Претседателот Иванов во посета на Азербејџан

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов од денеска ќе престојува во работна посета на Република Азербејџан.

Предвидено е претседателот Иванов да има билатерална средба со претседателот на Азербејџан Илхам Алијев, а ќе учествува и на 3. Глобален форум во Баку „Градење доверба во новиот светски поредок“.

На 3. Глобален форум во Баку, што е во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“, Мадридскиот клуб и Азербејџанскиот државен комитет за работа со дијаспора, предвидено е претседателот Иванов да се обрати на сесијата на отворањето на форумот, заедно со претседателот на Република Азербејџан Илхам Алијев, претседателот на Република Бугарија Росен Плевнелиев, премиерот на Малта Џозеф Мускат, а предвидени се и пораки од канцеларот на Сојузна Република Германија Ангела Меркел и британскиот премиер Дејвид Камерон.

За време на престојот во Баку, претседателот Иванов ќе се обрати и на Меѓународната конференција за човечки развој, во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ и Светската Академија за уметност и науки, а предвидено е да биде потпишан и меморандум за разбирање меѓу Школата за млади лидери на претседателот Иванов и Меѓународниот центар „Низами Ганџави“.

Во рамки на работната посета на Азербејџан ќе биде организиран бизнис форум, на кој ќе бидат презентирани потенцијалите на Република Македонија и поволностите за странски инвестиции, на кој ќе се обрати претседателот Иванов. Во македонската делегација е и Климент Шеќеровски, заменик Извршен директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија.

Во фокусот на 3. Глобален форум во Баку е градењето доверба во новиот светски поредок.  Најавено е учество на над 100 претставници од околу 60 земји во светот и десетици меѓународни организации, како и голем број поранешни претседатели и премиери од целиот свет. 

 

 

Оцени ја веста

28.04.2015 - 09:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега