МОЛК ОД СДСМ: Никој не ги демантираше тезите на Заев за федерализација на државата и откажување од идентитетските позиции

 

Опасните тези кои лидерот на македонската опозиција Зоран Заев ги изнесе во интервју за косовската телевизија, каде зборуваше и даваше идеи и ставови за федерализација на земјата и за откажување од идентитетските позиции во разговорите со Грција, досега не се демантирани од никој од раководството на најголемата опозициска партија.

Првиот човек на СДСМ деновиве ја фрапираше јавноста со изјавата дадена во интервју за косовската телевизија РТК во емисијата „Јета не Косове“ дека е потребна федерализација на Македонија и откажување од идентитетските прашања.

Заев во интервјуто говореше за некакво продлабочување на Охридскиот рамковен договор, а имајќи во предвид дека Охридскиот договор е исполнет во целост, експертите сметаат дека се подразбира дека ова е всушност понуда за федерализација, затоа што повеќе од Охридскиот договор е само федерализација каде по етничка основа би се протежирало бинационална држава.

-Јас се плашам затоа што многу граѓани се уште зборуваат за Охридскиот Рамковен договор, ние мора да зборуваме за нашите заеднички проблеми, да одиме понатаму од Охридскиот договор, затоа што сега е време и сме подготвени да бидеме еднакви и да зборуваме за заеднички цели, затоа што тоа ќе се исполни како политичко барање на албанската заедница, вели Заев.

Лидерот на СДСМ додава дека сите мора да имаат еднакви права и потенцира за  „неискрено однесување на оваа Влада и претходните Влади во однос на исполнувањето на Охридскиот рамковен договор“.

- За мојата партија со нашата програма ние мора да го смениме тоа. Како ќе изгледа, како ли ќе изгледа промената во иднина. Во нашата земја е една држава со две општества, на Македонците и на Албанците. Ние треба да изградиме една држава со едно општество, вели Заев. 

Ова опасно барање на Заев практично значи уставно и правно рекомпонирање на државата. Во истото интервју на косовската телевизија Заев изнесе и тврдење дека мултикултурализмот треба да се внесе во преговорите за името и дека треба задолжително да се изучува албанскиот јазик уште од градинките.

-Зошто ќерка ми на пример да учи турски? Ќе учи албански? За да го користи, ние сме заедно во ова општество.  Вклучување во секојдневните активности, не само во јавната администрација. Сите мора да имаат еднакви и фер шанси во иднина. Нашите црвени линии се да не дозволиме да ни ги допрат нашите особености како нација, држава, заедно со нашата посебност во однос на културата, мултиетничките разлики, рече Заев.

Црвенковски и цел СДСМ молчат и преќутуваат за ваквото барање на Заев

Ваквите опасни тези на лидерот на најголемата опозициска партија во кои преовладуваат ставови за федерализација на земјата и за откажување од идентитетските позиции во разговорите со Грција досега не беа демантирани од ниту од еден од раководството на СДСМ.

За разлика од интервјуто на Заев за германски „Ди цајт“ каде тврди дека осудените за случајот „Монструм“ биле невини, за веднаш потоа тој и неговата партија да излезат со демант до македонските медиуми, но не и до германскиот весник чиј новинар тврди дека ниу еден збор на Заев не е погрешно пренесен, социјалдемократите молчат за опасните тези на Заев искажани на косовската телевизија за федерализација на Македонија.

За ваквите тврдења на Заев молчи и неговиот ментор Бранко Црвенковски, кој изминатиов период му даде поддршка на Заев во спроведување на неговото мрачно сценарио за дестабилизација на државата. Црвенковски досега не излезе во јавноста со став за тоа дали е потребна федерализација на државата и откажување од идентитетските прашања во разговорите со јужниот сосед, како што тврди Заев за косовската телевизија.

Црвенковски како поранешен петседател на државата, но и на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, молчи и преќутува за ваквото барање на Заев, кое граѓаните и експертите го оценија како тешка политичка грешка, која е штетна за државата и нејзиниот развој, но и штетна за политичката кариера на самиот Заев.

Покрај Црвенковски, за антимакедонските и антинаицонални ставови на Заев молчат и оние кои во јавноста важат за крило на Црвенковски во партијата од минатото раководство на СДСМ. „Курир“ се обиде да побара став од поранешната шефица на Кабинетот на Црвенковски, Наташа Савова за изјавите на Заев на косовската телевизија, но добивме само краток одговор, “не сакам да коментирам“.

Иако се обидовме да побараме став, на нашите повици не се одзва поранешниот пратеник на СДСМ Јани Макрадули, како и поранешниот пратеник и портпарол на партијата, Емилијан Станковиќ. Дополнително, тезите на Заев досега не беа демантирани од ниту од еден од актуелното раководство на СДСМ.

 

 

Оцени ја веста

29.05.2015 - 20:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега