Градоначалникот на Крива Паланка даде отчет за сработеното
Градоначалникот на општина Крива Паланка, Арсенчо Алексовски денеска на прес - конференција, пред навршувањето 100 дена од неговиот реизбор на функцијата, даде отчет за сработеното.
Тој нагласи дека Општина Крива Паланка продолжува со реализација и отпочнување нови проекти од ветената изборна програма кои ќе значат подобрување на квалитетот на живеење на сите граѓани. Овие месеци, потенцира, граѓаните на Крива Паланка се сведоци на градежна експанзија.
- Започна изградба и реконструкција на девет улици и мостот на Куков Дол преку проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со кредит од Светска банка, а преку министерство за финансии на Република Македонија, информира Алексовски. Опфатени се изградба на делови од улиците „Горан Стојановски”, „Климент Охридски”, „Биљинска”, „Наско Тамбурков”, како и изградба на дел од локален пат „Крива Паланка- село Лозаново” крак 1 и Дивјанска маала.
Градоначалникот на Крива Паланка посочи дека се набавени три градежни возила за комунални и јавни услуги за јавното претпријатие „Комуналец“ со целокупна опрема со што ќе се подигне квалитетот и нивото на услуги кон граѓаните.
- Се довршува со изградба на административно деловен комплекс на местото на некогашен суд за прекршоци. На врвот на оваа зграда ќе биде поставен Градски часовник кој ќе има четири страни и кој ќе одзвонува во одредено време. Часовникот е порачан и платен, се чека само на негово поставување и монтирање, изјави Алексовски, додавајќи оти е потпишан и договор за финансирање на проектот „Регулација на Порој Белево - Крива Паланка“ кој опфаќа регулирање на околу 950 метри од Белевски дол и за овој проект во тек е тендерската постапка.
Меѓу другото, во завршна фаза е асвалтирањето на повеќенаменското игралиште во склоп на спортскиот комплес во Крива Паланка, а изграден е и нов рекреативен парк. Со убава фонтана во населба Бавчалк каде ќе се користи водата од Пенди вир која досега течеше во Крива река.
Според него, се врши и докомплетирање на внатрешниот простор на Градскиот музеј во Крива Паланка со формирање на уметничка галерија и опремување на истата.
Општина Крива Паланка, информира Алексовски, започна со постапка за изработка на урбанистичко-планска документација за изградба на туристичко развојна зона.
- Оваа туристичко развојна зона ја планираме на Калин камен и на брегот на езерото на новата брана на Злетовица која ја опфаќа територијата на општина Крива Паланка. Со урбанистичко-планската документација за туристичко развојна зона ќе се планираат градби за времено сместување и мали комерцијални и деловни објекти, појасни градоначалникот на Крива Паланка. Во тек е, подвлече, и изработката на измени и дополнувања на ДУП за дел од урбан блок 11 (локалитет Кланица до Скрљавски дол. Тој потсети дека Крива Паланка која е прогласена за Град на културата интензивно работи за да го оправда овој епитет.
- Горди сме на постигнатото, но имаме уште многу идеи и иницијативи кои со помош и поддршка на граѓаните ќе ги оствариме, а кои се всушност реализација на изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, истакна Градоначалникот на општина Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.