Македонија топ-тема во грчките медиуми

 

Единаесет мерки за доверба меѓу Грција и Скопје, е најчестиот наслов во грчките медиуми на извештаите за вчерашната посета на министерот за надворешни работи Никос Коѕиас на Скопје.

Во Грција речиси без коментар се пренесуваат информации за вчерашните средби на Коѕиас со македонскиот државен врв, и пред се се истакнува дека двете земји договорија 11 мерки за градење доверба, кои „отвараат пат за поголема доверба меѓу двете земји“.

- Довербата може да помести планини, ја пренесуваат грчките медиуми оваа изјава на Коѕиас и додаваат дека тој истакнал оти Грција е подготвена со сите средства и експертиза да придонесе за европската перспектива на Скопје.

Информативниот портал „Њуз.гр“ во насловот го истакнува тврдењето на Коѕиас дека „постоењето на Скопје е дар за Балканот“, а потоа исто како и останатите подвлекува дека 11-те мерки за доверба го отвораат патот за изградба на доверба меѓу двете земји.

„Етнос“ прецизира дека Коѕиас во Скопје пристигнал со автомобил од Солун, „со оглед на тоа што грчки авиони не слетуваат на скопскиот аеродром откако е премиенуван во „Александар Велики“.

- Во разговорите во Министерството за надворешни работи, Коѕиас и Попоски без да ги кријат проблемите, се обидоа да испратат порака за соработка и одлучност за решавање на отворените прашања, пишува „Етнос“.

Според „Катимерини“, со вчерашната посета на министерот за надворешни работи Никос Коѕиас „на главниот град на соседната земја“ и мерките за градење доверба, Атина и Скопје сеобидуваат да ги рестартираат билатералните односи, „во сенка на сериозна политичка криза во Македонија и критичната ситуација во Грција“.

- Вкупно 11 мерки објавија Коѕиас и неговиот колега, Никола Попоски, во областа на културата, трговијата, инвестициите и образованието, со цел отворање ‘пат на доверба’, и кои со текот на времето ќе придонесат за решавање на жешкото прашање за името и целосна реставрација на добрососедските односи. Но, можеби поважна од самите мерки беше самата посета на Коѕиас на Скопје и средбите со целиот политички врв, од премиерот Груевски и претседателот Иванов до Али Ахмети и Мендух Тачи, кои поминаа во многу позитивна атмосфера, со оглед на тоа што Петрос Моливијатис беше последен министер за надворешни работи што ја посети Македонија пред единаесет години, пишува „Катимерини“.

Весникот „Нафтемборики“ додава дека после средбите во Скопје, грчкиот функционер повторно се вратил во Солун, од каде синоќа отпатува во Србија.

 

 

Оцени ја веста

25.06.2015 - 11:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега