Попоски: Посетата на Коѕијас ќе се искористи за градење подобра клима помеѓу двете земји

Спорот за името,  мерките за градење доверба, како и унапредување на билатералните односи во повеќе области ќе бидат тема на утрешната средба  во Скопје на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Попоски и Никос Коѕијас. 

- Темата за името е неизбежна кога се работи за  Грција. Но, она што можеби е специфично во овие услови, се договоривме да имаме малку поинаков пристап. Многу сме далеку од решение за името, но тоа не би требало да не спречи во градење подобра, попозитивна клима помеѓу двете земји од која крајниот бенефит би го имале граѓаните. Останува пред нас да најдеме решение за главната причина за блокадата која ја имаме во евроатлантските интеграции. Но, во меѓувреме можеме да работиме на практични мерки за соработка било да е во култура, во транспорт или во економија, со кои ќе се намали тензијата и ќе почувствуваат благодет граѓаните од двете страни на грчко македонската граница, изјави министерот Попоски. 

Тој не најави колку мерки се досега усогласени меѓу двете министерства, но нагласи дека имало конструктивна атмосфера во дискусијата помеѓу политичките директорати на двете министерства, а утре на министерско ниво ќе биде заокружен планот за темите на кои ќе соработуваат двете земји. Потенцира дека мерките за градење доверба се резултат на заедничка иницијатива и се усогласени по пат на дијалог со цел градење подобра клима во односите на двете земји. Воедно, потсети дека Македонија претходно има континуитет во предлагање мерки за градење доверба кон Грција. 

Оцени дека посетата на Коѕијас, која е прва министерска посета  од грчка страна по подолг период, е мудар чекор на грчката дипломатија и треба да се искористи за промовирање на она што е, вели, за нас најзначајно, а тоа е европската интеграција и стабилноста во регионот и она што им е ним значајно - билатералната соработка да се одвива во некакви нормални рамки.

Запрашан што очекува од претстојниот Самит на ЕУ на кој треба да се донесат заклучоци за Македонија, Попоски истакна дека политичката клима е таа која не доведе во фокусот на дискусии на Советот на унијата и оти смета дека тоа може да биде добра прилика за Македонија.

- Неизбежен заклучок е дека е неопходно да бидеме посветени на двете клучни поглавја од преговорите за ЕУ, а тоа е поглавјето 23 и 24, односно правда и внатрешни работи. Во тој дел имаме добиено одредници кои ќе бидат значајни за нашиот напредок и членство во ЕУ. Така што кризата која не доведе во ситуација да имаме заклучоци на Совет на ЕУ можеби е најдобрата можност да испорачаме резултати кои дефакто ќе не постават во позиција на преговори за членство со ЕУ. Тоа е она што го бараме веќе неколку години наназад - да не остане само политичкиот спор кој ни е наметнат и заради кој неможеме да водиме преговори туку паралелно со него да имаме можност да спроведуваме реформи кои во секој случај ќе бидат главниот услов за членство на Македонија во ЕУ. Во оваа насока се и очекуваните заклучоци. Има извештај, има согледувања од министрите за надворешни работи кои беа споделени вчера и мислам дека одговорноста на главните политички актери во земјата е да ја искористиме оваа можност и да имаме напредок  покрај долготрајната блокада, рече Попоски.

На прашањето дали Македонија се соочува со можност од губење на препораката за преговори со ЕУ, Попоски смета дека тоа не е главниот предизвик за Македонија.

- Претходно имавме долготрајна ситуација со препорака за преговори и не бевме во услови да ги водиме тие преговори. Нам не ни треба препорака за преговори, нам ни требаат реални преговори за членство во ЕУ, а тоа можеме да го постигнеме со реформи дома, посочи Попоски.

Македонија, вели, ќе го добие редовниот извештај од Европската комисија наесен и во него вообичаено се адресира прашањето дали некоја земја е подготвена за преговори, како и дека политичката криза е таа која не доведе да имаме заклучоци порано.

- Доколку покажеме зрелост и капацитет да испорачуваме по однос на овие реформи тоа може да стане нашиот главен адут за водење на преговорите. Во овој момент немаме проблем со повлекување на препораката, но имаме потреба за испорачување резултати по однос на одредниците и зависно од тоа како ќе ги адресираме, а ние сме одлучни да влеземе во таков дијалог во кој ќе испорачаме реформи може да не стави во многу подобра позиција отколку што сме биле на минатите совети во изминатите шест години, смета Попоски.  

Во однос на кризата со мигрантите и одлуката на Србија заедно со Унгарија да ги враќаат мигрантите во Македонија, Попоски истакна дека проблемот со миграцијата е европски проблем кој не зависи само од една или две земји од ЕУ, туку е резултат на континуираниот наплив на мигранти. 

- Мислам дека земјите кандидати како ние или Србија, кои се дел од таа рута треба да бидат дел од решението и во тој контекс би ги гледал сите долгорочни решенија. Во овој момент ние имаме ситуација во која илјадници мигранти доаѓаат од територија на ЕУ во Македонија и сакаат да го продолжат нивниот пат до други земји членки на ЕУ. Решение нема да има доколку не седнеме со заеднички чекори - и тие кои се дел од ЕУ и ние кои сме на пат да станеме дел од ЕУ, рече Попоски

Како што соопшти МНР, Коѕијас во рамки на еднодневната посета на Република Македонија покрај со домаќинот Попоски, треба да биде примен од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, од премиерот Никола Груевски, како и од вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими.  Според грчкото МНР, Коѕијас во Скопје исто така ќе се сретне и со лидерите на СДСМ, Зоран Заев, на ДПА Мендух Тачи, како и со претседателот на ДУИ Али Ахмети.

 

 

Оцени ја веста

23.06.2015 - 17:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега