"Македонија има нешта што ги нема во ниедна друга земја" - холандски тур-оператори во посета на земјава
Македонија е земја со речиси 300 сончеви денови во годината, природата е тука прекрасна, но сепак она што најмногу им се допаѓа на сите оние што веќе биле тука се луѓето. Нивното гостопримство е особено изразено кон холандските туристи, кои Македонците ги сметаат за пријатели. Се надевам дека за овие три дена ќе ги почувствувате тие емоции. Македонија е мошне лесно да се засака, а тешко да се напушти, им порача амбасадорката на Кралството Холандија Мариет Шурман на стотината претставници на туристички организации и тур-оператори од Холандија кои денеска пристигнаа во Охрид.
Шурман на туристичките работници од Холандија, предводени од главниот извршен директор на тур-операторот „ТУИ“ Стефан Ван дер Хајден им порача да уживаат во престојот во Македонија, но и да ги искористат контактите што ќе ги реализираат тука за да инвестираат и да ги пронајдат шансите за соработка со локалната бизнис-заедница.
- Повеќето од нас првпат се тука, можеби има неколкумина од оние кои биле тука во 70 и 80-те години на минатиот век, но со оглед на тоа како е оваа посета осмислена и испланирана од нашите соработници во Македонија, секако и поддржана од локалната самоуправа, ценам дека посетата ветува. Не верувам дека било кој од нас бил пречекан на аеродромска писта со пенливо вино. Доколку тоа е Македонија слободно ќе кажам дека веќе ми се допаѓа, рече Ван дер Хејден.
- Продажбата оди мошне добро оваа година. Веќе закупивме нови сместувачки капацитети во Охрид за 2013, но она мошне е интересно што постои голем интерес кај холандските туристи за кружните тури низ Македонија. Тие се подготвени да одвојат време од својот одмор за да посетат што повеќе од културно-историските знаменитости на Македонија. За импресиите на оние гости кои веќе биле во Македонија, тој рече дека речиси сите се со позитивни впечатоци, дури и да не може да се најде некој што има какви било забелешки. На нашите туристи кои доаѓаат тука, како што додаде, не им се од примарна важност сместувачките капацитети. - Нив им е важен софтверот, не хардверот. Хотели, базени, бетонски зданија има и во Шпанија, Турција, Грција, нашите гости сакаат да се дружат со локалното население домаќините, тука можат да се сретнат некои работи што ги нема во другите земји, истакна Крајненс.
Веќе три сезони туристите од Холандија и земјите на Бенелукс се најбројните странски туристи што организирано летуваат во Охрид и Македонија. Првата група холандски гости оваа сезона во Охрид и Струга допатуваа на 26 април, а последната тура туристи ќе си замине за Холандија на 13 октомври.