Расте довербата на граѓаните во полицијата - Чавков во посета на „Тоде Ментол"
Министерот за внатрешни работи Митко Чавков и директорот на Бирото за јавна безбедност Горанчо Савовски денеска имаа средба со жителите на населбата „Тоде Мендол“, каде на 9 и 10 мај се одвиваше полициска акција за сузбивање криминално-терористичка група, со претставници на СВР Куманово, на граѓански орагнизации и Исламската верска заедница.
- Разговаравме и отворивме прашања и теми од заеднички интерес, а тоа е безбедноста на заедницата и од друга страна почитувањето на фундаменталните права и слободи на човекот и граѓанинот, изјави министерот.
Чавков и кумановци разговарале за јавниот ред и мир, за сообраќајот, конвенционалните безбедносни форми кои секојдневно ги засегаат и граѓаните и полицијата, како и за неконвенционалните форми на криминалитет, присутни на светско ниво, како што се променливите форми на радикализација, насилство и тероризам.
- Во тој контекст го отворивме и прашањето на случувањето во Куманово. Очекувам отворена дискусија и за овие проблеми и практично и граѓаните и ние како полиција сме упатени едни на други и во навремено согледување на ризиците кои упатуваат и на радикализацијата и на насилства и на тероризам, изјави Чавков.
На подрачјето на Куманово минатиот месец, во споредба со истиот период лани евидентирано е намалување на кривичните дела кои се гонат по службена должност од 36,3%, односно регистрирани се 58 кривични дела наспроти 91 кривично дело. Министерот Чавков соопшти дека регистрирано е и намалување на прекршоците во јавниот ред и мир.
Полицијата во Куманово, посочи Чавков, ќе биде достапна за граѓаните и будно ќе ги следи состојбите. Во меѓувреме овој податок како и фактот дека постепено расте довербата на граѓаните во полицијата, го истакна и началникот на СВР Куманово, Моме Јакимовски.
Претседателот на месната заедница Тоде Мендол, Шабан Демири изјави дека на 9 и 10 мај граѓаните го положија испитот и покажаа дека не потпаѓаат под влијанија.
Оваа е втора посета на Куманово на министерот за внатрешни работи Чавков од неговото назначување на оваа функција.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа