Лани насилно умреле 584 лица во Македонија

 

Државниот завод за статистика објави дека минатата година во Македонија од насилна смрт починале 584 лица. Во однос на 2011 година бројката е зголемена за 10,8 проценти.

Починатите лица од насилна смрт во вкупниот морталитет учествуваат со 2,9 проценти. Во структурата на умрените од насилна смрт според полот, и во 2012 година, како и во претходните години, поголемо учество имаат машките лица, со 72,8 проценти.

Според статистика, во вкупниот број случаи на насилна смрт, најголемо учество имаат „несреќните случаи“ со 64,7 проценти, „самоубиствата“ со 29,5 проценти и „убиствата“ со 5,8 проценти.

Во категоријата „несреќните случаи“ на прво место се умрените лица од „други надворешни причини за случајна повреда“ со учество од 28,9 проценти во однос на вкупната насилна смрт. На второ место се починатите во „транспортни несреќи“ со 17,3 проценти во однос на вкупно починатите од насилната смрт, а на трето место се лицата што ги загубиле животите од „други несреќи при сувоземен транспорт“ со застапеност од 12,5 проценти.

Кај категоријата „самоубиства“ на прво место се случаите кај кои што смртта настапила поради „бесење странгулација и суфокација“ со учество од 15,9 проценти, а кај категоријата „убиства“ најголемо учество се случаите од „oбид за нанесување телесна повреда со истрел од друго и од неозначено огнено оружје“ со 2,6 проценти во однос на вкупниот број случаи од насилна смрт.

најчитано сега