Енергија што ја полни душата

 

Величествен, достоинствен, моќен и собир со вистинска патриотска енергија. Така сублимирано го доживеав сенародниот собир организиран од ВМРО-ДПМНЕ. Така го доживеаја и многумина граѓани со кои успеав да се видам. Вистинска граѓанска лекција за демократија и слобода. Вистинска лекција за политичките повторувачи кои повторно и повторно паѓаат на првата лекција во политиката, на политичката азбука. Со каков талент за политика може да се пофалат овие политички аналфабети кога девет години по ред не можат да ја научат ниту политичката азбука, а камоли нешто повеќе од тоа? Со каква демократија им е наполнета душата кога најмоќниот народен собир во историјата на самостојна и независна Република Македонија го нарекоа собир на овци кои слепо го следат пастирот? Со каква ли слобода им се наполнети срцата кога не најдоа човечка доблест, ниту грам самокритика за да ги натера да ги преиспитаат своите постапки и убаво, длабински да размислат што всушност прават, каде им кинисал умот и како да го вратат назад, на нормалниот демократски колосек? 

Но, она што вистински ми ја наполни душата е што огромното мнозинство граѓани, на сите македонски опозиционери, но и на нивните надворешни сценаристи и поддржувачи, и практично им ја објасни лекцијата по вистинска демократија и по вистинска слобода. Нашите граѓани се нашите татковци основачи на македонската демократија и на македонската слобода. Токму тие од сенародниот собир испратија силна енергија и порака како ја разбираат демократијата и слободата, како од срце се сака Република Македонија, и како од душа се брани интегритетот, суверенитетот и уставниот поредок на земјата. За Република Македонија најважно е што граѓаните знаат, што граѓаните се свесни која е вистинската вистина за Македонија, и како треба здружено и стамено да ја браниме од сите зла кои и надвиснале.

А деновиве нашата татковина ја доживува кулминацијата на сценариото во режија на надворешните сили, а во реализација на неколкумина шизофрени домашни актери и супозитории кои со полна пареа ги одработуваат однадвор дадените задачи за загрозување на државниот интегритет, за директно урнисување на народниот легитимитет и за делегитимирање на државните институции и на уставниот поредок на земјата. 

Република Македонија и нејзините граѓани многу брзо, ако не веќе во текот на оваа или наредната недела ќе бидат соочени со вистинската вистина за Македонија и за сценариото во која е таа вовлечена. Правната разрешница на аферата „Пуч“, проширена и надградена со уште неколку кривични пријави, ќе ја разоткријат целата вистина за срамот и за националното велепредавство во форма и во содржина досега невидена и нечуена во македонската историја. 

А не дека Македонија во својата далечна и блиска историја немала предавници. Предавството од своите како мачна судбина го следи македонскиот народ. Но, разликата меѓу тие и овие е што за последниве сме живи сведоци кои ќе морат да го добијат судски заслужениот одговор. Од сенародниот собир го добија и граѓанскиот одговор на вистински слободарски и демократски начин. 

Правната разрешница на целиов овој мегагига-скандал мора да биде круната на заслуженото. Правната разрешница, многу брзо, ќе открие многу детали и информации кои со правни факти и со правни аргументи ќе ни го покажат предавничкиот срам на една македонска група граѓани која е директно вклучена во оркестрираниот надворешно-внатрешен план за директен атак врз националните интереси, националниот идентитет и територијалниот интегритет на земјата. Пред правните факти, пред правната вистина и боговите би немале друга алтернатива, освен да молчат. Но, во случајов со нашиве пермутирани и лажни „херои“ за слобода и за демократија за каква што современиот свет с` уште нема чуено, подобро е да се одлучат да не молчат, подобро е да ја слушнеме и нивната вистина. Нивната вистина е исто толку потребна колку и правниот суд за да го сосечеме во корен ова зло со цел никогаш повеќе да не се повтори. 

Да се сосече во корен кукавичкиот план во кој главните актери, но и нивните медиумски „силни“ и опасно дрски и налудничави поддржувачи ќе бидат разобличени, соголени и нужно, во духот на слободата и демократијата, ставени на ѕидот на срамот. 

Царот е гол, ќе речеме набрзо. Фарисејот е препознаен и разобличен на идентичен начин како што своевремено Исус тоа го направи. Со зборовите „луѓе-лицемери“ (Матеј 23:13), „слепи луѓе што водат слепи луѓе“ (Матеј 23:16), Исус јасно ги разобличи. Тоа се луѓе, стои во списите, чија што основната страст на нивното постоење била луѓето да ги нарекуваат „учители“ (Матеј 23:7), а тие себе си лажно да се претставуваат како „светло на народот во темнината на незнаењето“, како чувари на капијата на царството небесно. 

Исус натаму ќе каже „сами во тоа Царство не влегувајте, но и не пуштајте ги да влезат оние што сакаат да одат во него“ (Матеј 23:13). Најизопачената од сите душевни страсти кај фарисеите е суетата која тие знаат добро да ја маскираат. Фарисејот е среброљубец. Неговото срце е таму каде што е неговото богатство. Таму е и неговата вера, надеж и љубов. Вистината за фарисеите е што тие со полна уста го возвишуваат Бога, но длабоко во срцето го презираат, го отфрлаат. Во душата на фарисејот постои само еден идол. Идолот „Јас“. Основот на целото негово делување е славата, а средството за доаѓање до славата е лицемерството и туѓата човекова крв. Лицемерството е карактерот на фарисејот, а неговото лицемерство е производ на неговата нескротена суета. 

Исус го препозна лицемерството и злобата на фарисеите. И македонските граѓани ги препознаа...

Тања Каракамишева за ДНЕВНИК

 

 

Оцени ја веста

21.05.2015 - 17:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега