Јанкулоска: Државата неселективно се бори против криминалот и корупцијата

 

Борбата против криминалот и корупцијата што ја води државата е и останува неселективна. Секој, за кој се обезбедени докази, е повикан на одговорност, така ќе биде и во иднина, рече денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

- Беким Фазлиу од ДПА, со поставувањето на пратеничкото прашање, и покрај желбата да дискфалификува, само потврди дека МВР не прави компромис кога станува збор за евентуално прекршување на законите, потенцира Јанкулоска. 

Осврнувајќи се на случајот со клубот „Шери“ во Градскиот парк, за кој Фазлиу обвини дека се уште не е разрешен, а во кој, како што нагласи, е инволвиран и министерот за правда Блерим Беџети, Јанкулоска изнесе детално образложение. 

- МВР во соработка со надлежните инспекции на 21 јуни, околу 02 часот наутро, изврши детална, координирана акција. За утврдените неправилности се преземени соодветни мерки, изречена е глоба од 3.250 евра, поднесени се пријави за несоодветното работење, клубот е времено затворен. Соодветно е постапено и со лицата кај кои не се пронајдени документи за идентификација, со малолетниците кои пиеле алкохол, со обезбедувањето кое немало документ како потврда дека е за тоа ангажирано, со лицето кај кое е пронајдено оружје без дозвола,..., информира министерката.

Таа напомена дека деталите од контролата не може и не смее да биде предмет на политичка пресметка. 

- Случајот е целосно расветлен, сите шпекулации и политички обвинувања нема да ги коментирам зашто тоа е надвор од надлежноста на МВР, подвлече Јанкулоска.

За прашањето зошто се уште се слободни фалсификаторите на локалните избори во општина Чаир, министерката  му сугерираше на Фазлиу одговорот да го побара од собраниските служби. 

- Ова прашање е веќе одговорено во Собранието. Целосно го прифаќам одговорот даден на минатата седница, не би додала ништо. Ако пратеникот тогаш не внимавал, бил отсутен или надвор од салата, преку собраниските служби може да го добие стенограмот, истакна министерката Јанкулоска.

Пратеникот од ДПА Фазлиу пред поставувањето на прашањата изнесе низа обвинувања и критики до ДУИ. - Кражбата е главна карактеристика на политичарите од оваа партија, почнувајќи од големи финансиски злоупотреби, до крадење дрва во училиштата што е апсолутно незамисливо, рече Фазлиу, конкретно етикетирајќи, со имиња и презимиња, актуелни и поранешни пратеници, министри и други вршители на јавни функции за сторен криминал. 

најчитано сега