МАНУ бара поништување на одлуката за лустрирање на писателот Славко Јаневски

 

Постапката на Комисијата за верификација на факти против академик Славко Јаневски е удар одвнатре врз македонскиот национален идентитет, уставниот и правниот поредок на Република Македонија, оцени Македонската академија на науките и уметностите. Од МАНУ бараат Комисијата да ја поништи донесената одлука, иако, стои во нивното соопштение, тоа нема да биде доволно за да се поправи нанесената штета.

- Одлуката на Комисијата претставува за правото непознат чин на водење правна постапка против починато лице од државен орган, и е основа за сомневање дека нејзин мотив може да претставува ставот на негација на македонската самобитност и на начелата на демократската правна држава. Македонската академија на науките и уметностите смета дека објавувањето на одлуката на Комисијата за лустрација на акад. Јаневски, е спротивно на Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработка со органите на државната безбедност, (чл.33), кој изречно забранува објавување податоци за починати лица, стои во реакцијата на МАНУ.

Академијата посочува дека Славко Јаневски е еден од основоположниците на современата македонска книжевност и култура и на Македонската академија на науките и уметностите, чиј опус е во целост посветен на историскиот опстанок на Македонија и македонскиот народ и одамна ги има надминато границите на нашиот културен простор, афирмирајки ја македонската литература, култура и јазик во светот.

МАНУ смета и дека Собранието на Република Македонија треба да ја преиспита законската регулатива на лустрацијата, заради нејзино усогласување со Уставот на Република Македонија, Европската конвенција за човековите права и стандардите развиени од Европскиот суд за човекови права, согласно препораките и критичките забелешки на Советот на Европа, ЕУ, Венецијанската комисија и други компетентни меѓународни тела.

ФОТО: А1Он

најчитано сега