Никола Груевски: Иднината на Македонија е во НАТО и ЕУ

 

Press24: Се вративте од Ватикан, каде за прв патсе сретнавте со новиот Папа. Какви се Вашите впечатоци од средбата?

Груевски: Се вратив со позитивни впечатоци. Папата е човек кој добро ја познава Македонија, како земја со која Ватикан има традиционално одлични односи. Го поканив да ја посети Македонија, што секако би  дало нов позитивен импулс на нашите односи. Од неговата посета на Албанија, и најавената на БиХ, се гледа дека тој сака да посетува и помали држави, а не само големите. Исто така и од средбата со државниот секретар, кој е ранг на Премиер на Ватикан, излегов со многу позитивни впечатоци.

Press24: Претходно имавте обраќање пред пратеничката група на ЕНП во европскиот парламент .Се сретнавте и со неколку пратеници, со генералниот секретар на ЕНП, со комесарот Хан и тројцата европратеници кои се олеснувачи во спорот со СДСМ. Што разговаравте?

Груевски: Моето обраќање пред пратеничката група на ЕНП и одговарањето на низа прашања на членовите на европскиот парламент од оваа најмоќна политичка групација каде припаѓа и ВМРО-ДПМНЕ, беше добра можност да ја преставам Македонија, нејзините стратешки правци, предизвици, и се разбира актуелните проблеми. Имаше огромен интерес и многу прашања, на кои прецизно одговорив. За нив беше одлична можност да се информираат за многу работи, и особено за нашите ставови по многу настани и случувања. За мене исто така беше одлична можност да информирам и пренесам се што е значајно и е интерес на Македонија. Иако Македонија се соочува со криза, сепак да не заборавиме дека 2 години по ред е земја со втор највисок раст на економијата во Европа, а европската комисија пред еден месец објави прогноза дека во 2015та и 2016та  се очекува токму Македонија да има највисок раст на економијата во цела Европа.

Средбата со комесарот Хан и со тројцата европратеници олеснувачи, беше посветена на решавањето на актуелната политичка криза во земјата. Можам да кажам дека тие вложија многу напори и време да ни помогнат, што секако треба да се почитува. Тие разговори ќе продолжат, и ова само укажува дека Македонија има пријатели кои и во кризно време сакаат да помогнат. 

Press24: Во последно време се јави сомнеж за европската и евроатлантската интеграција на Македонија. Дури некои аналитичари отидоа и дотаму дека Владата го сменила својот стратешки курс од ЕУ и НАТО кон Русија. Руски знамиња и маици со Путин имаше на вашиот митинг. Русија отворено говори за поминување на турскиот тек низ Македонија на кој се противи западот, а Лавров даде дузина изјави за Македонија, обвинувајќи ги САД дека стојат зад кумановските настани. Вие не се изјаснивте за ова. Кој  е Вашиот коментар за овие случувања?

Груевски:  -Не е точно дека не сум се изјаснил. Напротив. Тоа го сторив и на митингот на ВМРО-ДПМНЕ неодамна кога пред 100 илјади граѓани и стотици медиумски претставници од Македонија и светот, многу јасно кажав дека иднината на Македонија е во НАТО и ЕУ. Патем речено тоа го имаме демонстрирано и преку бројните наши учества во НАТО и ЕУ мисиите, како што се мисиите во Авганистан, Ирак, БиХ итн. Значи,ниту  јас ниту владата  немаме дилеми по ова прашање.  

За жал блокадата која ја имаме овие 6-7 години за членството во НАТО и почнувањето на преговорите за членство во ЕУ, мислам дека ни направи голема штета на секаков план.

Press24: Од каде тогаш руски знамиња и маици со Путин на вашиот митинг?

Груевски: Станува збор за работи што ги направиле некои индивидуалци. Ги видов сликите и од она што го забележав станува збор за неколку, можеби 2-3 такви случаи. Но ставот на партијата, и стратешката ориентација на државата не се рефлектира преку тоа каква маица ќе облече некој од 100те илјади граѓани дојдени на митинг, туку преку пораките кои јавно, јасно и недвосмислено ги испраќа од тој настан претседателот на таа партија преку јавен настап и говор. На крајот на краиштата маица или знаме може секој секаде да облече или уфрли. Живееме во демократија и не можеме да им забраниме на луѓето што да облечат или кого  да симпатизираат. Сепак, сосема друга работа е стратешката определба.

Press24: Дали вие сметате дека САД, или Германија, Франција или Британија стојат за кумановските настани?

Груевски: За да сметам такво нешто треба да имаме  елементарни докази или барем индиции. Ние  такво нешто немаме. Досега немаме податок дека некоја држава, или нејзина разузнавачка служба, вклучувајќи ги и гореспоменатите, дала логистика или на било кој начин  ја поттикнало криминално терористичката група да го стори делото.

А впрочем и не гледам зошто токму држави кои толку многу инвестирале досега во стабилноста и развојот на Македонија би помислиле да ја дестабилизираат истата.

Press24: Се шпекулира дека и зад снимените телефонски разговори стои  завера од некои од овие сили? Кој е вашиот став за ова?

Груевски: Во денешно време на огромен технолошки напредок на најголемите суперсили во светот во разузнавачко безбедносната и телекомуникациска сфера, меѓу кои ги вбројувам и овие 4 земји, мислам дека не им е потребнa осомничената агентурна мрежа во Македонија,  доколку одлучат да дојдат до таков вид материјали. Оттука, нема логика тие да стојат како организатори на овој процес. Не е добро со леснотија и без докази да се шпекулира и да се набедуваат наши сојузници. Јас не се согласувам со тоа.

Press24: Дали ова значи дека се повлекувате од тезата дека странска служба стои зад ова сценарио?

Груевски: Не. Таа теза е базирана на три нешта. Прво, дека самиот Заев ми кажа и пет пати ми повтори дека странска разузнавачка служба го снабдила со материјалот. Второ, во самите компјутери на првоосомничениот најдени се транскрипти од телефонски разговори на политичари преведени на англиски јазик кој се користи во меѓународна комуникација и помеѓу држави каде англискиот не е официјален јазик, очигледно наменети за странци. И трето, во исказите двајцата  од осомничените,а едниот од нив и со судска пресуда, се кажува дека самиот Верушевски им говорел дека материјалите кои тие илегално ги снимале, за што признаа дека примале и парична надокнада, се наменети за странска разузнавачка служба. Тоа се искази на неговите соработници.

Press24: Во овој корпус на прашања неизбежно е и прашањето за гасоводот турски тек. Која е позицијата на Македонија за овој проект?

Груевски:  Нашиот став по овој проект е дека кога Брисел и Москва ќе постигнат договор за овој  проект, ние би се вклучиле во него. Ние сме земја која е насочена кон евроатланската заедница, и при носење на одлуки од стратешко значење се водиме од оваа цел.

Press24: А кои се другите планови на владата за донесување гас?

Груевски: Прво, ние го немаме искористено ни половина од сегашниот капацитет на користење гас од она што сега го имаме, и се уште нема да го искористиме откако ќе ја завршиме целата гасификација во земјата. Значи на краток рок од 10тина години немаме некој сериозен проблем. Најголем проблем е високата цена на гасот, која ја наследивме од минатото, а која руската страна ја објаснува со ниските количини на користење на гас. Имено, во формирањето на цената на гасот, клучна улога игра количината. Ако набавувате помала количина, цената е повисока, и обратно.

Сепак, за долгорочна енергетска сигурност или градење на гасни електрани, потребен е нов дотур на гас. Оттука, како што и неколкупати јавно изјавив, ориентирани сме кон три извори. Два од нив се преку градба на гасоводна цевка кон Грција каде би се приклучиле на нивниот гасовод, од каде би се поврзале со атинското пристаниште каде има дотур на течен гас, и на гасоводот ТАП, кој треба да почне да се гради од Азербејџан. За ова Грција лани објави дека дава согласност и работиме на креирање финансиска конструкција и други подготовки. Третиот извор е спојување со интерконективниот гасовод во Бугарија, кој е помеѓу Романија, Бугарија и Турција. За овој приклучок имаме начелна согласност од Бугарија, и се надеваме наскоро за ова да се потпише и меѓудржавен договор по што веднаш би тргнале во подготовки за инвестиција.

Press24: Има ли поместувања нa планот на решавање на спорот со Грција?

Груевски: За жал во овој момент Грција е целосно фокусирана на нивниот финансиски проблем во земјата. Се надевам дека по неговото надминување, односно по надминувањето на неговата критична фаза,  ќе се фокусира и на овој проблем чие решавање е од интерес на двете страни.

Во меѓувреме се работи на креирање  мерки кои би изградиле одредено ниво на доверба помеѓу земјите, и кои би помогнале во надминување на некои други прашања од различни сфери.

Македонија неправедно е долг период надвор од НАТО. Ако не беше овој спор, одамна ќе бевме членки на НАТО, а веројатно, не само што ќе ги имавме започнато, туку мислам и дека ќе ги имавме завршено преговорите за членство во ЕУ, што на многу настани во земјата и во регионот ќе им дадеше поинаков тек.

Press24: Какви се моменталните односи со Бугарија?

Груевски:  Во тек се разговори на работните групи на министерствата за надворешни работи околу договорот за добрососедство. Штом тие завршат, би се пристапило кон негово потпишување, што се надевам ќе даде нов импулс меѓу државите.

Press24: Премиерот Рама неодамна изјави дека Македонија не може да стане дел од НАТО без целосно да го имплементира Охридскиот договор, дали тоа може да се одрази врз интеграциите?

Груевски: Интерес на граѓаните на Македонија и на Албанија е најбрзо интегрирање на двете земји во ЕУ и наше интегрирање во НАТО, каде што Албанија е веќе член. На ова треба заедно да работиме и да се подржуваме, а во интерес на безбедноста и напредокот на регионот и на граѓаните на двете земји. Треба силите и енергијата да ги концентрираме на тоа поле и на тој пат.

 

 

Оцени ја веста

26.05.2015 - 17:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега