Митко Чавков: Илјадници мигранти зад јужната граница прават обиди за влез во Македонија

 

Покрај потребата од национален одговор во идентификувањето и сузбивањето на криминалните мрежи и управувањето и заштитата со мигрантите, потребна е итна акција во рамките на Обединетите нации и Европската унија за да се изгради кохерентен и сеопфатен пристап  за справување со предизвиците кои произлегуваат од миграцијата. Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков во интервју за прес24, потенцира дека илјадници мигранти зад границата со Грција прават обид за влез во Македонија, територија која се користи како транзит

-Силен е и секојдневен е притисокот со кој се соочуваме од јужната граница со Република Грција. Стотици мигранти на дневна основа прават напори да ја поминат грчко-македонската граница, значи ни доаѓаат од држава членка на ЕУ и преку Република Македонија и  Србија, транзитираат низ Република Унгарија на патот на крајна дестинација. Значи ние сме на транзитната рута со уште две европски држави – членки на ЕУ, вели Чавков во интервјуто за Прес24.

Полициската акција во Ваксинце е само дел од континураниот процес за сузбивање на криминалните активности за крумчарење. Заклучно со мај МВР има  документирано 59 дела криумчарење на мигранти во кои се пријавени над 80 сторители. Тоа се повеќе од два случаја неделно со три осомничени лица. Чавков вели дека полицијата имала информации за Ваксинце и пред тој случај д ас епојави во странските медиуми, но потенцира дека за интервенција на полицијата е потребно доволно докази за комплетирање на делото.

-Некогаш нашите сознанија се поклопуваат со сознанијата на медиумите. Некогаш ние имаме повеќе информации, а некогаш медиумите се пред нас. Важно е да знаеме дека справувањето со овој проблем претставува заеднички интерес и затоа неопходно е да соработуваме. Во однос на Ваксинце, полицијата имаше одредени сознанија и пред истите да бидат објавени во странските медиуми, како што имаше и за други места. Впрочем кривичните пријави се процесуирани на целата територија. Сепак, нашето делување се разликува од работата на медиумите. Ние мора сериозно и темелно да ја анализираме и обсервираме секоја ситуација и потоа да делуваме заради обезбедување докази. Како и во сите досегашни случаи, така и во Ваксинце настапивме во моментот кога анализите ни покажаа дека ризикот е најмал, а ефектите најдобри, вели министерот за внатрешни работи во интервјуто за Прес24.

Според него, ниту еден од мигрантите кои беа пронајдени во ваксинце не бил предмет на малтретирање.

-Ниту едно од 128-те лица со кои е разговорено не посочија дека во Ваксинце биле спротивно на својата воља, дека биле малтретирани, уценувани или под каква било закана. Напротив, истите во разговор во полициска станица посочија дека таму стигнале по сопствена воља патувајќи главно од Грција кон север. Во објектот посочен од страна на странските новинари при извршените претреси не беа пронајдени илегални мигранти. Дали тие по објавувањето на сторијата ја очекувале полицијата и се сокриле или пак на новинарите не им била пренесена вистинската состојба не би можел да кажам. Факт е дека во истата куќа, колегите од граничната полиција влегувале и претходно, но никогаш не констатирале дека таму се држат лица како заложници, спротивно на нивната воља, вели Чавков во интервјуто, потенцирајќи дека од тоа што досега е потврдено е дека осомничените ги изнајмувале своите објекти по различни цени, во зависност од тоа за каков објект се работи. Цената во просек била 1500 евра месечно. Доколку, пак само ги прифаќале мигрантите им наплатувале по 5 до 10 евра за преноќување во објектите, без притоа да им биде понуден кревет. Само во некоја подрумска или таванска просторија понекогаш сместувале и повеќе од 10 лица. Тоа се стотина евра од ноќ кои противправно ги заработувале само од една просторија.

Во овој случај засега нема индиции за учество и на припандици на полицијата, како што некои емдиуми шпекулираат, но министерот тврди дека нема да има никаква толеранција ако се утврди дека некој припадник на МВР соработува со криумчарите.

-Ќе инсистирам на професионално и законско постапување од сите полициски нслужбеници и затоа би апелирал секоја информација за инволвираност во криминал на полициски службеници навремено да биде пријавувана, а исто така да бидат пријавувани и оние случаи кога полициски службеници постапуваат спротивно на правилата и процедурите или ги злоупотребуваат овластувањата несоодветно третирајќи ги илегалните мигранти, вели минстерот

Измените на законот за азил, според Чавков нема да го реши проблемот со мигрантите, но ќе овозможи полесна евиденицја и безбедност на мигрантите

-Дојдовме до заеднички заклучок дека во сегашната ситуација мигрантите криејќи се од полицијата и бегајќи од легалните премини ги ризикуваат сопствените животи, а полицијата нема никаков увид во состојбата. Ваквиот двојно негативен ефект, дополнително го стимулира и криминалот бидејќи мигрантите за помош се обраќаат и на лица кои сакаат да ги злоупотребат. Со решението кое го предлагаме, а кое не е ново во меѓународните искуства, се предвидува разграничување на најавата или намерата за барање азил и отпочнување на самата процедура, вели министерот за внатрешни работи

Чавков кој ја наследи Јанкуловска на министерската позиција, смета дека македонските полициски и судски власти можат професионално д аго затворат случајот Куманово. За најавите за наводна меѓународна истрага вели дека тоа никој не го бара, ниту пак има потреба од такво нешто.

-Случајот во Дива населба беше изолиран инцидент. Тоа не беше конфликт меѓу македонци и албанци или меѓу христијани и муслимани. Тоа беше конфликт на  полицијата која ги штити граѓаните и криминално-терористичка група која беше закана по безбедноста. Таа закана беше неутрализирана и елиминирана, вели Чавков, потенцирајќи дека и покрај информациите со кои располагаат за можни одмазднички акти на грабнување на полициски или други функционери за размена на притворените, нешто за што вели дека се смета за асиметрични закани кои постојат во секоја земја  и на кои МВР е подготвено соодветно да одговори, општата безбедносна во државата е стабилна.

ПРЕС24: Неполн месец сте на функцијата министер за внатрешни работи, првиот посериозен предизвик со кој се сочивте беше акцијата во Ваксинце за сузбивање на криминална група која кримчари мигранти. Какви се оценките за успешноста на оваа акција?

ЧАВКОВ:  Акцијата која ја спроведовме во Кумановското село Ваксинце е само еден од повеќето случаи на сузбивање на организирани криминални мрежи за криумчарење на мигранти и еден од клучните аспекти на напорите кои ги правиме на национално ниво како земја на транзит, за справување  со миграциските процеси.

Акцијата беше успешна, откриено е едно тригодишно дете, како и повеќе малолетни лица и жени меѓу 128-те мигранти во Ваксинце, но во исто време уште еднаш ни се потврди фактот, дека организирани криминални мрежи бескомпромисно ги искористуваат загрозените мигранти и човечките судбини, изложени на секакви предизвици во напорите  за влегување во некои од државите на Европската унија како крајна дестинација и дека сузбивањето на криминалните мрежи е само еден аспект во решавањето на глобалните миграциски процеси.

Територијата на република Македонија се користи како транзит, силен е и секојдневен е притисокот со кој се соочуваме од јужната граница со Република Грција. Стотици мигранти на дневна основа прават напори да ја поминат грчко-македонската граница, значи ни доаѓаат од држава членка на ЕУ и преку Република Македонија и  Србија, транзитираат низ Република Унгарија на патот на крајна дестинација. Значи ние сме на транзитната рута со уште две европски држави – членки на ЕУ.

Глбалната сиромаштија и конфликтите и понатаму ќе бидат причини и фактори кои ќе ги предизвикуваат миграциските процеси,  Република Македонија и понатаму ќе остане транзитно подрачје, од тука убеден сум дека покрај потребата од национален одговор во идентификувањето и сузбивањето на криминалните мрежи и управувањето и заштитата на оваа ранлива категорија, потребна е итна акција во рамките на Обединетите нации и Европската унија за да се изгради кохерентен и сеопфатен пристап  за справување со предизвиците кои произлегуваат од миграцијата.

ПРЕС24: Како и кога била формирана оваа група и на кој начин функционирала?

ЧАВКОВ: Не би сакал да откривам детали од истрагата од причина што постојат индиции за инволвиранос и на други лица кои се дел од поширока криминална мрежа. Тоа што досега е потврдено е дека осомничените ги изнајмувале своите објекти по различни цени, во зависност од тоа за каков објект се работи. Цената во просек била 1500 евра месечно. Доколку, пак само ги прифаќале мигрантите им наплатувале по 5 до 10 евра за преноќување во објектите, без притоа да им биде понуден кревет. Само во некоја подрумска или таванска просторија понекогаш сместувале и повеќе од 10 лица. Тоа се стотина евра од ноќ кои противправно ги заработувале само од една просторија.

Станува збор за огромни средства кои се заработуваат на товар на мигрантите кои во потрага по просперитетна иднина минуваат и низ нашата земја. Само во првите пет месеци од годинава, во однос на лани имаме двојно зголемување и на бројот на откриени дела „криумчарење мигранти“ и на бројот на откриени сторители. Меѓу сторителите има и странски државјани што ни дава за право да се сомневаме дека освен поединечни случаи, во кои индивидуалци се одлучуваат на своја рака да заработат врз туѓата несреќа, има и лица кои се дел од меѓународните канали за криумчарење на мигранти.

ПРЕС24: Веста за ваквата група пред акцијата се појави во странски медиуми. Домашната јавност немаше никаква инфомација за такво нешто. Имаше ли полцијата информации што точно се случувало во Ваксинце?

ЧАВКОВ: Полицијата има засилени активности подолг период наназад, значителен дел од нашите ресурси се вклучени во идентификување и сузбивање на лица и организирани криминални мрежи за кои миграциските процеси и тразитот низ Република Македонија претставуваат криминален пазар нудејќи недозволени услуги, при тоа злоупотребувајќи ги човечките судбини. Полицијата имаше информации и за Ваксинце, ако се сеќавате минатата година имавме слична состојба во село Лојане, медиумски беше експлоатиран случајот иако имавме претходно информации, нашата цел е да обезбедиме докази со кои осомничените би ги извеле пред надлежните Јавни Обвинители. Заклучно со мај имаме документирано 59 дела криумчарење на мигранти во кои се пријавени над 80 сторители. Тоа се повеќе од два случаја неделно со три осомничени лица. Некогаш нашите сознанија се поклопуваат со сознанијата на медиумите. Некогаш ние имаме повеќе информации, а некогаш медиумите се пред нас. Важно е да знаеме дека справувањето со овој проблем претставува заеднички интерес и затоа неопходно е да соработуваме. Во однос на Ваксинце, полицијата имаше одредени сознанија и пред истите да бидат објавени во странските медиуми, како што имаше и за други места. Впрочем кривичните пријави се процесуирани на целата територија. Сепак, нашето делување се разликува од работата на медиумите. Ние мора сериозно и темелно да ја анализираме и обсервираме секоја ситуација и потоа да делуваме заради обезбедување докази. Како и во сите досегашни случаи, така и во Ваксинце настапивме во моментот кога анализите ни покажаа дека ризикот е најмал, а ефектите најдобри.

ПРЕС24: Зошто оваа група држела во заложништво бегалци од Блискиот исток?

ЧАВКОВ: Ниту едно од 128-те лица со кои е разговорено не посочија дека во Ваксинце биле спротивно на својата воља, дека биле малтретирани, уценувани или под каква било закана. Напротив, истите во разговор во полициска станица посочија дека таму стигнале по сопствена воља патувајќи главно од Грција кон север. Во објектот посочен од страна на странските новинари при извршените претреси не беа пронајдени илегални мигранти. Дали тие по објавувањето на сторијата ја очекувале полицијата и се сокриле или пак на новинарите не им била пренесена вистинската состојба не би можел да кажам. Факт е дека во истата куќа, колегите од граничната полиција влегувале и претходно, но никогаш не констатирале дека таму се држат лица како заложници, спротивно на нивната воља.

Токму затоа сакам уште еднаш да ја потенцирам важноста од соработката со медиумите. Секоја навремена и точна информација нам може да ни биде од огромно значење и може да помогне во спасување човечки животи.

ПРЕС24: Има ли вмешаност на лица од полицијата во овој случај?

ЧАВКОВ: Во конкретниот случај немаме сознанија дека некој припадник на полицијата бил инволвиран, но доколку со натамошната истрага се покаже дека има некаква одговорност, кој и да е ќе одговара. Се обрзавме на нулта толеранција кон криминалот и корупцијата и продолжуваме во тој правец, почнувајќи од сопствените редови. Во сите пријави поднесени годинава, утврдена е одговорност за криумчарење мигранти кај еден полициски службеник против кого веќе е поднесена пријава. Ќе инсистирам на професионално и законско постапување од сите полициски нслужбеници и затоа би апелирал секоја информација за инволвираност во криминал на полициски службеници навремено да биде пријавувана, а исто така да бидат пријавувани и оние случаи кога полициски службеници постапуваат спротивно на правилата и процедурите или ги злоупотребуваат овластувањата несоодветно третирајќи ги илегалните мигранти.

ПРЕС24: Мигрантите кои доаѓаат од блискиот исток стануваат се посериозен проблем. Кои мерки се преземаат и впрочем, можно ли е целосно спречување на нивен влез и транзит во Македонија?

ЧАВКОВ: Веднаш ќе кажам дека не е можно целосно спречување на влез и транзит  на мигрантите низ Република  Македонија. Онаа што е потребно во нашата држава е да  продолжиме со напорите за партнерски пристап помеѓу државниот и невладиниот сектор во управувањето со овие процеси кои се вонредни, притоа покрај сузбивањето на криминалните мрежи да обезбедиме безбеден транзит и престој на мигрантите. Од исклучителна важност е и соработката со меѓународните организации кои се вклучени во решавањето на проблемите поврзани со миграциските процеси.

Наша одговорност е да ги засилиме мерките и на граничните премини и на зелениот појас, односно пограничната линија, како и во внатрешноста на територијата. Тоа веќе го направивме и постапуваме според плановите. Наша одговорност е да изготвиме и соодветни анализи и да предложиме превентивни мерки кои би делувале во насока на смирување на состојбата и ризиците.

Во правец на зајакнување на нашите капацитети за соодветно справување со тој глобален и светски феномен, предложивме измени во Законот за азил и привремена заштита. Веруваме дека со неговото донесување ние ќе добиеме многу подобри алатки за контрола на ситуацијата, а илегалните мигранти ќе добијат соодветен статус и со тоа ќе превенираме мигрантите да не бидат принудени да плаќат за незаконски услуги на криминалци или криминални банди.

ПРЕС24: Има ли оперативна бројка колку мигранти поминуваат, а колку останувата во Македонија?

ЧАВКОВ: Нашите припадници на граничната полиција секојдневно попречуваат стотици мигранти во обидите илегално да влезат на наша територија враќајќи ги назад во Грција. Според нашите информации илјадници миграни зад јужната граница прават напори да го продолжат патот до нивната крајна дестинација. Тоа се  загрижувачки податоци и затоа не би излегол со конкретни бројки, а бројот на откриените мигранти во внатрешноста воопшто не ја одразува реалноста и алармантноста на миграциските движења.

ПРЕС24: Каква е соработката со останатите соседни држави. Сепак една поголема заедничка координација е неопходна за созбивање на нелегалниот трензит на мигранти?

ЧАВКОВ: За нас како Министерство за внатрешни работи, императив за успешна борба против криумчарењето со мигранти како и за останатите видови на транснационален и организиран криминал е меѓународната полициска соработка. Соработуваме ефективно и учествуваме во многу меѓународни полициски иницијативи и заеднички истраги, соработката со колегите од Грција мора да се подобрува со заеднички иницијативи и билатерално и во рамките на меѓународните организации.

ПРЕС24: Зошто овие мигранти ја избираат Македонија како траекторија за транзит, а не да речеме Бугарија или Албанија? Дали можеби е причина недоволна обзбеднеост на граничните премнини?

ЧАВКОВ: Македонија е само една од земјите кои се наоѓаат на таканаречената Балканска рута. Со ист проблем се соочуваат Грција, Србија, Бугарија, Унгарија, Романија и Црна Гора. Нема земја која не го чувствува овој проблем. Факт е дека истиот е понов за нас бидејќи со почетокот на економската криза се намали абсорбциониот капацитет на Грција која е прва на удар. Мигрантите таму веќе не гледаат економски просперитет и одлучуваат веднаш да заминат. Кај нас проблемот доаѓа од Грција и истиот може да се амортизира  само преку заеднички меѓународен пристап. Македонија не е ниту прва, ниту крајна дестинација.

ПРЕС24: Изминативе месеци беа регистрирани многу смртни случаи во трагични несреќи. Што е со телата на овие лица. Дали се идентификувани, и дали некој од новни роднини стапил во контакт со Македонија?

ЧАВКОВ: По сите случаи беше постапено од страна на полицијата согласно овластувањата кои ги има. Идентификацијата, како и евентуалната обдукција кои се дел од истрагите согласно новиот Закон за кривична постапка се во надлежност на Јавното обвинителство и не би сакал да говорам околу процедурите кои се во нивна надлежност.

ПРЕС24: Во собраниска процедура се законски измени за мигрантите, мислите ли дека тоа ќе помогне да се има некаква појасна контрола на вакви случаи?

ЧАВКОВ: Ние сериозно пристапивме на проблемот од повеќе аспекти. Еден од тие беше и изготвување на анализа за подобрување на состојбите во соработка со нашите партнери. Дојдовме до заеднички заклучок дека во сегашната ситуација мигрантите криејќи се од полицијата и бегајќи од легалните премини ги ризикуваат сопствените животи, а полицијата нема никаков увид во состојбата. Ваквиот двојно негативен ефект, дополнително го стимулира и криминалот бидејќи мигрантите за помош се обраќаат и на лица кои сакаат да ги злоупотребат. Со решението кое го предлагаме, а кое не е ново во меѓународните искуства, се предвидува разграничување на најавата или намерата за барање азил и отпочнување на самата процедура. Со воведување на намерата, која ќе може да биде изразена и на самиот граничен премин, мигрантите ќе добијат соодветен документ и обврска да поднесат барање за азил во рок од 72 часа. Тоа значи дека истите нема да мора да бегаат, да се кријат и да ризикуваат. Ќе може слободно да се движат и да си купат карта во јавниот превоз. Од една страна мигрантите ќе ги насочиме на легалните премини со што ќе бидат побезбедни, а од друга страна полицијата ќе добие подобра евиденција и подобар увид во тоа кој се влегува во земјава.

ПРЕС24: Внатрешната контрола на МВР излезе со извештај за полицикста акција во Куманово. Заклучокот е дека акцијата била оправдана, а односот кон приведените на високо професионално ниво. Сепак во јавноста се уште се присутни шпекулации во насока на дневна политика. За време на акцијата бевте прв човек на бирото за јавна безбедност, денеска сте министер. Кој е Вашиот коментар на ваквите коментари во улога на дневно политички препукивања за оваа акција?

ЧАВКОВ: Во Куманово спроведовме легитимна акција за елиминирање на вооружена криминално-терористичка група, која според сознанијата имала за цел да предизвика десабилизација во Република Македонија. Силите, средствата и активностите беа неопходни и пропорционални на заканата која претставуваше наведената група. Нашата стратешка и оперативна цел беше неутрализирање на заканите, заштита на цивилното население и изведување пред суд на членовите на криминалнотерористичката група.

Коментари имало и ќе има. Во тоа нема ништо лошо доколку тие имаат цел да се разоткрие вистината. За жал не секогаш сите коментари се добронамерни и имаат цел да расветлат некои дилеми. Тоа го видовме по којзнае кој пат и повторно од исти извори и медиуми. Уште првиот ден, во текот на акцијата беше објавено дека загинале мајка со дете и ред други невистини. Изворот на информацијата не се именуваше, а истите медиуми ја преземаа веста еден од друг, се цитираа и ја ширеа. Нашиот одговор беше дека немаме сознанија кои би ја потврдиле ваквата информација. Не сакам да шпекулирам за мотивите од кои се раководеа при објавуавањетона невистини, но сакам да подвлечам дека во таква ситуација, објавувањето на такви вести е опасна игра која може да предизвика страшни и несогледиви поиследици за нашата мултиетничка и мултикултурна заедница. Едноставно, таквиот пристап оди во прилог на оние кои не и мислат добро на Република Македонија. Јас се уште не можам да си објаснам зошто лидерот на опозицијата наместо да ги посети нашите херои, полицајците кои учествуваа во акцијата, отиде во Дива населба да си направи „селфи“ и да изрази сочуство за жртвите. Дали сето ова беше поврзано и инспирирано од едни исти ликови не може да се каже во моментов, но факт е дека не е прв пат истите медиуми и истите ликови да излегуваат со исти тези на штета на државата. За нивното однесување, за намерите да ја девалвираат и компромитираат акцијата од една страна и од друга страна за легитимноста на акцијата и за херојскиот однос на припадниците на полицијата, народот ќе сведочи.

ПРЕС24: Се навестува наводна меѓунардона истрага за овој случај, дали досега до МВР е пристигнато какво било барање на такво нешто?

ЧАВКОВ: До МВР нема пристигнато такво барање, ниту пак има причина за тоа. Истрагата сега е во рацете на надлежниот Јавен Обвинител. Доколку и има такво барање треба да биде адресирано таму. Мојот личен став е дека Јавното Обвинителство, како и судот имаат капацитет до крај да го изнесат овој случај. Станува збор за професионалци кои знаат да си ја вршат работата, постапуваат во интерес на граѓаните и државата и не треба да бидат потценети.

ПРЕС24: Каква е сега безбедносната состојба во државата?

ЧАВКОВ: Случајот во Дива населба беше изолиран инцидент. Тоа не беше конфликт меѓу македонци и албанци или меѓу христијани и муслимани. Тоа беше конфликт на  полицијата која ги штити граѓаните и криминално-терористичка група која беше закана по безбедноста. Таа закана беше неутрализирана и елиминирана. Не смее да се занемари и фактот дека групата не доби поддршка од населението. Стануваше збор за најопасната група или една од најопасните во регионот. Позната по брутлност, убиства, грабнувања, закани, уцени, разбојништва и други тешки кривични дела. Знаеме дека групата и особено нејзините лидери имаат и други поддржувачи. Имаме информации дека е можно да има одмазднички акти на грабнување на полициски или други функционери за размена на притворените, но тоа се асиметрични закани кои постојат во секоја земја на кои сме подготвени соодветно да одговориме. Општата безбедносна состојба е стабилна.

ПРЕС24: Многу изјави од политичари и од безбедносни експерти од соседните држави укажуваат на можно нарушување на безбеносната состојба во регионот. Има ли опасност од такво нешто?

ЧАВКОВ: Нема регион во светот кој е имун на опасности и кој е исклучен од какви било ризици. Република македонија е дел од глобалната коалиција за мир и активно учествува во борбата против теоризмот на светско ниво. Тоа значи дека со нашите партнери ги делиме и ризиците од заканите. Изминативе години видовме дека и Франција и Британија и Шпанија и САД беа мета на терористички напади. Оттаму, несериозно би било да се очекува дека регионот би можел да биде изолиран во однос на заканите. Напротив, сведоци сме на повиците на Исламса држава за напади и убиства на неистомисленици. Сите овие информации мора да се сфатат и третираат крајно сериозно за да бидеме подготвени за навремена и соодветна реакција доколку е потребна.

ПРЕС24: Петтата управа беше и се уште е во фокусот на јавноста поради аферите Прислушување и Пуч. Тие покажаа порозност на безбедносниот систем. Се анализираат ли состојбите и треба ли да се очекува некакви реформи во насока на зајакнување на превенцијата од вакви злоупотреби?

ЧАВКОВ: Реформи ќе има секако, тоа е всушност и континуиран процес. За разлика од 2001 година кога аферата отворена од Црвенковски остана нерасчистена, сега државата и службите покажаа капацитет и воља целосно да го документираат случајот. Точно и со докази се лоцираа виновниците. Едниот и ја призна одговорноста и посочи по чија насока работел, како го вршел следењето на комуникациите, кому ги давал незаконски прибавените материјали и зошто. Против останатите инволвирани во случајот „Пуч“ беа поднесени сериозни кривични пријави поткрепени со бројни докази. Тоа покажува колку сме созреале и како држава и како служба. Сепак казните за одговорните за скандалозното и незаконско следење на комуникациите мора да бидат само прв чекор кон натамошна професионализација. Не дозволиво е истиот скандал, по исто сценарио да ни се повтори и да ја обремени и врати назад државата и после 14 години. Казните за одговорните ќе делуваат превентивно и едукативно, но мора да се пристапи и системски и да се превенира каква било можност за злоупотреби во иднина.

ПРЕС24: Безбедноста во сообраќајот е тема која и покрај серијата кампањи, повторно се враќа на насловните страници во медиумите. Очигледно е дека кампањите тешко ја будат совеста кај пред се младите возачи. Статистиката бележи и пораст на несреќите, но и зголемување на бројот на жртви. Размислувате ли за некоја друга форма на превенција?

 

ЧАВКОВ: Статистиките годинава покажуваат намалување на бројот на сообраќајни несреќи и настрадани лица во однос на минатата, а минатата година беше многу подобра од 2013 која пак после неколкугодишен надолен тренд на бројот на потешки сообраќајни несречи се покажа како најкатастрофална. Би сакал да верувам дека подобрувањето на состојбите во сообраќајот овие две години се должи токму на превенцијата и на кампањите, но тоа не би било реално. Уште е прерано да констатираме дека станува збор за некаков тренд, а со оглед на тоа далеку сме и од констатирањето на причините за ваквиот тренд. Тоа што може да го констатираме од искуство е дека е потребен интердисциплинарен пристап. Колку што е потребна превенција, толку е неопходна и репресија односно засилено присуство, акциски контроли и санкции. Колку што е потребна пракста при изготвување на мерките, толку е важна и теоријата односно научниот пристап. Подеднакво е важно да се обрнува внимание и на старите и искусни возачи, но и на младите, а особено на оние кои допрвин се подготвуваат да станат возачи. Подеднакво важна е исправноста на автомобилите, како и состојбата на патиштата. Не може да се одвои ниту законската регулатива, како што не може да го занемариме и факторот човек или време. Сообраќајот е комплексна појава, не засега сите нас и затоа мора да биде соодветно третиран.

 

 

Оцени ја веста

17.06.2015 - 14:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега