Словенија останува поддржувач на евроатлантските интеграции на Македонија

Словенија ќе продолжи да биде верен поддржувач и искрен пријател на евроатлантските интеграции на Република Македонија. Ќе продолжиме да го помагаме вашиот пат кон членство во ЕУ и НАТО, затоа што тоа го одбраа лидерите и граѓаните на Македонија, рече денеска словенечкиот амбасадор Бранко Раковец на приемот во Скопје по повод одбележување 24 години од независноста на Словенија.

- Граѓаните и лидерите на Македонија го направија изборот. Тие сакаат стабилност, хармонија и просперитет. Тие ги избраа стратегиските цели за својата иднина. Сакаат да живеат во земја со евроатлантски вредности. Сакаат да станат полноправни членки во евроатлантските интеграции. И ова е тоа што граѓаните на Македонија навистина го заслужуваат. Што се однесува до одговорноста, можам да ве уверам дека Словенија и натаму ќе биде пријател на Македонија на патот кон НАТО и ЕУ членството и ќе продолжиме да ви даваме поддршка, изјави Раковец.

На приемот на кој присуствуваа претседателот на Собранието на РМ Трајко Вељаноски, министри во Владата, претставници на институции, на бизнис заедницата, членови на дипломатскиот кор, претставници на верските заедници и други гости, тој истакна дека Словенија и Македонија негуваат одлични пријателски односи кои датираат уште од времето кога беа дел од една заедничка држава. Го истакна значењето на соработката во однос на туризмот, културата и особено во економијата.

Словенија прогласи независност од СФРЈ врз основа на референдумот за независност од 25 јуни 1991 година. Земјата се приклучи на НАТО во март 2004 година, а на ЕУ во мај истата година.

 

 

Оцени ја веста

23.06.2015 - 15:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега