупниот број издадени стипендии. Интенцијата е, истакна, што поголем број млади луѓе да се стекнат со оваа можност, а државата ќе ги подмири трошоците независно од бројот студенти кои ќе се запишат. Висината на стипендијата не може прецизно да се определи, затоа што таа варира зависно од четирите различни правци за студирање, времето на студирање..., а се работи и за 87 различни универзитети и специјализирани школи.
Според владиниот портпарол, за да се добие стипендија, потребно е студентот да се запишал на некои од наведените образовни единици, а Министерството за образование и наука во рок не подолг од 10 дена треба позитивно да му одговори врз основа на доставени документи.
- Лицето кое добило стипендија има само една обврска, а тоа е по завршување на студиите да се врати и да твори во областа која ја завршил школата, во период двојно подолг од времето што било потребно за реализација на неговите студии, истакна Ѓорѓиев.
Листата на 87-те универзитети и специјализирани школи е составена од страна на министерствата за образование и за култура, а во неа влегуваат 32 школи од обалста на музиката, од ликовната уметност 21 училиште, за кинематографија и филмска продукција се 19 и 15 се од областа на драмската уметност.